Најновото истражување за влијанието на загадувањето врз дејството на антибиотиците несомнено претставува предупредување за граѓаните во поголемите македонски градови, особено Скопје и Тетово, кои речиси секоја зима се во светскиот врв меѓу градовите со најголемо загадување на воздухот. Намаленото дејство на антибиотиците поради загадениот воздух може сериозно да се одрази врз здравјето на луѓето, бидејќи бактериските инфекции ќе зачестат, а медицинскиот одговор ќе биде сè послаб
Глобална студија открива нови здравствени ризици од загадениот воздух
Летните месеци се период кога граѓаните забораваат на проблемите со загадениот воздух и престанува секаква дискусија за некакви краткорочни и долгорочни решенија како да се намали загаденоста на воздухот низ македонските градови.
За жал, процентот на загаденост на воздухот во повеќето градови во земјава, особено во Скопје и во Тетово, во текот на зимските месеци е толку висок, што овие два града, понекогаш во друштво и на Битола, се наоѓаат во врвот на светската табела на најзагадени градови.
Голем број студии и истражувања ја утврдија врската на намалениот животен век со загадениот воздух, а една нова глобална студија открива дека загадувањето на воздухот ја зголемува отпорноста на антибиотици.
Ова сознание претставува значајна закана за здравјето на луѓето низ светот, вклучувајќи и во Македонија, бидејќи го намалува интензитетот на антибиотиците во борбата со разни бактериски инфекции.
Анализата, користејќи податоци од повеќе од 100 земји што опфаќаат речиси две децении истражување, покажува дека зголеменото загадување на воздухот е поврзано со зголемената отпорност на антибиотици низ секоја земја и континент. Таа исто така сугерира дека врската помеѓу двете се зајакнала со текот на времето, со зголемувањето на нивото на загаденоста на воздухот, што се совпаѓа со поголем пораст на отпорноста на антибиотици, објави „Гардијан“.
Отпорноста на антибиотици убива 1,3 милион луѓе годишно во светот
„Нашата анализа претставува силен доказ дека зголеменото ниво на загаденост на воздухот е поврзано со зголемен ризик од отпорност на антибиотици“, напишаа истражувачите од Кина и од Велика Британија. Оваа анализа е прва што покажува како загадувањето на воздухот влијае на отпорноста на антибиотици на глобално ниво. Нивните наоди се објавени во списанието „Лансет планетари хелт“.
Отпорноста на антибиотици е една од најбрзорастечките закани за глобалното здравје. Тоа може да влијае на луѓето од која било возраст во која било земја и веќе убива 1,3 милион луѓе годишно, според процените.
Главните двигатели сѐ уште се злоупотребата и прекумерната употреба на антибиотици што се користат за лекување инфекции. Но студијата сугерира дека проблемот се влошува со зголеменото ниво на загаденост на воздухот.
Според авторите, доказите сугерираат дека честичките ПМ2,5 може да содржат бактерии отпорни на антибиотици и гени за отпорност, кои може да се пренесат помеѓу околината и директно да се вдишат од луѓето.
Загадувањето на воздухот веќе е единствениот најголем еколошки ризик за јавното здравје. Долготрајната изложеност на загаден воздух е поврзана со хронични состојби, како што се срцеви заболувања, астма и рак на белите дробови, со што се намалува животниот век.
Краткорочната изложеност на високи нивоа на загадување може да предизвика кашлање, отежнато дишење и напади на астма и доведува до зголемена посета на болници и општи лекари во светот.
Спречувањето на загадувањето на воздухот може да помогне да се намали отпорноста на антибиотици, според студијата, прва длабинска глобална анализа за можните врски меѓу двете. Исто така се наведува дека контролирањето на загадувањето на воздухот може во голема мера да ги намали смртните случаи и економските трошоци што произлегуваат од инфекциите отпорни на антибиотици.
До 2050 година нивото на отпорност на антибиотици во светот би можело да се зголеми за 17 отсто
Водечкиот автор, професор Хонг Чен од универзитетот „Жеџијанг“ во Кина, вели дека отпорноста на антибиотици и загадувањето на воздухот се сами по себе меѓу најголеми закани за глобалното здравје.
– Досега, немавме јасна слика за можните врски меѓу двете, но оваа работа сугерира дека придобивките од контролирањето на загадувањето на воздухот би можеле да бидат двојни: не само што ќе ги намалат штетните ефекти од лошиот квалитет на воздухот туку игра голема улога и во борбата против порастот и ширењето на бактериите отпорни на антибиотици – вели Чен.
Иако воздухот е препознаен како директен пат за ширење отпорност на антибиотици, постојат ограничени податоци за различните патишта по кои гените отпорни на антибиотици се пренесуваат преку загадувањето на воздухот.
Потенцијалните патишта вклучуваат болници, фарми и капацитети за третман на отпадни води што испуштаат и шират честички отпорни на антибиотици низ воздухот, а потоа на големи растојанија.
Досега имаше ограничени податоци за тоа колкаво влијание има загадувањето на воздухот со ПМ2,5 – кое се состои од честички 30 пати помали од широчината на човечко влакно – врз отпорноста на антибиотици на глобално ниво.
Изворите на ПM2,5 вклучуваат патен сообраќај, индустриски процеси и домашно согорување на јаглен и дрва. Податоците покажуваат дека 7,3 милијарди луѓе на глобално ниво се директно изложени на небезбедни просечни годишни нивоа на ПM2,5.
Авторите создадоа обемна база на податоци за да истражат дали ПM2,5 се клучен фактор што ја поттикнува глобалната отпорност на антибиотици, користејќи податоци за 116 земји од 2000 до 2018 година. Изворите на податоци ги вклучија Светската здравствена организација, Европската агенција за животна средина и Светската банка.
Наодите покажуваат дека отпорноста на антибиотиците се зголемува со ПM2,5, при што секој пораст на загадувањето на воздухот од 10 отсто е поврзан со зголемување на отпорноста на антибиотици за 1,1 отсто.
Промените во нивоата на ПM2,5 доведоа до поголемо зголемување на отпорноста на антибиотици во последниве години. Анализата покажува дека отпорноста на антибиотици како резултат на загадениот воздух е поврзана со околу 480.000 предвремени смртни случаи во 2018 година.
Моделирањето на можните идни сценарија покажува дека доколку нема промени во сегашните политики за загадувањето на воздухот, до 2050 година нивото на отпорност на антибиотици во светот би можело да се зголеми за 17 отсто. Годишниот број на предвремени смртни случаи поврзани со отпорноста на антибиотици може да се зголеми на околу 840.000.
Авторите ги признаа ограничувањата на нивната студија. Според нив, недостигот од податоци во некои земји можеби влијаеше на целокупната анализа.
Студијата беше набљудувачка, така што не можеше да се докажат причината и последицата. Идните истражувања треба да се фокусираат на истражување на основниот механизам за тоа како загадувањето на воздухот влијае на отпорноста на антибиотици.
Втората студија објавена во списанието „БМЈ ментал хелт“ покажа дека изложеноста на релативно високи нивоа на загаден воздух е поврзана со зголемена употреба на услугите за ментално здравје во заедницата од страна на луѓе со деменција. Долгорочната студија се фокусираше на голема површина на Лондон со густ сообраќај. Р.Е.