Во изминативе неколку децении може да се забележат обиди за историски ревизионизам, кои во суштина се политички ревизионизам. Студената војна остави наследство од двојни стандарди во однос на 1945-та, годината на поразот на нацизмот во Европа и на јапонскиот империјализам во Азија. Западните сојузници направија отстапки за (менталната) интеграција на поранешните противници во нивниот безбедносен систем. Обидот за релативизација на германската одговорност за двете светски војни има своја традиција, која е постара од времето на овие неодамнешни годишнини, 100 години од Версај и 75 години од победата над фашизмот

Еден подолг период има обиди за политичка ревизија на историјата, а ова е особено забележливо и околу борбата против фашизмот и нацизмот во Втората светска војна. Одредени политичари и интелектуалци се обидуваат да ги релативизираат историските настани и личности, а честопати поради политички причини се обидуваат да ја видоизменат историјата со намера да провлечат одредени агенди. Доколку се земе предвид дека историјата како наука го проучува минатото, односно историските настани, како што е Втората светска војна, тогаш таа на најдиректен начин ни овозможува да извлечеме поуки од минатото, но и да избегнеме катастрофални грешки како што беа разорните две светски војни. Повеќемина историчари, професори и експерти нагласуваат дека е опасно да се релативизираат нештата во историјата, бидејќи на тој начин не ја осознаваме реалноста и се доведуваме до заблуда. Не познавајќи го минатото, односно причините и последиците од некој историски настан, како што е Втората светска војна, можеме да се соочиме со нова катастрофа од светски размери.

Нови пројави на фашизмот

Доколку внимателно се проследат нештата, очигледно е дека постојат политички ставови што наликуваат или се идентични со оние на фашизмот и нацизмот. Понекогаш овие заживувања на фашизмот се затскриени, но понекогаш и јавни. Понекогаш приврзаниците на фашизмот се пројавуваат како наводни борци за човекови права, нешто што беше видливо во војните при распадот на Југославија, но и денес во воениот конфликт во Украина. Токму во овој контекст, д-р Миле Бјелајац, научен советник, историчар и политиколог, дава современ, опиплив и реален пример, при што предупредува дека „Азов“ или „Десен фронт“ се директни протагонисти на наследството на Бандера и нацистичките соработници. Исто така, тој ги опсервира примерите во балтичките земји, по оваа основа. Имено, се слават поранешните формации на СС и нивната борба на страната на нацизмот, додека се уриваат споменици што нè потсетуваат на епот од Патриотската војна и паднатите војници на Црвената армија, вели Бјелајац.
– Дали убиствата и прогоните на етничка основа што се случија по 2004 или 2014 година, а кои не наидоа на соодветен одговор од активистите за човекови права, се знаци на тоталитаризам или нацизам, треба секој сам да заклучи – нагласува д-р Миле Бјелајац.
Во овој контекст треба да потсетиме дека нашиот весник „Нова Македонија“ опширно пишуваше за обидите за рехабилитирање на Џафер Дева, преку реставрацијата на неговата куќа. Повеќемина универзитетски професори, историчари и меѓународни претставници нагласија дека ова во суштина е манифестација на екстремниот албански национализам, иредентизам, ревизионизам и историски негационизам, нешто што е спротивно од вредностите на Европската Унија и меѓународната пракса. Контроверзиите околу Џафер Дева започнаа во февруари 2022 година кога беше објавено дека Програмата за развој на Обединетите нации (?!) и Европската Унија (?!) ќе помогнат во финансирањето за реставрирањето на куќата на Џафер Дева во Митровица. Одлуката беше од некого и осудена, како на пример Јоерн Роде, германски амбасадор во Косово, како и Ефраим Зуроф, директорот на центарот „Симон Визентал“. Под притисок на критиките, Програмата за развој на Обединетите нации и Европската Унија ги повлекоа средствата, потсетуваат на тогашните информации нашите соговорници.

