Претседателот на Совет на Европа, Шарл Мишел, пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан изјави дека ова е историски ден не само за Тирана, туку и за односот на ЕУ со Западен Балкан. Високиот функционер рече дека иднината на Европската Унија е со Западен Балкан и денеска на самитот ќе бидат потпишани конкретни договори за побезбедна иднина.
– Ова ќе биде важен, симболичен состанок. Ова е првпат да се одржува овде, во земја која не е членка. Убеден сум дека иднината на нашите деца ќе биде побезбедна со нашите напори. Денеска ќе го потпишеме договорот за роаминг трошоци. Олеснување за бизнисите, граѓаните, туризмот. Следното прашање ќе биде енергетската криза. Возбудливо е да се биде овде. Иднината на Европа, тоа е иднината на нашите деца, ќе биде побезбедна со Западен Балкан. Приближувањето до регионот е важно за нас – изјави Мишел.
Има седум суштински прашања за кои ќе се разговара на самитот, каде, како и на минатите самити на ЕУ, главна тема останува конфликтот во Украина. Лидерите на ЕУ во Тирана ќе разговараат и за негативните последици од енергетската криза во Западен Балкан, кибер нападите, вклучително и загриженоста за зголемување на илегалната имиграција во земјите на ЕУ.
Ќе се разговара за последиците од војната во Украина, политичкото интензивирање и политиките за проширување, зголемувањето на изградбата на безбедноста од странски влијанија, имиграциските предизвици, борбата против тероризмот и организираниот криминал, зголемување на соработката во одбраната од кибер-напади, негативните ефекти од енергетската криза во Западен Балкан, како и отстранување на роаминг со земјите од Западен Балкан.
– Партнерство, тоа е тоа што го нудиме и тоа е причината што овој самит се одржува за првпат на Западен Балкан, изјави кусо еврокомесарот проширување и добрососедство, Оливер Вархеи за медиумите во Тирана.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска пред Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана истакна дека напредокот повторно е видлив во тој регион.
Фон дер Лајен во изјава за новинарите рече дека денешната средба ќе биде интересна, бидејќи станува збор за практичен напредок на регион кој е важен за ЕУ.
– Првата тема ќе биде енергетската безбедност, а ние воспоставивме енергетски пакет. Тој предвидува 500 милиони евра што ќе ги добијат земјите од Западен Балкан за помош на нивните буџети и економија и 500 милиони евра за инвестирање во обновливите извори на енергија, енергијата на иднината – нагласи Фон дер Лајен.
Безбедносните мерки во албанската метропола се на највисоко ниво, а на булеварот „Народни херои“, каде што опозицијата во 12 часот најави протест, како и на булеварот „Италија“ каде се наоѓа Конгресната палата, каде се одржува самитот, целосно е блокирано движењето со поставени полицски кордони.