Придобивките од Преспанскиот договор, односите со Грција денес, како и ставот на опозицијата за името Северна Македонија, беа темите на кои се осврна поранешниот премиер Зоран Заев во интервју за грчкиот весник „Катимерини“.
Тој вели дека сега, анкетите ја покажуваат Грција како еден од петте најдобри пријатели на Македонија, додека пред Преспанскиот договор, таа беше еден од нашите три најголеми политички непријатели.
– Денес, многу се радувам кога гледам семејства како меѓусебно комуницираат, се посетуваат, доаѓаат на пазарење, за медицинска нега, на пример на стоматолог. Ние доаѓаме на кафе, на храна, на шопинг, особено во Солун. Како политичар многу често сум во Грција, бидејќи моите деца учат во Солун и запознавам многу луѓе. Сите се толку љубезни, а има и такви кои велат, господине Заев, јас сум против Преспанскиот, но вие сте добар човек. Затоа, ајде да работиме заедно – рече Заев.
Поранешниот премиер се заблагодари на грчката влада како за помошта што и ја понуди на неговата земја за време на пандемијата, така и за поддршката за НАТО и европската перспектива. Вели дека е очигледна разликата во односите, а луѓето ги виделе придобивките од договорот.
– Нашите земји и порано имаа некаква економска соработка. Но, сега, после Преспа, се’ е отворено. Во Северна Македонија беа направени многу инвестиции од Грција, особено во енергетиката, додека во периодот на коронавирусот, Грција ни помогна со тоа што ни обезбеди вакцини. Сега градиме заеднички енергетски пазар и се обидуваме да бидеме отпорни и подобро подготвени за идните енергетски кризи. Ние сме мал регион и ако работиме заедно, навистина ќе бидеме посилни – рече Заев.
Тој во интревјуто кажа дека некои десничарски партии сè уште не го прифаќаат ново име, но сега е во нашиот Устав и ќе го почитуваат.
– Знам дека што и да се случи во Северна Македонија во иднина, Уставот мора да се почитува. Дури и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски јавно коментираше дека нема враќање назад. Затоа мора да продолжиме во иднина. Како што тогашната грчка опозиција беше против, денес како влада наоѓа начини и ја продолжува соработката, бидејќи никој не сака да уништи нешто што е од корист за двете страни – рече Заев.
Говорејќи за ВМРО-ДПМНЕ, Заев додаде дека без разлика дали ќе останат во опозиција или ќе станат власт, во одреден момент тие прво мора да го почитуваат нашиот Устав, бидејќи Уставот е најголемиот правен акт во државата.
Заев верува дека најдоцна до 2030 година Македонија ќе биде земја членка на ЕУ.