Од историските архиви: На денешен ден пред точно 144 години започна Кресненското востание
На денешен ден пред точно 144 години започна Македонското востание, познато и како Кресненско востание, организиран и вооружен бунт, кој во националната меморија на Македонците останува запаметен како една од првите пројави на македонскиот борбен дух за слобода и сопствена држава во поновата историја. Македонското востаничко движење од 1878 година се појавува во сложени геополитички услови кога царска Русија се обидува да го прошири своето влијание до Егејско Море, односно на Средоземно Море. Но желбата на Македонците за слобода и сопствена држава била злоупотребена од руските панслависти и великобугарите, кои не се откажале од санстефанскиот идеал. Особено негативно се одразило бугарското замешателство, кое ја компромитирало македонската кауза пред големите сили. Меѓутоа и покрај надворешните влијанија, Македонското востание е творба на македонскиот народ, а тоа е очигледно и од самото име на востанието.
Ослободување на Кресна
Никола Минов, историчар и универзитетски професор од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, посочува дека востаничкиот набој во североисточна Македонија се должел на редица внатрешни и надворешни фактори. Заострената политичка и социјално-економска положба на македонското христијанско население претставувала основа за почеток на востание. Присуството на руски војски во Горна Џумаја било мошне силен фактор, кој давал надеж за руска воена интервенција.
– Охрабрувачки фактор било и присуството на македонските доброволци од Руско-турската и Српско-турската војна. Притоа, во прилог на востанието се изјаснувале и македонските војводи, како и протераните егзархиски митрополити, Натанаил Охридски и Кирил Скопски. Востаничката атмосфера треба да се поврзе и со тогашната надворешнополитичка ситуација – вели проф. д-р Минов.
Во летото 1878 година била донесена одлука за организирање востание во Македонија. Врз основа на оваа одлука есента истата година биле повикани сите вооружени ајдучки, востанички и доброволечки чети од Македонија. На 17 октомври 1878 година, востаничките сили предводени од војводите Стојан Карастоилов, Коста Кукото, Стојо Торолинко и Крсто Аризонов, во вечерните часови пристигнале близу селото Кресна. Борбата започнале кога востаничките сили се доближиле до османлиските позиции, а набргу во помош на востаниците пристигнале и селаните од Кресна, Влахи, Оштава и од други кресненски села. Стојан Карастоилов успеал со востаниците да ги обиколи Турците и да им го прекине снабдувањето со храна и вода. Борбата меѓу востаниците и турската војска траела околу 18 часа, а на крајот турските сили биле принудени да се предадат. Во битката кај Кресна особено се истакнал војводата Стојан со извонредната борбеност, храброст и јунаштво. По ослободувањето на Кресна биле ослободени и селата Оштава, Влахи и Ново Село, а востаниците се префрлиле на десниот брег на реката Струма.
– Големата востаничка победа кај Кресна имала големо влијание врз понатамошниот развој и опфат на Македонското востание. Всушност, презентацијата на востаничката моќ постигнала многу поголем ефект од сета претходна агитација за востание. Така, кај востаничкото раководство започнале да пристигнуваат писма од селата во внатрешноста на Македонија, со барања за совети, помош и оружје, во кои македонските селани ја изразувале својата подготвеност за борба – посочува Минов.
Името што самите востаници го употребувале за востанието
По ослободувањето на територијата биле формирани Штаб на востанието како највисоко раководно тело и команда на востаничките сили. За атаман на македонските востаници бил именуван рускиот мајор Адам Калмиков, а за прв војвода бил прогласен Стојан Карастоилов. Како највисоко раководно тело бил формиран и штаб, наречен Штаб на Македонското востание, а за началник бил поставен Димитар Поп Георгиев Беровски.
Според проф. д-р Никола Минов, началникот на штабот на македонските востаници своите писма ги запечатувал со печат во кружна форма, на чија површина бил изгравиран текстот: „Печат на началникот на штабот на Македонското востание 1878“. Минов исто така посочува дека востаниците инсистирале на вакво именување на востанието, а тоа е евидентно и може да се согледа и од едно писмо на Калмиков до комитетот Единство, во кое атаманот запишал: „Вие се воздржувате да пишувате… од македонскиот комитет – тоа име нема да умре и затоа Ви соопштувам дека без зборот македон, Вашите писма ќе Ви бидат вратени назад – молам ова да им го соопштите на сите комитети“.
Професор Минов вели дека иако во постарата македонска историографија било користено името Кресненско востание, а бугарската историографија, која и понатаму неправилно го третира востанието како бугарско, истото го именува Кресненско-разлошко востание, нема причина да не се прифати името што самите востаници го употребувале за нивното востание – Македонско востание.
Заострување на односите помеѓу бугарските комитети и македонските војводи
Паралелно со востаничките активности во Македонија, на територијата на Бугарија биле формирани и неколку комитети со заедничко име Единство, а најактивен од нив бил софискиот разгранок. Под закрила на споменатите комитети биле формирани два одреда во јачина од околу 400 души и предводени од Адам Калмиков и Луј Војткевич. Главниот стремеж на бугарските комитети бил насочен кон искористување на востаничкото движење во Македонија како притисок врз европската дипломатија за ревидирање на одлуките на Берлинскиот конгрес, односно приклучување на Македонија кон бугарската држава. Затоа бугарските комитети и македонските водачи уште на самиот почеток се судриле, најпрво во однос на тактиката и начинот на водење на борбата, а на крајот околу идеолошките принципи на востанието.
