Од презентацијата на Правниот факултет „Јусинијан Први“ во Скопје

За првпат е спроведено сеопфатно истражување поврзано со Хрватите во Република Македонија, истражување што ќе послужи во креирањето на идните политики поврзани со хрватската заедница во македонската држава. Целото истражување на проектниот тим и надворешните соработници ќе биде обработено и објавено во книгата „Зборник на трудови“. Проектот е финансиран од Централниот државен завод за Хрватите надвор од Република Хрватска

Презентација на научно истражување

На свеченоста што се одржа на 17 јуни во свечената сала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје беше презентиран извештај за проектот „Социјални, културни и демографски одредници за зачувување и промовирање на националниот идентитет на Хрватите во Република Македонија“. Носител на проектот е институтот за општествени науки „Иво Пилар“ од Загреб, во соработка со хрватската заедница во Република Македонија. На свеченоста поздравни говори одржаа проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет, хрватската амбасадорка во Македонија, г-ѓа Нивес Тигањ, в.д. претседателот на Заедницата на Хрватите во Македонија, Јосип Туниќ, како и д-р Дражен Живиќ, заменик-директор на институтот за општествени науки „Иво Пилар“.
На свеченоста се обрати и г-ѓа Нивес Тигањ, хрватската амбасадорка во Македонија, која истакна дека овие активности се потврда за блискоста на Хрватска и Македонија, како и блискоста на хрватскиот и македонскиот народ.
– Добиваме нови информации колку двете држави се поврзани во сите аспекти. Овој научен аспект е посебен. Секоја чест, ѝ честитам на хрватската заедница и ја поттикнувам да ги искористи финансиските средства што ги одвојува Централниот државен завод за Хрватите надвор од Република Хрватска. Овој проект е резултат на таа поддршка, проект што е потврда дека во овој сегмент постои поврзаност помеѓу нашите држави. И на денот на одбележувањето на хрватската државност, во мојот говор истакнав дека односите помеѓу двете држави не датираат само од почетокот на 1990-тите години, од воспоставувањето на дипломатските односи, туку се протегаат длабоко во минатото – рече г-ѓа Нивес Тигањ, хрватската амбасадорка.
Пред присутните се обрати и Јосип Туниќ, в.д. претседател на хрватската заедница во Македонија, истакнувајќи дека нивните активности се насочени кон поттикнување и развој на хрватските национални чувства кај припадниците на хрватскиот народ што живеат во Македонија. Според него, споменатото истражување е резултат на заеднички напори и како заедница одлучиле акцентот да го стават на истражувања што ќе донесат бенефиција за сите членови на заедницата.

– Ова истражување ќе ни овозможи значаен увид и ќе помогне во мапирање на клучни теми – рече Јосип Туниќ.
Свое свечено обраќање имаше и д-р Дражен Живиќ, заменик-директор на институтот за општествени науки „Иво Пилар“, кој рече дека подготвил текст на македонски јазик со кој сакал да се обрати, но се откажал затоа што увидел дека сите добро се разбираат, иако не зборуваат сите на македонски јазик. Тој ѝ се заблагодари на хрватската заедница во Македонија, укажувајќи дека без нивната поддршка проектот немало да биде спроведен успешно. Тој исто така му се заблагодари и на проф. д-р Гоце Наумовски, но и на сите други што го помогнале проектот, како и на проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет, не само поради овој настан туку и за сета отвореност за соработка.
Презентацијата на извештајот од истражувањето ја започна д-р Дражен Живиќ, проект-менаџер, кој ги презентираше активностите, обработените проекти и објавените книги на институтот за општествени науки „Иво Пилар“ од Загреб. Врз основа на анкетата составена од учесниците на споменатиот тим и испратена до заедницата на Хрватите на пополнување, беа обработени голем број податоци презентирани од д-р Ивана Бендра. Д-р Сандра Цвикиќ од институтот „Иво Пилар“, членка на проектниот тим, даде осврт на периодот од осамостојувањето на Република Македонија, нејзината транзиција, законите и правата на Хрватите во Македонија и другите етнички заедници.
Ова истражување ќе послужи во креирањето на идните политики поврзани со хрватската заедница во македонската држава. Модератор и наедно член на проектниот тим беше проф. д-р Гоце Наумовски, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Целото истражување на проектниот тим и надворешните соработници ќе биде обработено и објавено во книгата „Зборник на трудови“. Проектот беше финансиран од Централниот државен завод за Хрватите надвор од Република Хрватска. Д.Ст.


Хрватите во Република Македонија

Хрватите во Република Македонија живеат во градовите Скопје, Битола и Штип, а во помал број во градовите од централна и источна Македонија, Куманово, Охрид и Тетово. Како чекор во градењето посилни и поинтензивни односи, во 2007 година беше потпишан Договорот за заштита на правата на хрватското малцинство во Република Македонија и на македонското малцинство во Република Хрватска. Со потпишувањето на споменатиот договор се обезбедува основа за квалитетно остварување на сите малцински права на Хрватите во Република Македонија и Македонците во Република Хрватска, врз основа на која е основан Меѓувладиниот мешан комитет за заштита на малцинствата меѓу Република Хрватска и Република Македонија. Третата седница на Меѓувладиниот мешан комитет се одржа во јуни 2018 година во Скопје, а потоа во редовно време се одржа четвртата седница на ММО на 8 јули 2019 година во Загреб.
Врз основа на Законот за односите на Република Хрватска со Хрватите надвор од Република Хрватска, Владата на Република Хрватска донесе одлука за формирање и именување членови на советот на Владата на Република Хрватска за Хрватите надвор од Република Хрватска, чија конститутивна седница се одржа во декември 2017 година, а претставник на хрватското малцинство од Македонија во ова второ свикување на советот е Ненад Живковиќ. Најголем број Хрвати вклучува Заедницата на Хрватите во Македонија со седиште во Скопје, основана во 1996 година, а има подружници во Битола, Куманово, Охрид, Струга и Штип. Македонско-хрватското друштво „Хрватски културен центар Марко Марулиќ“ со седиште во Битола е основано во 1993 година, а во Македонија работат уште неколку хрватски здруженија и хрватско-македонски друштва. Целта на сите здруженија е да им дадат поддршка на Хрватите во Македонија во зачувувањето на хрватскиот јазик, националната историја и култура и негувањето на хрватскиот национален идентитет.
На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, лекторат по хрватски јазик е формиран во 1998 година. Од учебната 2009/2010 година Министерството за наука и образование на Република Хрватска назначува наставник по хрватски јазик, кој одржува настава во просториите на македонските јавни училишта во Скопје, Битола, Куманово и Тетово.
Заедницата на Хрватите во Македонија го издава неделниот весник „Хрватска ријеч“ на хрватски јазик. Католичката црква во Македонија е активна од почетокот на 20 век, во ранг на епархија. Цркви има во Скопје, Битола, Охрид и Струмица и во Гевгелија, каде што живеат католици од источен обред под патронат на скопската епархија.