Одговорноста почива на способноста на човекот како свесно општествено суштество да може да разликува полезно од штетно, рационално од ирационално, чесно од нечесно, а со тоа и што е дозволено, а што не е! И поради сето тоа, кога поединецот ќе направи некое дејание свесно, нешто што не е дозволено, тој е одговорен за таа постапка! Тоа е битието на правилно и одржливо функционирање на едно општество, вклучувајќи го и нашето. Но тоа кај нас отсуствува и отсуството на одговорност прави недостаток, слабост, фалинка што води се подлабоко во спиралата на општествена дезинтеграција!

За корупцијата и основните слабости на македонското општество виновно е отсуството на одговорност

Нивото до кое метастазираше корупцијата во Македонија и вклучувањето на алармот од страна на стратегискиот партнер САД покажа дека за овие три децении во функционирањето на државава е дијагностицирана системска грешка. Наедно и дека нема, а и немало никаква волја од страна на досегашните носители на функции да го решат или искоренат овој системски недостаток.
Напротив, огромен број од носителите на јавна власт во овие три децении независност едноставно наоѓаа разни модалитети како уште повеќе да имаат лични или партиски бенефиции, практикувајќи различни поведенија што имаа коруптивен карактер. Во таквиот контекст, уште еден елемент е за издвојување, а тоа е толерантноста на меѓународната заедница, која секогаш имаше потреба македонските власти нешто да испорачаат, а за возврат замижуваше пред очигледните елементи на недозволени поведенија во земјава. Затоа и меѓународниот фактор не може да се изземе од одговорност за состојбите во Македонија бидејќи (п)остави матрица со фалинки. А таа матрица, совпадната со соодветен (балкански) менталитет, подразбира никогаш за ништо да не се преземе одговорност, ниту политичка, да се одбегне правна одговорност, а најмалку да се почувствува морална или етичка одговорност!
Со привидни, козметички различности, системот без одговорност втемелен уште во 90-тите години на минатиот век и денеска се одликува со атрибутот -недопирливост. Политичката одговорност не може да се дефинира само преку напишани правила. Токму поради тие причини на политичката и јавната сцена сè уште непречено функционираат актери што секојдневно се појавуваат во разни афери и гафови, кои постојано ја покажувале својата неспособност за чинење општи добра, а во функција единствено на оној што ги поставил или именувал да бидат носители на функција и да му одговараат само нему! Афери има безброј, од речиси заборавените во периодот на 90-тите години, до овие денес, кои веќе никој не ги памети следниот ден. Заедничко за сите е дека не се понесува никаква одговорност за ништо, или ако веќе јавноста премногу притисне, тогаш одговорноста ќе се префрли на некои маргинални ликови, кои никако не можеле сами да изведат некаква коруптивна дејност, но мораат да се жртвуваат.

