Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот, 27 јануари, беше одбележан во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во рамките на настанот беше отворена изложбата од Јад Вашем од Израел, насловена како „Аушвиц – место на Земјата“. Свои обраќања по повод одбележувањето имаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, амбасадори и директорот на Музејот на холокаустот, Горан Садикарио, чиј говор го пренесуваме интегрално
Денес, по повод Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот, 27 јануари, и 80 години по ослободувањето на Аушвиц, се сеќаваме и им оддаваме почит на шесте милиони Евреи и сите други што беа прогонувани и убиени од страна на нацистичкиот режим, нивните сојузници и соработници.
Првата претседателка на Фондацијата за сеќавање на Шоа, мадам Симон Веј, истакнува дека „Шоа не требаше да остави ниту еден единствен сведок, ниту да биде дел од историјата. Целта на ‘конечното решение’, формулирано на конференцијата во Ванзе, беше да искорени цел народ од светската историја и од меморијата на човештвото. […] Нацистичката машинерија на смртта требаше не само да направи Евреите како народ да исчезнат туку и да ги избрише доказите дека тие биле убиени“.
Живееме во време на динамични политички и економски збиднувања, кои ја детерминираат нашата иднина, а кои, пак, за жал задираат во нашето минато. Историскиот ревизионизам и релативизирање на настаните од минатото, спонзорирани или поттикнати од државниот апарат, се реалност.
Па, оттука, се поставува прашањето дали „никогаш повеќе“ и „да не се заборави“ се само празни флоскули или имаат некакво суштествено значење во креирањето свет ослободен од секаков вид на дискриминација, ксенофобија, антисемитизам, шовинизам, и исклученост.
Токму затоа сме денеска тука, да се сеќаваме, да ја одбраниме историската вистина и да се спротивставиме на обидите за бришење на доказите за холокаустот на македонските Евреи преку историски ревизионизам, рехабилитација и глорификација на злосторниците. Затоа оттука порачуваме дека треба да постои свест за негирањето и искривувањето на холокаустот, таквите невистини треба да се оспорат и осудат на национално и меѓународно рамниште.
Компромисот со историската вистина за холокаустот на македонските Евреи може да го компромитира уникатниот статус на холокаустот како тотално зло. Не смее да се дозволи таков преседан, бидејќи секој преседан, порано или подоцна, може да стане правило. Холокаустот на македонските Евреи и на Евреите од тогашните окупирани делови на Грција и Србија од бугарска страна е дел од светската историја на холокаустот и не смее да биде третиран како прашање за кое може да се преговара. Европската Унија не може да се бори против антисемитизмот доколку дозволи искривувањето на историската вистина на холокаустот да биде макар и најмал дел од предусловите за членство.
Едукацијата за холокаустот е основниот столб на Меморијалниот центар, но во исто време има цврста мисија за одбрана на историската вистина. Во сеќавање на шесте милиони убиени Евреи, во спомен на нашите македонски-еврејски жртви, комеморираме и не забораваме, опоменуваме и едуцираме. Ние, новите генерации од еврејската заедница, го чуваме минатото и ги зацврстуваме врските со сите оние што со нас го чуваат доброто од злото, со нас гласно опоменуваат и го пренесуваат историскиот факт преку образованието – најзначајниот чувар на минатото и светилник на иднината.
Во таа насока, Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија донесе одлука за бесплатен влез на организирани групи од основните и средните училишта во Меморијалниот центар.
Изложбата што ќе имаме можност да ја погледнеме „Аушвиц – место на Земјата – Албумот од Аушвиц“, креирана од Јад Вашем од Израел, низ сликите од албумот и сведоштвата на преживеаните, ни остава аманет преку образованието да се бориме со ревизионизмот и заборавот.
Ние, децата на еврејската заедница, со длабоки корени во македонската земја, имаме обврска да го одржиме сеќавањето на нашите предци живо, знајно и запаметено.
Ќе завршам со цитат на Гита Шами Калдерон, Еврејка од Битола, која го преживеала Аушвиц, во својата книга „Мишлоах Манот“, која е промовирана токму во оваа зграда. Таа за сеќавањата од Аушвиц ќе напише: „За да останам прибрана си повторував: Мораш да останеш жива за да можеш да се одмаздиш. Да живеам. Да живеам за моето семејство, да живеам за да можам да му раскажам на светот!“
СИН МЕМОРИА НО АЈ АВЕНИР – БЕЗ СЕЌАВАЊЕ НЕМА ИДНИНА, рече во своето обраќање директорот на Музејот на холокаустот, Горан Садикарио.
Автор: Горан Садикарио