Влијанието на топлото време веќе се одразува на приливот на вода во реките и езерата во Македонија, а домашните метеоролози за годинава прогнозираат сушно лето. Најкритичен период е крајот на август и во септември
За Балканот и Македонија доаѓа сушен период со натпросечни топли денови за претстојното лето. Рекордните температури ќе бидат еден од најголемите временски фактори ова лето во Јужна Европа, предупредуваат метеоролозите. Тие нагласуваат дека во втората половина од сезоната во градовите од Балканскиот Полуостров може да се очекуваат повеќе денови со температури над 32 степена, во споредба со долгорочниот просек.
Претстојниот летен период во Европа и на Балканскиот Регион може да биде потопол од вообичаената временска прогноза за поголемиот дел на континентот. Секој топлотен бран над нормалните температури ќе трае една или две недели, кои ќе бидат прекинувани со локални бури, што ќе ги намали дневните температури, со можност за појава на врнежи.
– Нестабилното време, проследено со грмежи, ќе предизвика штети на посевите. Дождовите ќе ја ублажат сушата низ Балканот, но бурите може да ги оштетат посевите на пченица и пченка во целиот регион – предупредуваат метеоролозите.
Минатото лето беше најтоплото што е забележано во Европа, со темпeратури што се за еден степен повисоки од просекот во претходните три децении. Влијанието на топлото време веќе се одразува на приливот на вода во реките и езерата во Македонија, а домашните метеоролози за годинава прогнозираат сушно лето.
– Според сегашниот воден потенцијал и најавеното топло време за летниот период, Македонија ја очекува сушен период. Веројатноста да се смени оваа состојба е минимална, затоа што следуваат месеци кога врнежите се помали во однос на другиот период од годината. Можно е да има некои промени во јуни, но тоа би билo од локален карактер. Генерално гледано, сегашниот воден потенцијал во сите реки, водотеци и езера е под просекот за годинава. За одредени региони е и значително понизок. Нѐ очекува сушно лето. Ова важи еднакво за сите делови од Македонија, што може да се одрази и на снабдувањето со вода за пиење или за наводнување. Во случај да нема поголеми врнежи, недостигот од вода може да се почувствува во август и во септември. Во подобра состојба ќе бидат регионите во кои има постојни акумулации, но и таму се очекуваат намалени приливи, поради намалување на штедроста на изворите. Состојбата за хидроенергетскиот потенцијал се следи од електроцентралите, но и таму е намален водостојот на браните. Заради намалување на ризикот од недостиг од вода, потребно е рационалното или подобро кажано оптимално искористување на водните ресурси, за да се задоволат потребите за вода за пиење за населението или за наводнување на земјоделските површини – ни изјави Атанас Угрински, од Секторот за хидрологија во Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија.
Според мерењата на дневната хидролошка состојба за реките и езерата во Македонија, изминатите денови се забележани доста пониски вредности од вообичаено.
Покрај ваквата неповолна хидролошка состојба на реките, голем дел од овој ресурс останува неискористен. Просечно околу 60 отсто од водата за пиење во земјава не се опфатени во водоснабдувачките системи, покажуваат податоците што ги објави Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
– Процентот на неприходувана вода и во 2021 година останува еден од клучните параметри преку кои се оценува успешноста на работата на давателите на водни услуги и истиот тој се движи помеѓу 14 отсто и 92 проценти, во зависност од давателот на водната услуга – се наведува во извештајот на РКЕ.
Од податоците што ги објавува РКЕ се забележува дека од осумте региони во земјава најголеми загуби има во Североисточниот Регион, каде што фактурираната вода опфаќа 25,85 проценти од резервите, додека неприходуваните количества достигнуваат 74,15 отсто. Во Скопскиот Регион опфатот на вода за пиење е поголем, па во фактурирана вода влегуваат 40,37 проценти од водата, додека неприходувани се 59,63 проценти вода од вкупните расположливи ресурси. Во Пелагонискиот Регион во фактурирана вода влегуваат 51,16 отсто, додека неприходуваните количества се 48,84 проценти. Кај другите региони процентот на неприходуваната вода е околу шеесетина проценти. М.Ј.