Фото: „Нова Македонија“

Овие неколку дена многу е тешко да се најде слободен вулканизер. Возачите се принудени да закажуваат термин, но и тогаш е прашање дали ќе го добијат до законски предвидениот рок. Велат дека има премногу метеж кај сите вулканизери и оти е невозможно веднаш да се заврши работа

Пред утрешниот почеток на обврската за задолжителна зимска опрема во патничките моторни возила

Поседувањето зимска опрема во возилата е обврска што станува задолжителна од утре, на 15 ноември, и ќе трае до 15 март 2025 година. Поради тоа, редакцијата на „Нова Македонија“ уште еднаш ги потсетува граѓаните на оваа обврска, заради лична безбедност и безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Патем, и да потсетиме дека казната за оние што нема да ја почитуваат оваа законска обврска, според актуелниот Закон за безбедност во сообраќајот, изнесува 45 евра во денарска противвредност.

Што се подразбира под зимска опрема

Како што наближува законски предвидениот ден, забележлив е и поголем метеж кај вулканизерите, каде што возачите ги менуваат пневматиците на своите возила. Замената на гумите треба да се плати, а за да се направи, кај најголем дел од мајсторите треба да се закаже термин. Кај многумина се чека и по неколку недели.
Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса што не надминува 3.500 килограми се подразбираат зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала значи зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази од најмалку четири милиметри.
Синџири за снег е потребно да поседува секое возило со пневматици со летен профил и притоа во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната оска, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената оска.
Зимски пневматици се оние што на својата бочна страна имаат ознака: МС, М+С, како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Редици возачи пред вулканизерските работилници

Овие неколку дена е мошне тешко да се најде слободен вулканизер за замена на гумите. Возачите често треба да закажат термин, за кој не е сигурно дека ќе биде до законски предвидениот рок за замена на гумите. Велат дека е речиси невозможно веднаш да се заврши работа.
Од сервисите каде што се менуваат гуми потврдуваат дека деновиве се соочуваат со метежи.
– Имам закажани термини до 22 ноември. Сега сите навалија да менуваат гуми, но невозможно е на сите во еден ден да им завршиш работа. Некој се јавува со „ургенции“, друг вели ќе плати повеќе, но јас не можам да им помогнам. Работам од 9 до 17 часот и во еден ден успевам да заменам гуми на дваесетина возила. Во меѓувреме имам и друга работа, како лепење гуми и слично, па се справуваме со вистински хаос – вели вработен во една од попознатите фирми што работат на замена на гуми.
Замената на гумите треба да се плати. Поевтино минуваат оние што немаат многу големи гуми.
– Цената за замената на гумите зависи од видот на гумата, од нејзината големина, профил и слично. Генерално, цените се движат од 600 до 3.000 денари – вели тој.

Зошто е важна зимската опрема?

Временските услови имаат големо влијание во безбедното одвивање на патниот сообраќај, така што обврска на секој возач е да го приспособи своето возило на условите на патот и да ги почитува сообраќајните правила. Најважно е да се внимава на брзината, безбедното растојание меѓу возилата, условите на патот во време на магла, мраз, дожд, а пред сѐ на исправноста на возилото. Во услови на ниски температури и обилни врнежи од дожд или снег, појавите на голомразица на патот, влажни и лизгави коловози се очекувани, особено доколку се патува во раните утрински или доцните вечерни часови. Затоа треба многу да се внимава, да се приспособи брзината според условите на патот, за безбедно да се пристигне на посакуваната дестинација.
Лошите временски услови и непогодната состојба на коловозите влијаат на сопирачките на возилото, па затоа е потребно да се држи безбедно растојание и да се внимава на другите учесници во сообраќајот.
Секогаш кога движењето е во услови на магла, прво треба да се намали брзината и да се вклучат соборените светла и светлата за магла. При есенски и зимски услови на патот, особено е важно да се управува технички исправно возило, бидејќи искуствата покажуваат дека при ниски температури и влажни и лизгави коловози, на површина излегуваат сите неисправности на возилото. Затоа, за лична безбедност на возачите и за безбедно и непречено пристигнување на посакуваната дестинација, треба да се прави редовна проверка на возилото, со посебен акцент на системот за управување, системот за запирање, пневматиците, електрониката и сл. Носењето и користењето квалитетна зимска опрема во голема мера може да ја елиминираат опасноста што ја носи зимското време.

[email protected]