И етничките групи вклучуваат голем број доброволци во сите области од животот. Меѓу нив се вбројува и македонската, каде што најчесто се работи во помагање на стари лица, во образовниот систем, медиумите, општината во која живеат. Секоја чест до сите македонски активисти, минати и сегашни, кои можеби се обесхрабрени или демотивирани во одреден период. Вистинските идеи не треба да останат во сенка, ништо не треба да ги обесхрабри вистинските „борци“, особено не минатите лоши искуства
Писмо од Мелбурн, слики од Австралија
Велат дека човечкото благородно дело е единствениот јазик што може да го слушне и глувиот и кој може да го види и слепиот. Во денешно време сѐ повеќе се актуализира темата дали е вредно да се биде волонтер и дали се признава и почитува таквиот вид работа.
Зборот „волонтер“ првпат е запишан во книгите во 1755 година. А за тоа колку е признаено во самото општество, зависи за која земја станува збор, кој и како го спроведува. Во Австралијa, во чиј состав влегуваат шест сојузни држави и две покраини, а популацијата во 2022 достигна бројка од 26.084.840, постојат 600.000 непрофитни организации во кои помагаат голем број доброволци. Денес бројот на волонтери низ цела Австралија е пет милиони.
Бенефициите од ваквиот вид работење се огромни за австралиското општество заради социјални причини, но и придонесот на доброволците во австралиската економија од 42 милијарди долари.
Од секој човек што ќе посака да даде придонес одвојувајќи дел од своето време се бара сепак да поседува одредени квалитети, јасна визија и причина зошто го прави тоа. Процесот на ставање во служба на доброволците не е комплициран, но сепак постои процедура по која се примаат, потоа се обучуваат преку организирани семинари и дури потоа се подготвени да започнат со работа. Обично се бара од самите волонтери да одвојат само 1-2 часа и од своето време, редовност и вистинска посветеност, во тоа што им се бара. Но не гледа секој така на доброволното работење. Тие што го избрале овој пат имаат исклучителна дарба, вишок енергија и, секако, големо срце. Поради ковид-кризата и строгите заклучувања во Мелбурн, Викторија, и низ цела Австралија, процентот на волонтери во одреден период падна, но активностите постепено се враќаат во нормала, па со тоа и желбата да се помогне.
Чувството да се помогне, да се оствари некоја цел за доброто на поединци, групи или установи во едно општество е најголема награда за доброволците.
Тие несебично се инволвираат без финансиски надоместок, заради силната желба да се постигне нешто повеќе, да ги тестираат своите способности и да се стават во служба на организираното тело за кое се нафатиле да работат.
Она што го даваат е нешто многу вредно и останува да поучува и други и да претставува силна основа за градење нови проекти, нови подвизи. Практиката на волонтерското работење во Австралија се применува уште од 1813 година, со формирањето на првата волонтерска организација „Беневолент сосајети“. Главна цел на оваа волонтерска организација била да им помага на беспомошните и обесправените. Следејќи го нејзиниот пример се формирале и други доброволни организации. Во текот на Првата и Втората светска војна, нивната улога била да им помогнат и на повратниците од војните, како и на децата на загинатите војници.
Доброволната работа е признаена и наградена на Меѓународниот ден на доброволците во Австралија, кој се одбележува на 5 декември.
Австралиската национална организација „Волунтеринг Австралија“ e главен официјален претставник на доброволните организации. На овој ден се укажува на големи значајни проекти направени од страна на доброволците низ светот, но во исто време им се доделуваат признанија за нивната активна несебична ангажираност и огромен придонес во општеството.
И етничките групи вклучуваат голем број доброволци во сите области од животот. Меѓу нив се вбројува и македонската, каде што најчесто се работи во помагање на стари лица, во образовниот систем, медиумите, општината во која живеат. Секоја чест до сите македонски активисти, минати и сегашни, кои можеби се обесхрабрени или демотивирани во одреден период. Вистинските идеи не треба да останат во сенка, ништо не треба да ги обесхрабри вистинските „борци“, особено не минатите лоши искуства.
Доброволната работа има посебна доблест, која треба секој да знае да ја препознае и бескрајно почитува. Оттаму започнуваат идеи, надежи, амбиции, желби за да се оствари некој значаен проект. И додека некој гледа сѐ низ призмата на парите, делата на доброволците не блескаат на видеобимови или рекламни табли во градот, нивните дела градат ѕвездена патека по која засекогаш ќе чекорат нивниот идеал, добрина и визија.
Гордана Димовска, специјално за „Нова Македонија“ од Мелбурн, Австралија