Обиди за видоизменување на историјата

Во изминативе неколку децении може да се забележат обиди за историски ревизионизам, кои во суштина се политички ревизионизам. За оваа проблематика, д-р Миле Бјелајац вели дека Студената војна остави наследство од двојни стандарди во однос на 1945-та, годината на поразот на нацизмот во Европа и на јапонскиот империјализам во Азија. Западните сојузници направија отстапки за (менталната) интеграција на поранешните противници во нивниот безбедносен систем. Обидот за релативизација на германската одговорност за двете светски војни има своја традиција, која е постара од времето на овие неодамнешни годишнини, 100 години од Версај и 75 години од победата над фашизмот, вели Бјелајац.
– Студената војна, исто така, фаворизираше други форми на ревизија. Од средината на 1960-тите, започна релативизацијата на општоприфатените процени за причините за Втората светска војна. Коренот на појавата на германскиот нацизам беше „пронајден“ како одговор на болшевизмот, „не помалку злобен“. Во средината на 1980-тите, историчарот Ернест Нолте ќе ги дополни своите претходни изјави во книгата „Европска граѓанска војна 1917–1945: Националсоцијализам и болшевизам“.
– Заедно со изедначувањето на нацизмот и сталинизмот беше спроведена и мека ревизија на холокаустот – вели Бјелајац.
Според д-р Миле Бјелајац, доколку вклучиме малку иронија, во борбата против болшевичката закана (според Нолте, „егзистенцијална закана“), Хитлер прво ја анектира независна Австрија, ја распарчува демократска Чехословачка, ги напаѓа „болшевичките“ скандинавски земји, „болшевичката“ Западна Европа и Балканот. Италија ја напаѓа „болшевичката“ Етиопија, потоа Египет, а Јапонија ги освојува „болшевичките“ азиски земји. Хитлер не склучува сојуз со демократиите против болшевизмот, туку го користи како изговор за согласност и „смирување“ на британските и француските конзервативци, полските и романските десничари и унгарските реваншисти.
– Кога на Нолте му беше доделена наградата „Конрад Аденауер“ во 2000 година, канцеларката Меркел не присуствуваше на церемонијата. Таа самата го одликуваше вториот херој од ревизијата – Кристофер Кларк – вели Бјелајац.

На овие пројави на историски (политички) ревизионизам беше сведок и македонското општество

На овие пројави на историски (политички) ревизионизам беше сведок и македонското општество кога беа направени обиди за оживување на балистите преку релативизирање на нивната идеолошка матрица и нивно промовирање како албански национални херои, потсетуваат нашите соговорници. Ваков пример беше преименување на една од скопските улици според Сул Хотла, односно Суљо Отља, воен командант на „Бали комбетар“ и борец против антифашистичкото движење. Во овој правец се и обидите за рехабилитирање на бугарскиот генерал Христо Луков на софиските улици. Добро упатени велат дека овој пример потврдува дека во бугарското општество одредени групации се залагаат за политички ревизионизам, нешто што е поттикнато од неонацистичката идеологија во бугарското општество.
По падот на Берлинскиот ѕид, одредени политичари, интелектуалци и историчари започнаа со релативизирање на одредени настани и личности. Затоа сме сведоци на формулациите дека албанските балистите и „Бали комбетар“ се антикомунисти, хрватското усташкото движење е антимарксистичко или дека Милан Недиќ е „српска мајка“, притоа намерно се изоставуваат изразите фашизам и нацизам. Слично се случи и во македонското општество, кога се рехабилитираа одредени историски личности, како што е Ванчо Михајлов, заклучуваат нашите соговорници. Д.Ст.


Историската дистанца и генерациската смена се алатки со кои се служат историските ревизионисти

Да не се заборави кој се бореше против фашизмот!

Обидите за релативизирање на значењето на победата над фашизмот, како и политичкиот ревизионизам, придонесуваат за различни пристапи кон одбележувањето на Денот на победата и за занемарување на сеќавањето на некои што најмногу придонесоа за победата. За оваа проблематика, д-р Миле Бјелајац вели дека новата студена војна што беснее се користи за демонизирање и дехуманизирање на идните противници, со што се постигнува иден консензус меѓу домашната јавност за каков било вид бруталност против еден народ или други земји. Така беше пред 1914 година, така беше пред 1939 година, последиците се познати.
Според него, денес се користи и – генерациската смена!
– Има сè помалку луѓе што се сеќаваат на добредојдето и средбите со ослободителите. Има сè помалку и помалку од оние што, како затворениците во логорот, чекаа ослободување, слушајќи го приближувачкиот гром на топовите. Тие не правеа разлика меѓу ослободителните војници. Тие добро знаеја што е ропство и смртна казна од страна на нацистичкиот режим – нагласува Бјелајац.
– Во Берлин, советските, руските и белоруските знамиња се забранети денес за време на прославите по повод победата над нацизмот. Во Украина се уриваат споменици од Патриотската војна, како некој да се срами од улогата на самите Украинци во тој еп, но Бандера и следбениците на Бандера се слават – вели д-р Миле Бјелајац.
Сличен е примерот и со пројавите во бугарското општество, односно бугарската страна не сака да се соочи со своето минатото и се обидува да ги релативизира македонското народноослободително движење и антифашистичката борба на македонскиот народ. Проблематични се и некои од бугарските ставови за холокаустот и царска Бугарија, односно негирањето за учеството на Софија во него. Ова се потврдува и од искажувањето на Ангел Димитров (од мешаната македонска-бугарска историска комисија) дека Бугарија е единствената земја во Европа што, од една страна, беше сојузник со нацистичка Германија, но не подлегна под нејзиниот притисок и ги спаси сите свои Евреи. Овој став на актуелниот копретседател на историската комисија беше критикуван и од бугарските историчари, како што беше искажувањето на Димитар Атанасов од Институтот за етнологија при Бугарската академија на науките.
– Да се тврди дека институциите се невини кога депортацијата била извршена со потписи на бугарски државници е манифестација на идеолошки мотивирано слепило. Не можеме да кажеме дека тревата не е зелена – рече Димитар Атанасов.

