Еден дел од водачите на македонското револуционерно движење, особено Јане Сандански и Петар Поп Арсов, се залагал за зачувување на Македонија, односно спречување на нејзината поделба или освојување од страна на балканските држави, но и зачувување на македонското национално ткиво преку култивирање на македонската национална свест и афирмација на македонскиот јазик во наставата
Од историските архиви
На 22 јули 1908 година, младотурците ја преземаат власта во Битола и ги ослободуваат сите политички затвореници. Следниот ден во Битола, Скопје и во Солун бил прогласен уставот од 1876 година, а османлискиот султан Абдул Хамид бил принуден да го прифати. Со овој чекор се видоизменува политичката ситуација во Османлиската Империја, вклучително и во Македонија. Еден дел од водачите на македонското револуционерно движење, особено Јане Сандански и Петар Поп Арсов, одлучува дека треба да се дејствува на легален и политички начин. Притоа тие се залагале за зачувување на Македонија, односно спречување на нејзината поделба или освојување од страна на балканските држави, но и зачувување на македонското национално ткиво преку култивирање на македонската национална свест и афирмација на македонскиот јазик во наставата.
Јане Сандански е против секаква врска со Бугарија и на секој
начин ги одбива нејзината помош и нејзината директива
Со објавувањето на слободата, еден дел од водачите на македонското револуционерно движење одлучил дека македонското прашање може да се реши во рамките на демократизирана Турција. Во овој правец е и Манифестот до сите народности во империјата, лично потпишан и прочитан од Јане Сандански. Во него меѓу другото било истакнато: „Сонародници, Вие, кои сте дале толку скапи жртви пред олтарот на слободата, можете радосно да здивнете. Сега вие не сте сами – ете зошто и вашата борба станува полесна и понадежна. Со заедничките усилби на сите народи ние ќе ја извојуваме нашата слобода. Не подавајте им се на престапната агитација која можеби ќе ја поведат официјалните власти во Бугарија против вашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција којашто се стреми кон слобода“.
Во деновите на објавувањето на манифестот, Павел Делирадев, близок соработник на Сандански, одржал говор, тврдејќи дека непријатели на слободата на народот се „султанот, кралот Петар, кралот Ѓорѓи и кнезот Фердинанд“. Во овој период, Јане Сандански во Солун имал интервју со Бранислав Нушиќ за српскиот весник „Политика“. На прашањето за новонастанатата политичка состојба, Сандански одговорил: „Идниот живот на малите народи е без никаков услов… И Бугарија и Србија во досегашната работа правеа грешки затоа што се раководеа од своите најтесни интереси. Нив во работата не им беше главна цел да го ослободат овој народ овде, туку нивните себични интереси, проширувањето на нивните држави. После овие случувања, тие ќе останат таму каде што се, а ние овде ќе создаваме Татковина“. Во понатамошниот дел од интервјуто, Нушиќ запрашал: „Се разбира, ова помилување доколку се однесува за вас и г. Паница, важи само за Турција. Вие во Бугарија не смеете?“, на ова прашање Сандански одговорил: „Во Бугарија не смеам! Меѓутоа и не ми треба“.
За активностите на Јане Сандански во овој период дознаваме и од српскиот дипломатски претставник во Софија – Светислав Симиќ. Тој во својот извештај од 22 јули 1908 година истакнува: „Сандански, под влијание на социјалистичкото учење, се бори против апсолутистичкиот режим во Турција и сака во таа борба да ги обедини сите народносни елементи кои трпат од овој режим… за да може што посигурно да успее преку парламентарниот режим во Турција да создаде една федеративна држава. Поради тоа, тој е апсолутно против секаква врска со Бугарија и на секој начин ја одбива нејзината помош и нејзината директива“.
Култивирање македонска национална свест
По воениот удар на младотурците, македонското револуционерно движење, особено групата околу Сандански и Петар Поп Арсов, имало јасна македонска национална платформа. Притоа тие се залагале за зачувување на македонското национално ткиво од пропагандите на соседните држави, оттука активностите биле насочени кон образованието и училиштата во Македонија. Напишаното се потврдува од неколку историски извори и документи.