Луѓето што не понесуваат одговорност се креатори на корупцијата

Одговорноста означува свесен однос на човекот кон општествените вредности што ги има секое општество и без кои општеството како организирана заедница не може да постои. Тој однос на човекот кон овие општествени вредности мора да биде во согласност со општото владејачкото сфаќање, кое е објективизирано низ правилата на однесување, без разлика кој ги наметнува нив, општествена група, класа или цела општествена заедница.
Одговорноста почива на способноста на човекот како свесно општествено суштество да може да разликува полезно од штетно, рационално од ирационално, чесно од нечесно, а со тоа и што е дозволено, а што не е. И поради сето тоа, кога поединецот ќе направи некое дејание свесно, нешто што не е дозволено, тој е одговорен за таа постапка.
Едноставно кажано, одговорноста е полагање сметка на поединецот или на групата луѓе за своите постапки, на други поединци односно група луѓе или, пак, на цела општествена заедница, затоа што е направено нешто што не е во согласност со општествените правила на однесување, поради што треба да се трпи како последица општествена осуда поради таквите постапки.
Тоа значи дека одговорноста може да постои само тогаш кога постојат одредени правила на однесување од една страна и непочитување на тие правила од друга страна. Така што човекот може да биде повикан на одговорност за оние дела што не се во согласност со општествените потреби, кои се изразени во правилата на однесување и со кои им се нанесува штета на поединци, група или на општествената заедница во целина.
А кога на сето тоа неодговорно однесување нема да може да се примени санкција, тогаш веќе е создадена погодна почва за системска корупција, потхранета во политичките партии, а потоа трансферирана институционално. Сликовито објаснето, коруптивните механизми разработени во партиите, со нивното доаѓање на власт стануваат начин на функционирање на институциите, а сето тоа од врвот се пренесува на пониско ниво бидејќи граѓанинот не може да добие ниту една услуга ако и самиот не стане дел од тој коруптивен маѓепсан круг.
За политичката одговорност се кажува дека тоа е одговорност на избраните лица, политички, државни функционери, но и раководители на политички тела, за правилност и ефикасност на својата работа, пред оној што ги избрал, именувал или поставил, односно во чие име тие донесуваат одлуки или, пак, за одлуки на кои истите тие се однесуваат.
Политичката одговорност во теоријата се појавува во два вида, општествено-политичка одговорност и правно-политичка одговорност. Но тоа е само теорија, праксата во Македонија покажа дека не постои ниту еден вид одговорност, односно сметките се полагаат исклучиво пред партискиот лидер или партијата. Тоа им го овозможува изборниот модел, кој им гарантира и на едните и на другите да се менуваат на власт и само да ја продолжуваат коруптивната шема на функционирање, претставувајќи ја како нормален начин на однесување бидејќи ниту некој понесува одговорност, ниту, пак, е казнет.
Затоа големите партии во Македонија вистински не сакаат промена на изборниот модел, иако во јавноста го тврдат спротивното, дека не се противат на таквата идеја. Во суштина тие нема никако да дозволат промена на изборниот модел (доколку не ги притиснат странците) бидејќи на тој начин ја губат единствената алатка со која ги добиваат изборите, а таа е вработување партиски послушници. Кога би се сменил изборниот модел, тогаш граѓаните ќе можат директно да одлучуваат кој пратеник ќе ги застапува нивните интереси и ако не се задоволни од неговата работа можат да побараат одговорност од него и да го отповикаат. Така партијата ќе загуби пратеник, а некогаш и еден пратеник е клучен за задржувањето на власта. Одговорноста ќе се полага пред оние што им ја даваат моќта на политичарите, а тоа се граѓаните. Тоа ќе доведе до ослободување на институциите и на државата од партиските стеги, а одговорното однесување ќе стане приоритет за секој оној што влегол во политиката или стапил на функција.

Политичките партии продуцираат кадри што се исклучиво во нивна служба
Соговорниците со кои се консултира весникот сметаат дека корупцијата во државата потекнува токму од партиите бидејќи кога тие востановија систем без одговорност, едноставно сите се тепаат за функција бидејќи знаат дека што и да направат нема да понесат општествена одговорност, туку само пред лидерот, а ниту, пак, ќе бидат санкционирани. За ваквата состојба, меѓу другото, придонесе целосно партизираното судство што постапува (исклучиво) по партиски директиви на секоја власт, која правдата ја користи за пресметка со неистомислениците. Граѓаните во целата слика се само колатерална штета за која никој не се грижи.
– Повеќепати сум кажал, можеби веќе ѝ станувам здодевен, но ние во Македонија имаме султан-партии. Султанот, односно партискиот лидер, одлучува кој ќе биде пратеник, кој министер, кој директор… И што е најстрашно, истите тие не полагаат сметка за својата работа пред Собранието или премиерот, туку пред партискиот лидер – објаснува универзитетскиот професор Борче Давитковски и на тој начин лоцирајќи и зошто нема индивидуална одговорност.
Колективна одговорност понесуваат партиите на секои избори, но тоа што нема индивидуална политичка, па и морална одговорност, овозможува во периодот додека една политичка структура е на власт преку такви истурени поединци енормно да се богати низ разни коруптивни афери само затоа што нема систем на одговорност, но најмногу од сè не постои казнивост за неодговорните функционери.
– Едноставно треба да се анимира професијата политичар како чесен, одговорен и морален човек што зад себе има дела, а не празни зборови. Тоа уште повеќе важи за високите функции на државната администрација, бидејќи таа преку институциите е огледало на државата – вели поранешната пратеничка и аналитичарка Ѓулистана Марковска.
Според неа, за да се дојде до одговорни политичари што ќе ѝ стават крај на праксата за коруптивни шеми на политичко функционирање, потребно е целосно ресетирање на системот. И изборниот модел, секако, влегува во тоа сценарио.
– Изборниот модел влијае со тоа што политичките партии кандидираат луѓе што се анонимуси, без авторитет, без дела што говорат за нив, со цел полесно да ги контролираат. Потребно ни е комплетно ресетирање на политичкиот систем, подигање на граѓанската свест, која јавно и отворено ќе се побуни против сите незаконски дејанија. Сите партии ги поздравуваат таканаречените мерки и ловци за борба против корупцијата, без срам и перде што би рекол народот, како корупцијата да ни е падната од небо, а не како реален систем на живеење што го продуцираат токму партиите, односно нивните кадри на кое било ниво – нагласува Марковска.
Таа смета дека ваквото однесување на политичарите без грам одговорност нема да се промени ниту со промената на изборниот модел, ако не се промени свеста кај луѓето.
– Промената на изборниот модел нема да донесе буквално ништо, ако сите не се вклучиме активно и со одговорност, да ги пријавуваме сите, а ако не бараме најстроги казни затоа што државата буквално ни „пропаѓа во жива кал“, младите ќе имаат чувство на бесперспективност и масовно ќе заминуваат. Веројатно ќе треба предизборните ветувања да се мерат, да се бараат одговори како тие ќе се реализираат, за да немаме изборни ветувања во вид на „Потемкинови села“ – истакнува Марковска.

