Фото: Игор Бансколиев

Истражувањето покажува дека изложеноста на луѓето на десет микрограми 2,5 честички на кубен метар е поврзана со зголемување на насилното однесување за 1,4 процент

НАУКАТА ЈА ИСТРАЖИЛА ПОВРЗАНОСТА НА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО И КРИМИНОГЕНОТО ОДНЕСУВАЊЕ НА ЛУЃЕТО

Дека загадениот воздух има негативно влијание врз човековото здравје е неоспорен факт. Неговото целокупно лошо дејство врз човекот не е само од здравствени причини. Со оглед на тоа што урбанизацијата на големо го зема својот данок, особено во големите градови, а науката е жедна за нови истражувачки теми, се покажало дека големото аерозагадување на големите градови негативно влијае и на однесувањето на луѓето. Со еден збор кажано, загадениот воздух ги прави луѓето агресивни, а маглата е секогаш посакувана од страна на криминалците, кои низ неа како „духови“ ги реализираат замислените криминални дела.Продолжение од стр. 1

ПМ-ЧЕСТИЧКИТЕ КАКО ПОТТИКНУВАЧ

Досега веќе знаеме за катастрофалните ефекти од емисиите на стакленичките гасови. Нашиот воздух секојдневно го „зачинуваме“ со најмалку десет пати повеќе загадувачки честички отколку што тоа го правеле луѓето во минатиот век. Исто така, докажано е дека загадувачите на мала надморска височина, како јаглерод моноксид, азот диоксид, сулфур диоксид и олово, ја прават астмата потешка и честа, предизвикуваат рак на белите дробови и претставуваат водечки фактор за кардиопулмонална смрт. На пример, загадувањето на воздухот сега е и водечка причина за смрт во Индија.
Скопје и уште неколку града од нашата земја веќе десетина години имаат сериозен проблем со загаденоста на воздухот. А токму деновиве граѓаните се соочуваат со животозагрозувачка загаденост.
И додека сите зборуваат за здравствениот импакт од загадувањето на воздухот, никој не обрнува внимание за тоа како тој влијае врз однесувањето на луѓето и криминалот. Заклучокот од низа студии направени токму на оваа тема вели дека дишењето загаден воздух може да ги направи луѓето агресивни.
Според истражувањата направени од научниците на Државниот универзитет на Колорадо, постои силна поврзаност помеѓу краткотрајното изложување на загаден воздух и агресивното однесување. Тоа кај луѓето се манифестирало со искажување навреди, но и со манифестирање насилен криминал.
Истражувачите анализирале многу збирки на податоци, меѓу кои е и дневната криминална активност, која ја следеле преку националниот систем за пријавување инциденти, управуван од Федералното биро за истраги; следење на дневното загадување од 2006 до 2013 година од системот на Американската агенција за заштита од загадување и користење податоци на дневна основа за шумски пожари од системот за следење на атмосферата.
Загадувањето вообичаено се мери преку концентрациите на ПМ 2,5 во озонот. Дури 83 проценти од насилните однесувања што се случиле се наоѓале во базата за криминално однесување на ФБИ. Во студијата е анализирано дали тие криминогени дејства се случиле во домовите или надвор од нив. Истражувачите откриле дека 56 проценти од насилното однесување и 60 проценти од насилствата се случиле во домашни услови, што е показател дека домашното насилство се зголемува во услови на загаден воздух.
Истражувањето покажува дека изложеноста на луѓето на десет микрограми 2,5 честички на кубен метар е поврзано со зголемување на насилното однесување за 1,4 процент. Научниците исто така откриле дека секојдневната изложеност на загаден воздух го зголемува домашното насилство за 1,15 процент.
– Зборуваме за насилство што не мора да биде физичко – истакна Јуда Бајхам, еден од авторите на истражувањето.
Според него, кога луѓето се изложени на поголемо загадување на воздухот стануваат поагресивни, па, така, доколку за некои работи биле толерантни во услови кога воздухот не бил загаден, кога се изложиле на загадување, нивото на толеранција им опаднало.

Второ истражување по истата основа, речиси идентични и
потврдени резултати

Истражувачите ги зеле предвид и временските услови што би можеле да дадат објаснување за ваквото однесување на луѓето. Покрај временските услови, предвид ги зеле и топлотните бранови, нивото на влажност во воздухот, врнежите, но и многу други фактори. Тоа е она познато биометео, кое објаснува какви последици ќе имаат временските услови на расположението и здравствената состојба на луѓето. Во тие случаи најчесто се јавуваат главоболка, нервоза, непријатност и болки во телото. Меѓутоа сите тие, во комбинација со загадувањето, на некој начин претставуваат „активирач на бомба“.
Тим научници од Универзитетот во Минесота направиле слично истражување и нивните резултати не се разликуваат од оние на колегите од Универзитетот од Колорадо. Во нивното истражување користеле податоци од различни сектори и со различни статистички техники, но резултатите биле речиси идентични.
Ова истражување користело податоци поврзани со загадувањето на воздухот со поддршка од епидемиолозите, кои се обидувале да ги пронајдат врската и влијанието на загадениот воздух врз здравјето на луѓето. Загадувањето на воздухот било толку големо што кај еден од истражувачите предизвикувало чувство на фрустрација. Токму тоа и било причина за почнување ваков вид анализа.
Лидерот на истражувањето Џес Букхард истакна дека сакал да утврди дали дишењето загаден воздух влијае на однесувањето на луѓето. Моделот на загадување што го направиле научниците со точни и детални мерења на ПМ-честичките дал фасцинирачки, па дури и застрашувачки резултати.
– Кога има сѐ поголемо загадување на воздухот, специфичното криминално однесување расте, а тоа е домашното насилство – нагласи Џеф Пирс, еден од авторите на истражувањето.
Економистите што биле дел од истражувањето успеале да пресметаат дека со редуцирањето на ПМ 2,5 за десет проценти би заштедиле 1,1 милион долари трошоци предизвикани од криминалот на годишно ниво, што всушност се трошоци предизвикани и настанати како последица од загадувањето на воздухот.
Веднаш по ова истражување, научниците почнале да се занимаваат со импликациите на загадениот воздух врз играчите на шах, што всушност ќе значи дека резултатите ќе покажат дали загадениот воздух влијае на бистрината на умот кај луѓето.


Смогот и маглата како сојузник на криминалците

Густата магла и смог и она кога „прст пред око не се гледа“ се најдобредојдени за криминалците. Ако загаденоста влијае на агресивното однесување на луѓето, тогаш густата магла придонесува за зголемување на „златните услови“ за извршување разни кривични дела од страна на криминалците.
Науката со свои истражувања покажала дека на секој извршител на кривични дела (на пример на провални кражби) што сака да влезе во нечиј дом да краде, да обие возило или, пак, да изврши какво било дело спротивно на законот, маглата и смогот му се добредојдени, бидејќи влијаат на видливоста. Маглата и смогот се моќен сојузник за криминалците и во комбинација со ноќта, според статистичките истражувања, се идеална шанса за реализација на секакви кривични дела.