Во овој правец е и пишувањето на Елефтериос Ставридис, кој во својата книга „Зад кулисите на КПГ“ вели: „Сандански, по потекло од Пиринска Македонија, им припаѓаше на таканаречените словеногласни Македонци. Тој тврдеше дека како што се ослободија од турскиот јарем грчката нација, српската и бугарската, дојде часот да се ослободи и македонската нација. За да Македонија стане цела и сосем независна држава, Сандански проповедаше дека сите жители, без исклучок, не се ниту Бугари, ниту Грци ниту Куцовласи, макар и да зборуваат на македонски славјански дијалект како и самиот тој, или на грчки или на куцовлашки идиом, сите жители на Македонија се чисти Македонци, потомци на античките Македонци на Филип Втори и на Александар… Сандански, заедно со Делчев, и двајцата пионери на Илинденското востание од 1903… стана опасен за Бугарија. Бугарските шовинисти решија да го ликвидираат бидејќи неговите проповеди не им одеа во прилог, зошто тој се противеше на присоединувањето на Македонија кон Бугарија. Тој го спречуваше славофонското население на Македонија да се смета себеси за бугарско и култивираше македонска национална свест. И неговото ликвидирање, преку подмолно убиство, всушност, беше извршено од страна на Бугарите…“.
Во овој контекст е пишувањето на Родолофо Фоа во весникот „Л’Италиа ал’естро“, каде што можеме да прочитаме дека Јане Сандански го проповедал следното: „Македонците ќе ја ослободат Македонија без мешање на соседните држави: во Македонија не треба да има ниту Бугари, ниту Грци, ниту Срби, ниту Романци, ниту Турци, туку само Македонци“.
Сандански имал и интервју со д-р Владимир Бурилков, дописник на бугарскиот весник „Дневник“. Во разговорот со новинарот, Сандански истакнал дека групата околу весникот „Илинден“, предводена од Петко Пенчев, е надворешна пропаганда и дека овие луѓе се агенти на Бугарија. Според Сандански, Бугарската егзархија денес е орудие на Бугарија – една пропагандна институција. При сегашната нова ситуација, нејзе треба да и се забрани да добива супстидии од Бугарија, а училишниот оддел да се претвори во одделение на турско државно министерство за просвета. Сандански исто така забележал дека „Училиштата треба да бидат државни и во новата држава ќе има религиозна толеранција“.
Афирмација на македонскиот јазик во образованието
По Младотурската револуција, македонските дејци се стремат кон воведување на македонскиот јазик во училиштата, ова се потврдува од разни извори. Особено се интересни податоците што ги дознаваме од написот на д-р Карло Блинд, објавен во лондонскиот „Пал мал газете“ на 5 јули 1905 година. Карло Блинд ги застапувал бугарските погледи за решавање на македонското прашање, тој ги анализира и ги критикува македонските определби на Јане Сандански.
Оттука, Блин пишува: „Двата востанички комитети меѓусебно се уништуваат. Цончев го предводи врховистичкиот, а Сандански централистичкиот комитет, односно Внатрешната организација. Сандански се претставува како единствен претставник – Македонец. Тој си поставил за цел од Македонија да создаде независна држава, која единствено би можела да влезе во составот на балканска федерација, кога таквата сомнителна творба еднаш би се создала. Цончев, од своја страна се стреми да создаде бугарска автономна Македонија, која потоа би се соединила со Кнежеството Бугарија“. Според Блинд, идејата на Јане за независна Македонија „била неоправдана бидејќи во Македонија живееле: Грци, Срби, Албанци, Бугари и Романци, а секој од нив си има свој јазик. Залудно е Македонскиот комитет да се обидува да создаде јазик единствен за сите“. Според Блинд, „Учените од Комитетот на Сандански создаваат граматика на македонски јазик како јазик на целата област. Дијалектот на Битолскиот вилает се зел за основа на тој нов experanto. Новиот македонски јазик требало да ги истисне српскиот и бугарскиот јазик кој се зборувал во Бугарија и Србија“.
Во овој правец се и пишувањето на весникот „Дневник“ и статијата „Сандански и Грците“, каде што се пренесуваат фрагменти од грчкиот весник „Кери“, во кој од грчки агол се истакнати повеќе ставови на Јане Сандански.
Во бројот од 1 август 1908 година, пишува дека Сандански е носител на голема идеја што требало да им го привлече вниманието на Грците. Тој секогаш се борел за слободата на Македонија, а никогаш не настојувал да работи за Санстефанскиот договор. Според „Кери“, Сандански објавувал прокламации во кои ги исмевал самите „славјаногласни Македонци“, кои се стремат за присоединување на македонските земји кон Бугарија. Грчкиот публицист Тасос Костопулос во своето дело „Забранетиот јазик“ истакнал дека Народната федеративна партија на Сандански и Влахов барала одделување на словенските училишта од контрола на егзархијата“ и нивно ставање под државна контрола, а истовремено се работело кон воведување на „славомакедонскиот како наставен јазик“.