Систем на неодговорност и неказнивост

Нејзиното мислење е дека за целата работа околу непонесувањето одговорност, неказнивост, како и за корупцијата, вина имаат сите чинители во македонското општество, но прстот е вперен и во меѓународната заедница како инспиратор на таквиот начин на однесување.
– Македонија нема функционални институции и јавна администрација што е одговорна и пред сè во обем и број на услуги соодветна на бројот на жители на државата. Неписмена е, прекубројна и во најголем дел коруптивна, почнувајќи од кој било шалтер, па до врвот. Ако на тоа ги придодадете избраните функционери од секоја власт, кои на својата функција гледаат небаре им е родителско наследство, па секој поминат ден без корупција им е изгубен, ја имате комплетната слика за државата – потенцира Марковска.
Таа објаснува дека за присуството на корупцијата во институциите, како и за немањето политичка одговорност за ниту една афера, меѓународната заедница предупредувала од поодамна.
– Токму кога мислите дека сме го допреле дното, гледате дека може уште полошо и дека газиме во „жива кал“. За тоа сме виновни сите, прво ние граѓаните што изгубивме чувство за реалност и скоро и да не се буниме затоа што во очај сметаме дека е однапред изгубена битка, потоа вината лежи и кај избраните функционери, кои се без трошка чувство на честитост и она што некогаш се викаше „чист образ“… И така во круг. Вина има и меѓународната заедница, која корупцијата во своите годишни извештаи само ја нотираше, помагаше со средства и обука таму кај што сметаше дека е нужна, но сето тоа беше само „фрлена“ пара бидејќи рибата смрди од главата. Сè додека не почне да се понесува политичка и секаква друга одговорност, додека не почне да важи законот еднакво за сите, додека голем дел од луѓето од врвовите на сите институции не завршат вистински во затвор, во Македонија нема да има право и ред еднаков за сите – заклучува Марковска.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини е брутално искрен во својата оцена за изземањето од одговорност на политичарите при нивното коруптивно однесување, како и на судската спрега што овозможува никој да не понесува одговорност ниту, пак, да биде казнет за нешто.
– Њујоршката берза за хартии од вредност, во согласност со меѓународна конвенција, со околу 100 милиони долари го казни „Дојче телеком“ зашто на македонски функционери им исплатил по 2,5 милиони евра мито.
Според истата конвенција, и надлежните органи во Германија, слично како судот во Њујорк, можат да помогнат во откривање на идентитетот на лицата што во Македонија примале мито.
Во Македонија судската постапка за овој предмет трае повеќе од 10 години. Досега е одложена 59 пати, од кои девет поради отсуството на обвинителот… И, на крајот, овие функционери, кои и денеска одлучуваат за сè и не одговараат за ништо, за искоренување на корупцијата, од која земјата е доведенa во вистинска катастрофа, предлагаат да се донесе закон за ветинг. За оваа „вистинска катастрофа“, за жал, виновни се и некои официјални и тајни функционери на ЕУ, кои, по потреба, се јавуваат на телефон за да „помогнат“ – истакнува Хајредини.
Тој е скептичен дека некој во оваа држава има вистинска волја да го смени разработениот систем на непонесување одговорност и неказнивост за ништо, што директно ја стимулира корупцијата.
– Да беше високо на владината агенда спречувањето и сузбивањето на корупцијата, тогаш немаше државата да се доведеше на ниво на вистинска катастрофа според нивото на корупција, а да биде ситуацијата уште потрагична, состојбата уште повеќе се влошува – заклучува Хајредини.

