Фото: ЕПА

Во Европскиот парламент во дебатата за извештајот за Македонија, известувачот Томас Вајц побара забрзан пристап на Македонија во Европската Унија. Еврокомесарката Марта Кос испрати јасна порака за евроинтеграциите, но и за уставни измени. Словенечката европратеничка Ирена Јовева на бугарските колеги им се обрати на македонски јазик. За да постои македонскиот народ не му треба нивна дозвола…

Изливи на шовинизам, хегемонија и нетрпеливост во Европскиот парламент, но…

Како ретко досега, хемисиклот во Стразбур беше сведок на излив на национализам, нетрпеливост и непочитување на вредностите врз кои почива Европската Унија. Причината е единствено користењето на придавката „македонски“ пред јазикот што го зборуваме и пишуваме и пред идентитетот што го имаме. Најголемиот дел од бугарските и грчките европратеници се оддадоа на негирање и на неоправдани напади врз земјата и нацијата што од 2005 г. е кандидат за членство во Европската Унија и која од нејзината независност беше жртва на непочитувањето на основните европски вредности, со одбивањето најпрво на признавањето, а потоа и кочењето на евроатлантските интегративни процеси од своите соседи, најпрво Грција, а сега Бугарија, под закрила на европското единство.

Грчко-бугарски европратеници ја претворија дебатата за извештајот во дебата за македонскиот идентитет и јазик, каква што не му доликува на европскиот храм на демократијата

Бугарските европарламентарци добија силна поддршка од грчките, кои тврдеа исто така дека македонскиот јазик и идентитет се вештачки, а Македонија е една и грчка. Како никогаш досега, расправата за извештајот на Томас Вајц за напредокот во Македонија кон Европската Унија допре ново политичко дно.
Македонија брзо да ги почне преговорите оти напредува и е доверлив партнер на ЕУ, иако нејзиниот интегративен пат е обременет со прашања поврзани со историјата, нагласи известувачот Вајц.
– С. Македонија некогаш беше лидер кога ја почна евроинтеграцијата заедно со Словенија. Каде е сега Словенија, а каде е Северна Македонија? Имаше пречки. Пречки поврзани со историјата, со војни во минатиот век, со градење добри добрососедски односи, кои треба да се градат од двете страни – изјави Томас Вајц, известувач за Македонија.
Извештајот е реален приказ на постигнатото, Македонија да ги засили реформите и да ги донесе уставните измени, повика еврокомесарката Кос.
– Потребно е С. Македонија да продолжи да напредува на пристапниот пат, најпрво со усвојување на уставните промени. Владата во Скопје има историска можност да го направи ова и да го искористи моментот за проширување – изјави Марта Кос, еврокомесарка за проширување.
Бугарски и грчки пратеници ја претворија дебатата за извештајот во дебата за македонскиот идентитет и јазик, каква што не му доликува на европскиот храм на демократијата. Освен тоа што се изредија бугарските европарламентарци за да кажат дека Европскиот парламент не треба да решава за нечиј јазик и идентитет (откако истото тоа го бараа од Европскиот совет кога се пишуваше преговарачката рамка), освен што го драматизираа судскиот процес против претседателот на бугарскиот квазикултурен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, како што всушност правеше Андреј Ковачев, добија ветер во грб и со настапите на грчките европарламентарци од радикалните партии, кои изјавуваа дека Македонија е една и е само грчка, па соодветно на тоа нашата нација била лажна, а не вистинска.
– Јас сум горда Македонка, вистинска, а не лажна како они во Скопје – изјави Афродити Латинупулу, европарламентарка од Грција.
– Вметнување на Бугарите во сите релевантни делови од Уставот, почитување на договорот со Бугарија од 2017-та и преговарачката рамка нема да го нарушат вашиот идентитет. Секое пролонгирање на реформите за членство ќе го направи токму тоа – изјави Ивајло Валчев, европратеник од Бугарија.

