Не е јасно како да прејдеме на систем од кој ќе очекуваме висок развој. Тоа не е лесно, а во нашите услови, дополнително се поставува и прашањето „за кое време можеме до тоа и да дојдеме“? Но, како прво, развојот мора да биде општ договор меѓу партиите дека тој во државата не е прашање што ќе го дефинира и ќе го реализира секоја новоизбрана влада! Тоа мора да биде долгорочно зацртана програма што ќе се реализира надвор од актуелната владејачка политика!
Ни треба поголем развој? Да, но како до него? Подолго време, во Македонија сите го посакуваме позитивниот тренд на развојот. Околностите околу нас се крајно неповолни. Сите ја знаеме искористеноста на нашите можности и сегашните услови за бизнис во светот. Но тргнувајќи од таа неповолна фактичка состојба, да прејдеме веднаш in medias res – во сржта на проблемот.
Прашањето каков развој ни е потребен и како да дојдеме до тој развој скоро и да го нема во медиумскиот простор во Македонија. Натаму, политичарите имаат „други актуелни предизвици“ и не даваат одговор на ова прашање. Не е јасно зошто се без позитивен придонес и професионалците и искусните луѓе?
За жал, од моменталните бизнис-активитети нема многу што да се чуе. Или поточно, од тоа што ѝ се кажува на Владата не само што нема практично ништо корисно, а мислам дека која и да е власт, од досега предложените сугестии, никој не може ни да почне со конкретна реализација на оваа тема. Ние, како да сме се изјасниле кој модел на развој ќе го примениме: комплетна слобода и предност на бизнис-климата во земјата (либерален капитализам), при што државата како досега – ќе биде нем посматрач од страна!?
Штета, нам ни е потребен ПЛАНСКИ И ДОЛГОРОЧЕН РАЗВОЈ ПОДДРЖАН И ОВОЗМОЖЕН ОД ДРЖАВАТА, а во кој максимално ќе биде вклучен и приватниот бизнис. Бизнис-клима, т.е. либерален капитализам како основа за овој сегашниов степен на развој го имаме и помалку или повеќе и сега гледаме во каква неперспектива сме доведени. Секако дека досегашните влади за тоа имаат голем удел со необезбедување на потребните услови, иако првенствена задача на секоја влада е да го стори тоа. Во интерес на просторот, да не набројуваме сѐ што не чини во нашата економија. Во основа, нестручност, волунтаризам и лични интереси преовладуваат во тоа што ни треба и како развојот да го реализираме. Очигледен пример ни е новиов аферашки проект со „Бехтел и Енка“.
Тоа сѐ е јасно. Но не е јасно како да прејдеме на систем од кој ќе очекуваме висок развој. Тоа не е лесно, а во нашите услови, прашање е и за кое време можеме до тоа и да дојдеме?
Како прво, развојот мора да биде општ договор меѓу партиите дека тој во државата не е прашање што ќе го дефинира и ќе го реализира секоја новоизбрана влада. Тоа мора да биде долгорочно зацртана програма што ќе се реализира надвор од актуелната владејачка политика. Реализација на проект за висок развој е возможен пред сѐ со формирање посебна агенција за развој, која ќе биде одговорна пред Собранието и ќе биде ослободена од политичкото расположение во земјата. Агенцијата треба да биде државна и непартиска институција на која ќе ѝ се обезбедат институционално влијание во државата и независност од влијанијата на владејачката партија. Таа треба да биде опремена со раководни кадри обезбедени со апсолутно мнозинство во јавноста и кои нема да подлегнуваат на реизбор со промена на владејачката гарнитура, туку само како резултат на постигнатите резултати. Тоа треба да бидат кадри што веруваат дека можат и кои ќе гарантираат резултати.
Што треба агенцијата да (обезбеди) постигне и како да стигнеме до тој стадиум.
1. Агенцијата ќе иницира и поддржи активности кај секој чинител во Македонија што може да створи додадена вредност.
Треба да бидат дефинирани долгорочните програми за развој на енергетиката на високодоходовните индустрии, на тешката индустрија…, но основната, првична задача на агенцијата, треба да биде да го стави секој дел од земјата во функција да создава нова вредност. Прво, тоа значи да секоја од постојните фирми да бидат анкетирани каква помош им е потребна од агенцијата за да го зголемат обемот на производството: кредити, пласман, работна рака, суровини… Следно, да бидат анкетирани фамилии, поединци, здруженија…, кои се спремни да се вклучат во бизнис за дополнително да заработуваат (ткаење, везење, домашен туризам, производство на еколошка храна, чување деца…). Тука не смеат да се заборават селата, старите и новите рудници. Општествената клима мора да се смени – камо среќа да можеме да отвориме повеќе рудници во земјата.
Резултатите од анкетите како цифри ќе бидат задача на агенцијата за реализирање – обезбедување потребен пласман, капитал, услови…
2. Преку своја трговска непрофитна куќа агенцијата ќе го помага, координира, обезбедува пласманот во земјата и во странство на главните производители.
Трговската куќа на агенцијата ќе ги пласира производите преку свои откупни центри, преку директни пласмани во земјата и во странство во големите супермаркети, преку ангажирање приватни фирми за пласмани во странство, преку ангажирање на дипломатската мрежа. Пласманот во странство треба да се помогне и со посебна програма за развој, која треба да биде потпомогната од ЕУ.
3. Ќе иницира задругарство во производството на млеко, месо, вино, тутун…
Во синџирот од производството до пласманот на робата, агенцијата ќе ги дефинира цените по поединечни фази. На пример, во винарството ќе треба да се определат цените за лозарите за грозјето, на винарите за виното и на крајот цената за пазарот. Комерцијалните ефекти при пласманот (позитивни или негативни) процентуално ќе се ефектуираат назад кај поединечните фазни производители.
4. Ќе ги обезбедува потребните општествени услови и промени за поголема ефикасност и продуктивност (во законодавството, во просветата, потребни специјализации…).
Ќе ги иницира и ќе ги координира сите општествени промени за истите тие да бидат со потребниот позитивен ефект за процесот на општо зголемено производство. На пример, за земјоделството ќе ја реализира потребната комасација, ќе обезбедува анализи од пазарот што да биде годишниот план за производство по сорти и количества на земјоделските производи, ќе обезбедува финансиска помош за купување опрема, ќе обезбедува техничка помош…
5. Со комбинација на приватен и државен капитал ќе обезбедува откуп и преработка на вишокот производи.
Агенцијата ќе врши откуп и на однапред недоговорените количества вишоци во земјоделството низ целата територија на државата. За тоа ќе ѝ требаат ладилнички и преработувачки капацитети.
Очигледно сликата за улогата на агенцијата е убава. Но таа мора да биде моќна и авторитетна.
Ѓоко Савов
Авторот е поранешен стопанственик