– Поради протерувањето на А. Калмиков и Л. Војткевич без консултации со Единство, џумајскиот комитет го повикал Поп Георгиев Беровски да се јави во Горна Џумаја и да ја објасни одлуката. Меѓутоа, Беровски и македонските војводи ја насетиле стапицата и го игнорирале повикот. Оваа одлука крајно ги заострила односите меѓу бугарските комитети и македонските војводи – вели проф. д-р Минов.
На 23 октомври 1878 година, Главниот штабот ги вратил Адам Калмиков и Луј Војткевич во Бугарија, за привремен командант бил избран војводата Стојан Карастоилов, а Беровски останал началник на штабот. Калмиков и Луј Војткевич во Ќустендил го обвиниле Беровски, а комитетот Единство го повикал Беровски, но востаничките војводи не му дозволиле да замине. Обидот на комитетот да доминира во раководењето на востанието предизвикало многубројни противречности меѓу раководството на востанието и комитетот. Комитетот ја условувал раководната улога со испраќање помош, особено оружје и муниција и со промена на стратегијата на востанието. Имено, комитетот барал востанието да се прошири кон Крива Паланка, додека штабот настојувал да се зацврсти народната власт во ослободените села, а потоа востанието постапно да се шири кон внатрешноста на Македонија.
– Покрај тоа што Беровски и неговите соборци ги игнорирале тактичките инструкции на Единство, тие покажувале целосна самостојност при донесувањето на одлуките и не им дозволувале на комитетите да се мешаат во воените работи, ограничувајќи ја нивната улога на снабдување на четите со оружје и трансфер на доброволците од кнежевството во Македонија – нагласува Никола Минов.
Со народното свето дело, туѓинци си играат комедија
По одбивањето на Беровски да замине за Џумаја, Калмиков заминал за Софија каде што го обвинил началникот на востанието. Софискиот комитет, кој не се согласувал со доминацијата на внатрешните во штабот и со политичката и воената стратегија на Македонското востание, го повикал началникот на штабот, Димитар Поп Георгиев Беровски, веднаш да се јави во Софија на објаснување. Меѓутоа, по одлука на војводите, Беровски не заминал ни во Софија, туку го испратил А. Филипов. Со одбивањето на македонското раководство да ги изврши наредбите на бугарските комитети биле предизвикани многубројни остри реакции во Софија. Претседателот на софискиот комитет, митрополитот Мелетиј, испратил писмо до Џумајскиот комитет во кое наредил да биде уапсен Димитар Поп Георгиев Беровски.
– На тој начин, софискиот благотворителен комитет се стремел да ги преземе нештата во свои раце и, преку тричлената комисија, директно да раководи со Македонското востание. Оваа одлука на софискиот комитет била резултат на редица причини. Од една страна, во Софија согледале дека македонските востанички лидери настапувале самостојно, во согласност со моменталната состојба и локалните потреби. Локализирањето на востанието, инсистирањето на термините македонско, македон итн. и оглушувањето кон наредбите што доаѓале од Бугарија претставувале реална опасност за Бугарија дека востанието ќе заземе целосно самостоен тек и нема да се постигне ефект каков што би ѝ одговарал на Бугарија – посочува проф. д-р Никола Минов.
Во почетокот на ноември 1878 година, Софискиот комитет ја испратил комисијата придружена од мајорот Калмиков со многубројни доброволци, која преку Џумаја стигнала во Влахи. Беровски веднаш бил уапсен и затворен во Џумаја. Комисијата се претворила во врховно и законодавно тело над востанието. Калмиков бил поставен за командант на силите на Кресненското востание, а Луј Војткевич на Разлошкото. Војводата Стојан Карастоилов, по затворањето на Беровски, се потчинил на одлуките на Софискиот комитет и му ја предал команданта на Калмиков. Повеќето војводи, особено оние од Западна Македонија, предводени од Стефо и Коста Буфски, не го прифатиле враќањето на Калмиков и го напуштиле селото Влахи, заминувајќи преку реката Струма, а некои поднеле оставка.
Со тоа на Калмиков му било овозможено да избере свои луѓе и да го преземе раководството на востанието. Меѓутоа Стојан војводата ги штител своите, односно македонските војводи. Набргу потоа биле убиени најблиските приврзаници на Карастоилов, а на 25 ноември 1878 година бил убиен и војводата Стојан Карастоилов заедно со Георги Чолаков и Иван Трендов.
Со убиството на војводата Стојан Карастоилов и Димитар Поп Георгиев Беровски, софискиот комитет Единство преку мајорот Калмиков го презел раководењето со востанието. Набргу дошло до промена на стратегијата и софискиот комитет наредил да се изведуваат оружени акции во близината на бугарската граница кон Ќустендил и Разлошко, за да се предизвика интересот на европската дипломатија, односно востанието да биде искористено како протест против Берлинскиот договор, односно враќање на санстефанските решенија.
– Според бугарската историографија, убиството на Карастоилов било последица на непријателството помеѓу т.н. надворешни (странски доброволци) и внатрешни („бугарските востаници“). Ваквата теза го отвора прашањето зошто доколку навистина се работело за непријателство помеѓу туѓинците (Руси, Полјаци, Австроунгарци, Срби итн.) и локалните „Бугари“, претставникот на комитетот Единство ја зазел страната на туѓинците, а не на „Бугарите“? Непосредно по апсењето, Беровски упатил писмо до К. Босилков, во кое запишал дека „со народното свето дело, туѓинци си играат комедија“. Беровски бил во право. Со делото на македонските востаници, туѓинците (странските доброволци, но пред сѐ бугарскиот фактор во Единство) навистина си играле комедија, а трагедијата во целата комедија биле жртвите што ги дале т.н внатрешни – Македонците – нагласува Никола Минов од Институтот за историја. Д.Ст.