Нокаут-одговорот од словенечката европратеничка со македонско потекло

Словенечката европратеничка Ирена Јовева на бугарските колеги им се обрати на македонски јазик и страшно поентира со констатацијата дека „за да постои македонскиот народ не му треба нивна дозвола“…
Македонија брзо да ги почне преговорите оти тоа е во интерес и на Европската Унија, порачаа другите европарламентарци.
– Унапредувањето на евроинтеграцијата на С. Македонија не е само во интерес на земјата туку и на Европската Унија. Посакувам среќа за С. Македонија, наскоро да стане полноправна членка на ЕУ – изјави Тонино Пицула, европарламентарец од Хрватска.
– Проширувањето не треба да биде користено за решавање билатерални спорови. Земјата направи многу отстапки и треба да се направи уште една уставна измена, но повикуваме ЕУ да обезбеди дека нема да има нова пречка на евроинтегративниот пат – изјави Тајс Ројтер, европарламентарец од Социјалдемократската партија.
Тоа го предизвика известувачот Вајц да ги повика европарламентарците да гласаат „конструктивно, обединето и европски“, порачувајќи дека Македонија е фантастична земја, дека направила многу, иако има уште многу да направи и дека треба да имаат предвид дека проширувањето е стратешка цел на ЕУ, а не арена за билатерални прашања.
Дебатата на моменти звучеше како расправа од деветнаесеттиот век, што го испровоцира Вајц исто така да ги потсети дека ЕУ всушност е создадена за земјите да ја остават историјата назад, заради општиот и заеднички интерес. На расправата еврокомесарката за проширување Марта Кос, која беше среќна дека конечно по три години има извештај за Македонија од Европскиот парламент, порача дека ЕУ и натаму ќе ја помага Македонија да продолжи со преговорите и да стане земја членка веднаш откако ќе ги направи уставните реформи.
Претставувајќи го извештајот, Вајц потсети дека Македонија беше единствена што не учествуваше во војните во бивша Југославија, дека е мултиетничка и мултирелигиска, а сепак успеала да ги изменаџира внатрешните односи и дека била на врвот на листата за кандидати во ЕУ со Словенија, запрашувајќи потоа – а каде е сега таа, а каде е Словенија?
Тој нагласи дека Македонија се соочуваше со пречки поврзани со односите со соседите, но јасно им порача на европарламентарците дека добрососедските односи можат да се градат со учество на двете земји, а не само на едната. Наспроти напорите на бугарските европратеници да ја претстават во негативно светло нашата држава, Вајс рече дека таа покажала дека е лојален партнер и дека сто отсто ја следи надворешната политика на ЕУ, за да побара потоа забрзување на нашиот евроинтеграциски процес. Декларациите на бугарските државни институции и нивните претставници всушност одат кон негирање на цел еден народ, јазик, идентитет, кој многу научници го утврдиле уште пред да види светло на денот македонската современа држава.
– С. Македонија изобилува со воодушевувачко природно богатство – порача егзалтирано Вајц, додавајќи дека земјата сепак има проблем со менаџирање на отпадот и со загадувањето на воздухот. Тој притоа нагласи дека тоа за што расправаат е извештај за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ и дека за таа тема треба да зборуваат.

Повторно Кос инсистираше на уставни измени

Еврокомесарката за проширување Кос накратко порача дека единствен начин да се продолжат преговорите е да се направат уставните измени, додавајќи дека Македонија работи и на Акцискиот план за малцинствата, за кој, како што рече, ќе ѝ бидат потребни консултации. И според нејзината оцена, Македонија е решена цврсто да ја следи надворешната политика на ЕУ, порачувајќи дека покрај тоа треба да ја зајакне борбата против корупцијата, владеењето на правото, медиумската слобода, јавната администрација – заради тоа, пак, е потребно да го продолжи евроинтеграцискиот процес.
Реутен Тијс во име на Групата на социјалистите и социјалдемократите го оцени извештајот на Вајц како сеопфатен и балансиран, додавајќи дека по сѐ што помина Македонија ја разбира фрустрацијата кај нас. Тој побара од Европскиот совет (земјите членки) да воспостави јасен пат за членство за нашата држава без дополнителни условувања, обраќајќи ни се директно со зборовите дека „македонскиот јазик и македонскиот идентитет постојат и Европскиот парламент ги почитува“.
Но друг европарламентарец исто така појасни дека ЕП не е во „бизнисот“ на утврдување национални јазици и идентитети, практично толкувајќи зошто се бара со амандман да се извадат „македонскиот јазик и идентитет“ од текстот утре на гласањето!
На таа реплика бугарските европарламентарци од радикалните партии „паднаа во транс“, а еден од нив, Петар Волгин од Обнова (крајно десничарската Вазраждање), рече дека Македонија не ги ни исполнува условите за преговори, дека омразата и криминалните напади врз граѓаните што се изјаснуваат како Бугари најчесто не се казнуваат и дека не му е јасно зошто „автократите“ од ЕУ сакаат да биде членка. Грчка европарламентарка, како на митинг, рече дека таа е „вистинска горда Македонка“, дека нашите тврдења се искривување на историјата, дека Алексис Ципрас потпишал национална капитулација за јазикот и историјата и дека јазикот ни е бугарски дијалект. Според неа, ние имаме фабрикувана историја и идентитет заснован на неа, па порача дека не постојат македонски идентитет и јазик, дека никогаш и не постоеле и дека „Македонија е грчка“.
На ваквите отворени хегемоно-шовинистички испади реагираа неколку европарламентарци, при што еден од нив оцени дека се очигледни напорите да се понижи Македонија, додавајќи дека тие што именуваат клубови по имиња на нацисти и треба да бидат судени и казнети, алудирајќи на Љупчо Георгиевски, кој, според Андреј Ковачев, бил присутен на расправата во ЕП.
– Ова е патување кон ЕУ на земја што е понижена – оцени друг европарламентарец, забележувајќи сепак дека ова не е извештај за македонскиот јазик и идентитет, порачувајќи ни директно – да не веруваме воопшто дека ЕП сака да ни ги оспори. За да биде поуверлив, на чист македонски јазик рече „благодарам“ на крајот на говорот.
Генерално повеќето бугарски европарламентарци велеа дека сакаат Македонија да стане членка на ЕУ, а Кристијан Вигенин рече дека се наши пријатели и дека Владата треба да престане да бара изговори за да не ги продолжи преговорите со ЕУ. Тој нѐ повика да „инвестираме во заедничка иднина“ наместо да се занимаваме со минатото, оценувајќи дека овој извештај ќе остане запаметен по скандалите, а не по содржината.
Ивајло Валчев од Има таков народ запраша во која земја се оди во затвор за цитирање историска фигура, а граѓани се казнуваат зашто се изјаснуваат како Бугари, повикувајќи ги властите кај нас да му свртат грб на „господарот во Белград“.

