„Нова Македонија“ стекна увид во алармантни статистики за демографската состојба во земјава врз основа на истражување податоци објавени од домашни и странски институции, спроведено од редакцијата, кое ќе го објавиме во неколку продолженија. Денеска го објавуваме првото продолжение
Истражување на „Нова Македонија“ за демографската состојба во државата
Редакцијата на „Нова Македонија“ преку анализа и споредба на јавни податоци, од кои најголемиот дел се наведени во вкупно тринаесет публикации „С. Македонија во бројки“, која е статистички приказ на демографските и социоекономските состојби во државата, а кои се објавени и достапни на веб-страницата на Државниот завод за статистика (ДЗС), дојде до загрижувачки заклучок за забележан негативен природен прираст во периодот од 2019 до 2023 година, кога севкупно имало 25.029 повеќе умрени лица отколку живородени деца. За споредба, тоа е приближно на бројот на жители што денес ги има Кичево, чие население изнесува нешто над 23 илјади според пописот од 2021 година. Таквиот негативен тренд претставува промена во однос на претходниот период од 2011 до 2018 година, во кој имало 22.684 повеќе живородени деца отколку починати лица.
Ако ги споредиме двата анализирани периода, ќе заклучиме дека за разлика од првиот период (од 2011 година до 2018 година), кога во просек годишно имало 2.835,5 повеќе живородени деца отколку умрени лица, во вториов период (од 2019 до 2023 година) во просек годишно имало 5.005,8 повеќе починати лица отколку живородени деца!
Позитивните бројки постепено опаѓале
Последниве тринаесет публикации вообичаено беа објавени на интернет-страницата на ДЗС во јуни или јули во тековната година. Тие го опфаќаат периодот од 2011 до 2023 година, од што завршните податоци во секоја публикација се однесуваат за претходната календарска година. Ви пренесуваме одредени податоци од публикациите што се однесуваат на периодот од 2001 година наваму, при што се задржавме на дел од податоците што се прикажани во рамките за делот насловен „Население и социјални статистики“, објавен во рамките на тринаесетте публикации.
Ги проучувавме податоците што се однесуваат на следното: витална статистика, живородени деца според припадноста кон етничка заедница на мајката и на таткото во претходната година, умрени лица според припадноста кон етничка заедница и по пол во претходната година, уште склучени и разведени бракови според припадноста кон етничка заедница на невестата и младоженецот во претходната година.
Според нашата споредба на податоците за витална статистика, објавени во рамките на горенаведените публикации, констатиравме дека во 2011 година имало за 3.205 повеќе живородени деца отколку починати лица (22.770 живородени деца наспроти 19.465 починати лица). Следната, 2012 година, разликата, според нас е позитивна, била уште поголема и изнесувала 3.434 лица (23.568 живородени деца наспроти 20.134 умрени лица).
Позитивниот тренд продолжил и во следните две години. Во 2013 година имало 3.930 повеќе живородени деца отколку починати лица. Во 2014 година, споредено со 2013 година, позитивнава разлика изнесувала 3.878 лица.
Следните две години, во континуитет, споредено со претходната година, доста се намалувала оваа позитивна разлика но таа сѐ уште била мошне голема. Така, во 2015 година имало 2.614 повеќе живородени деца отколку починати лица, додека во 2016 година позитивната разлика била за 2.581 (23.002 живородени деца наспроти 20.421 починати лица).
Следната, 2017 година, позитивнава разлика доста се намалила и изнесувала 1.436. Позитивните бројки во корист на живородените деца завршуваат во 2018 година, кога имало за 1.606 повеќе живородени деца отколку починати лица.
Севкупно, од 2011 година до 2018 година имало 22.684 повеќе живородени деца отколку починати лица, односно позитивнава разлика била 2.835,5 лица во просек годишно.
Значителна промена од 2019 година
Затоа, пак, од 2019 година ситуацијата многу се променила и наместо позитивна, како што била од 2011 до 2018 година, се јавила негативна разлика односно во последните пет претходни години (од 2019 до 2023) бројот на починати лица бил поголем од бројот на живородени деца. Така, во 2019 година бројот на умрени лица (20.446) бил за 601 лице поголем од бројот на живородени деца (19.845).
Во следните две години, 2020 и 2021 година, што, според нас, веројатно било резултат на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, негативнава разлика многу се зголемила. Во 2020 година, споредено со 2019 година, имало околу десет пати поголема негативна разлика и таа изнесувала 6.724 лица! И во 2021 година, споредено со 2020 година, многу се зголемила негативната разлика, при што пораснала на 9.868 лица. Следните две години, континуирано, значајно е намалена негативната разлика, но бројките сѐ уште се загрижувачки.
Имено, во 2022 година, споредено со 2021 година, негативнава разлика изнесувала 4.386. Конечно, во изминатата 2023 година, споредено со 2022 година, негативната разлика изнесувала 3.450 повеќе умрени лица отколку живородени деца.
Севкупно, од 2019 до 2023 година имало 25.029 повеќе умрени лица отколку живородени деца или во просек годишно негативнава разлика изнесувала 5.005,8 лица. Ако ги споредиме двата анализирани периода, ќе заклучиме дека за разлика од првиот период (од 2011 година до 2018 година), кога во просек годишно имало 2.835,5 повеќе живородени деца отколку умрени лица, во вториот период (од 2019 до 2023 година) во просек годишно имало 5.005,8 повеќе починати лица отколку живородени деца!
Македонија меѓу земјите во регионот со најмногу родени на илјада лица во 2022 година
Ги истражувавме и споредувавме со земјите од регионов и податоците од веб-страницата на Светската банка за 2022 година што се однесуваат на родени на илјада лица. Анализиравме и констатиравме дека Македонија е блиску до водечките земји во регионов, поточно е трета од вкупно дванаесет земји што ги анализиравме. Имено, во Македонија преклани имало десет родени на илјада лица. Повеќе родени од нас имале само две земји: Косово и Црна Гора (двете по единаесет на илјада).
Помалку родени на илјада лица отколку Македонија имало во следните седум држави: Грција (седум на илјада лица), Босна и Херцеговина и Словенија (по осум), Србија, Хрватска, Бугарија и Унгарија (по девет). Ист број родени (десет) како во Македонија, во 2022 година имало уште во две земји – Албанија и Романија.
Живко Здравковски
(продолжува)