Последна шанса да се направи нешто

Во здравите политички системи политичката одговорност е клучно начело, не е само важно што се зборува, туку и кој зборува. Немањето политичка одговорност, ниту страв од казнивост, води кон воспоставување коруптивен систем на владеење што целосно го разјадува општеството однатре, доведувајќи го под закана и опстанокот на државата.
И кога на сето тоа ќе се придодадат непостојни критериуми на политичка одговорност, застарениот клиентелистички и протекционистички модел на избор на човечки ресурси и во партиите и на листите за изборите, тоа значи дека истото тоа и натаму останува најмоќното оружје на најголемите партии во земјава. Затоа аферите во кои нормални демократски политички системи би резултирале со моментална оставка и повлекување се оправдуваат со измислени медиумски хајки, подметнувања и спинови.
Тоа на македонската политичка сцена изминатите години беше присутно во изобилство, па во услови на анемија и летаргичност во која западнаа граѓаните, целата политичка сцена повеќе наликува на психотераписка група отколку на сериозна и одговорна политичка елита што треба да ја води земјата напред, ако воопшто може да се употреби зборот елита.
На крајот, коренот на сето ова коруптивно зло не треба само да се пресече оти од него повторно ќе изникнат фиданки, туку целосно да се откопа и трајно да се уништи. А тоа може да се направи така што ќе се изврши силен притисок за демократизација во партиите, поголема конкурентност во нив, лидери со визија за развој на државата и благодат на граѓаните, а не за полнење на партиската каса преку коруптивни зделки што треба да им ги одработи функционерот што тие го назначиле. Следно, преполовување на тромавата администрација, нејзина професионализација и забрана за нејзино пополнување со партиски послушници. Изборот на раководни функции секогаш да биде според квалитет, односно според мерит-системот, отфрлање на етничките квоти, балансери и слични глупости. Времето на етнизација на Македонија помина, крајно време е да се започне со консолидација на државата, да дојде време на луѓе со дигнитет, чесни, морални и пред сè одговорни. Во оној момент кога ваквите луѓе ќе застанат на чело на државата, речиси сигурно ќе ја снема корупцијата, младите ќе останат тука бидејќи ќе видат шанса за личен напредок и реализација, а Македонија конечно ќе стане пристојно место за живеење. Сè друго е само продавање ветер и магла.


Потпретседателката на ЕП, Ева Каили, уапсена под сомнение за корупција

Во рамките на опсежна истрага за корупција и перење пари во Белгија е уапсена потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили. Грчката политичарка веќе беше исклучена од нејзината партија Панхеленско социјалистичко движење (ПАСОК) уште минатиот четврток, а одлука за нејзино исклучување донесе и пратеничкиот клуб на социјалдемократите во Европскиот парламент.
Според наводите на белгиското државно обвинителство, истрагата се води против наводна криминална организација, обиди на една земја од Заливот да влијае на економските и на политичките одлуки на Европскиот парламент, како и за наводите за корупција и перење пари. Извршени се 16 претреси и пет апсења. Меѓу другото, одземени се и 600.000 евра во готовина, како и мобилни телефони.
Како што наведоа весниците „Ле Соир“ и „Кнак“ станува збор за Катар, но тоа сѐ уште не е официјално потврдено. Има сомнение дека на лицата во парламентот што се на политички или на стратегиски функции им се поделени значителни суми пари или други подароци.
Меѓу приведените, според наводите на медиумите, се и поранешниот европски пратеник, социјалдемократот Пјер-Антонио Панцери, новоизбраниот генерален секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати, Лука Висентини, како и еден директор на една невладина организација и еден асистент во Европскиот парламент.