– Мицкоски ве лаже – извика тој, тврдејќи дека ставањето на Бугарите во „сите делови од Уставот“ не е никаква закана за нашиот идентитет. Станислав Стојанов од Вараждање забележа дека за првпат ЕП сакал да признае јазик и идентитет, порачувајќи дека „народот во Северна Македонија зборува само еден јазик – бугарски, бидејќи сме еден народ“.
Андреј Ковачев од ГЕРБ оцени дека „политичарите во Скопје систематски го саботираат процесот на преговорите со популизам и национализам, па ги повикаа македонските власти да не го трошат времето на граѓаните и да ги продолжат преговорите што поскоро“. Како врв на политичко лицемерство тој изрази надеж дека нивната слобода (во Бугарија) наскоро ќе дојде и во Македонија, повикувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ да го направи неопходниот чекор, т.е. уставните измени.
Извештајот на Вајц ќе биде усвоен, со или без амандмани. Тоа нема да промени многу нешта за европскиот пат на Македонија, бидејќи тоа зависи од Европскиот совет, каде што седат владите и тие можат да стават вето кога сакаат, но расправата во Европскиот парламент ќе остави црна дамка во „храмот“ на европската демократија, каде што некои земји влегоа без да ги исполнат условите и сега сакаат преку овие институции да ги реализираат старите и изветвени идеи за хегемонија, шовинизам и „големи“ балкански земји, од кои сите имаат свои малцинства во соседните земји, но во нивните не ги почитуваат малцинските права. Пресудите на Европскиот суд за човекови права го потврдува тоа.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Франција


Македонскиот идентитет нема да исчезне!

Европратеничката Јовева: Бришењето од извештајот не е прашање на семантика, тоа е напад врз достоинството на една нација

Словенечката европратеничка со македонско потекло, Ирена Јовева, од партијата Движење за слобода што е дел од парламентарната група Обнова на Европа, имаше обраќање на говорницата на ЕП, кое ја воодушеви европската правдољубива јавност. Поздравувајќи го во воведот темелниот извештај на Вајц, таа во својот говор на пленарната седница на ЕП рече: „Како некој со македонски корени, од прва рака го знам значењето на патувањето на оваа земја. Во текот на изминатите години, С. Македонија спроведе реформи во независноста на судството, децентрализацијата и борбата против корупцијата и организираниот криминал – честопати надминувајќи ги некои постојни земји членки. Сепак, денес слушнавме обид за делегитимирање токму на луѓето на кои сме тука да им помогнеме. Мојата колешка од Грција, г-ѓа Латинопулу, се нарече себеси ’вистинска Македонка, отфрлајќи ги жителите на Скопје како ’лажни‘. Дозволете ми јасно да го кажам следново: македонскиот идентитет нема да исчезне поради вашето лобирање или поради еден единствен глас. Вашиот амандман за бришење на сите референци за ’македонскиот јазик и идентитет‘ би бил сериозна грешка. Тоа би било спротивно на Преспанскиот договор – меѓународен договор што самата наша унија помогна да се постигне. Бришењето на овие зборови од нашиот извештај не е прашање на семантика; тоа е напад врз достоинството на една нација. Европската интеграција е изградена врз различноста. Почитувањето на националниот, културниот, јазичниот, религиозниот и етничкиот плурализам е нашата сила. Ние не наметнуваме единствен поглед на тоа што значи да се биде Европеец. Се збогатуваме едни со други токму затоа што сме различни. Затоа ќе гласам против секоја промена што го поткопува договорениот меѓународен договор или го доведува во прашање правото на граѓаните на С. Македонија да се дефинираат себеси. Пристапувањето не е за играње јазични игри. Станува збор за усогласување со Копенхашките критериуми – без двојни стандарди или скриени агенди. Конечно, да се потсетиме дека добредојдето на С. Македонија во Унијата не е само стратешки избор; тоа е чин на солидарност. Тоа покажува дека Европа стои зад оние што ги делат нашите вредности за демократија, владеење на правото и човекови права. Колеги, горда сум што служам овде како словенечки европратеник – вкоренет во Словенија и обликуван од моето македонско наследство. Знам што значи да се припаѓа на повеќе од една култура и јазик. Да ја прошириме истата отвореност кон луѓето од С. Македонија“. П.Р.