Премиерот Димитар Ковачевски изрази загриженост во однос на случувањата во северниот дел на Косово, бидејќи смета дека такви тензии може да предизвикаат и одредени регионални негативни ефекти и оти решението е во дијалогот што веќе се води помеѓу Србија и Косово со посредство на ЕУ.
– И министерот за надворешни работи и јас изразуваме загриженост за тоа што се случува на северот на Косово. Сметам дека сите страни треба да се однесуваат во насока на воспоставување на мир на северот на Косово, бидејќи такви тензии во тој дел може да предизвикаат и одредени регионални негативни ефекти. Сметам дека решението треба да се најде низ дијалогот којшто е отпочнат и којшто е со меѓународно посредништво помеѓу Србија и Косово – рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес- конференција во Владата на која беше претставен буџетот на МТСП за 2023 година.
Во однос на тоа дали во актуелната состојба ќе биде упатена препорака до наши граѓани да не патуваат во Косово, премиерот рече дека состојбата внимателно се следи од страна надлежните институции во земјава.
– Да не заборавиме, ние во составот на КФОР имаме наши единици коишто се наоѓаат таму. Министерството за одбрана ме информира на дневна основа во однос на нашиот контингент којшто го имаме таму. МНР на дневна основа ја следи ситуацијата и кога ќе има потреба тогаш нормално дека ќе излезат со соопштенија во однос на нашите граѓани, кои се наоѓаат во соседно Косово – рече Ковачевски.