Заборавањето на историјата може да доведе до нова светска војна

Историјата како наука во суштина го изучува минатото, а преку изучување на историските настани можеме да извлечеме поука и да избегнеме катастрофи, како што беше Втората светска војна. Но преку обидите за политичка ревизија на историјата се доведуваме да го заборавиме минатото и да се доведеме во ситуација на нова светска војна. За оваа проблематика, д-р Миле Бјелајац вели дека сме сведоци на повторување на праисторијата на Првата светска војна. Постојат два доминантни фактора: од една страна, нескротлива желба за апсолутна доминација во светот, а од друга страна, што е уште поопасно, погрешна пресметка на сопствените воени способности и способностите на противниците, на патот кон докажување или враќање на кредибилитетот на (големата) сила, а со тоа и остварување на проектот за доминација преку закани и уцени на послабите држави. Големите сили низ историјата, па дури и денес, имале ваква потреба. Обновувањето на неуспешниот проект од 1914 година доведе до избувнување на Втората светска војна кон крајот на 1930-тите.
– Неуспехот да се разберат овие трајни постулати на геополитиката и историските факти би можел да нè доведе до исчезнување на цивилизацијата – нагласува Бјелајац.
Првата светска војна беше посакувана од едната страна и свесно поттикната од неа, а не, како што тврдат некои ревизионисти, дека избувна како резултат на чисти случајности каде што сите се еднакво одговорни. Германија, на која ѝ беше потребна „превентивна војна“ за да диктира нови услови во светот, брзаше што поскоро да отвори фронт на исток, сè додека царска Русија не ги заврши своите воени реформи и железничката мрежа и со тоа не стане респектабилна пречка. Исто така, беше потребно да се престигнат француските реформи и зајакнувањето на нејзината воена моќ. Германија погрешно ги проценила отпорот на Франција и ставот на Велика Британија кон можна војна. Таа ја притисна Австро-Унгарија да предизвика војна со цел да добие изговор за голема пресметка. И двајцата знаеја со 90 проценти сигурност дека Русија нема да дозволи рамнотежата на Балканот дополнително да се наруши и угледот на силата да биде нарушен со анексијата во 1908 година, вели д-р Миле Бјелајац.
Според него, повторените обиди на Русија да преговара за нови услови за мир и стабилност во Европа во 2021 година не наидоа на позитивен одговор, како и сите обиди во 1914 година, не само од Русија туку и од Велика Британија. Значи, некој во наше време сакал воен конфликт. Конфликт како оној што беше избегнат во слична ситуација во Куба во 1962 година.
Бјелајац исто така нагласува дека, денес, меѓу професорите и високоинформираните современици на Запад постои експлицитен став дека проширувањето на НАТО кон исток, и покрај спротивното дадено на советскиот претседател Горбачов, е вистинската причина за војната во Источна Европа. Минските мировни договори беа потпишани со скриена намера да се купи време за следниот чекор. Дури и мировните услови од март 2022 година, по директна иницијатива на Западот, ја одвратија Украина од мирно решение и војната продолжи. Овој став кон „хартијата“ им остава на државниците само една преостаната алатка, а тоа е доминантна моќ во одбраната на безбедносните интереси.
– Морам со загриженост да додадам дека времето во кое живееме денес се чини дека носи нови, предизвикани и страсни поделби, кои би можеле да станат нов товар. Тие би можеле да нè обележат со години и да го ослабнат нашиот капацитет за консензус околу она што е егзистенцијално за сите граѓани во оваа меѓународна средина. Исто како во 1941 година, поделбите влијаат врз семејствата, тие се меѓу пријателите, другарите, нашите деца се поделени. Нема место за среден терен, се чини дека е непожелно, сè се сведе на еден увезен слоган: „Или сте за нас или сте против нас“ – нагласува Бјелајац. Д.Ст.