Бугарските лингвисти (во најголема мера „јаничари“) повторно удираат ниско во извртувањето и присвојувањето на македонската култура, македонското културно и национално материјално и нематеријално (духовно) богатство. Во пресрет на денот на македонските и сесловенските просветители и рамноапостоли, Св. Кирил и Св. Методиј, од Софија повторно се слуша ехото на лажните и искривени бездостоинствени и дрски извртувања на вистината за македонската лингвокултурологија, од една страна, и присвојувањето на духовното наследство на Македонците, од друга страна. Уште пред 1913 година, кога се случува најголемото крволочно растргнување на Македонците, македонското културно и територијално јадро пред очите на „цивилизирана“ Европа, па и од самата Европа – Пулевски, Мисирков, Жинзифов и уште безброј македонски интелектуалци и преродбеници јасно се противат на апсурдната бугарска насилна пропаганда и политика за уништување на македонизмот и негово поистоветување со новосоздадениот „бугаризам“ со силна поддршка од Русија и Европа, а по однос на појавувањето на наметнатата теза од т.н. бугарски кружоци „дали постои македонска нација“, најдобро одговара Кочо Рацин.
Имено, во еден од многуте зачувани документи, Рацин јасно зборува на темата дали сме ние Македонци или македонски Бугари. На прашањето јасно, сигурно и недвосмислено одговара: „Јасно е дека ние сме Македонци, а не македонски Блгари. Јасно е дека против това се борат свесно и блгарските и српските империалисти, и дека несвесно им служат онија наши другари, што ни одречуат правото да се сметаме национално Македонци“. Впрочем, и во „Утро Россiи“, No. 146, 1913 година, Москва, ќе осамне напис со наслов „Македонија“, во кој се вели: „Македонија е земја на Александар Македонски, на големите светители Македонци Св. Кирил и Св. Методиј, на Охридската архиепископија и на македонскиот цар Самоил. Во статијата, уредништвото дава објективен историски преглед за македонското национално постоење, а наедно прашува чија всушност може да биде Македонија, одговарајќи дека, според историското наследство и јазикот, таа може да биде само македонска… Ова е само едно зрнце сол во „мртвото море“ од аргументите што ги поседува вистината за постоењето и милениумскиот континуитет на Македонците, македонската нација, македонската култура и македонското културно национално богатство. На оние бугарски „квази“ лингвисти и историчари коишто отворено и бесрамно се занимаваат со разнебитување на македонскиот културен код и извртување на македонската вистина и за нејзино приграбување, им порачувам исто како и Рацин пред да биде убиен на Лопушник: „Сепак, ние ќе победиме!“ (вистината е на македонска страна).
Најновите напади од Софија ја шират линијата на фронтот, па одат дотаму дека во Пиринска Македонија се вршела насилна коминтерновска македонизација на „бугарското“ население, а истото тоа се случувало и од другата страна на границата, односно во Македонија (оној мал дел за кој се изборивме ние, Македонците).
Значи навистина бугарската „квази“ научна фела се служи со вулгарни, бесмислени, незамисливи, грди и гнасни фалсификувања и лаги, за коишто и самите се свесни дека се со апсолутно „нездрава основа“ и надвор од секое нормално човечко размислување дури и за најнеукото човечко битие. Ваквите безгранични лаги со кои не може да се согласи и самиот конструктор, на крајот дополнително ја зајакнуваат македонската позиција на сите полиња. Во овие последни напади на македонизмот, бугарските лингвисти повторно и повторно се обидуваат македонската дијалектологија и македонската историја на јазик да ги припојат кон себе, односно да ги бугаризираат. Тоа, драги источни соседи, е невозможно, светот веќе одамна ја знае и ја призна целовитоста на македонската дијалектологија, која се протега и длабоко во сегашните граници на вашата земја, а која брои илјадници Македонци што говорот на македонски јазик, со свои специфични дијалектни манифестации. Ќе мора да се соочите со фактот дека на дел од вашата земја има многу македонски дијалекти, кои заедно со говорите во Егејска Македонија ги врзува едно заедничко јадро, а тоа е милениумскиот жив македонски јазик. И покрај јасниот непрекинат милениумски македонски јазичен и културен идентитет за којшто македонистиката има милиони и милиони фактографски аргументирани докази, сепак некојси научни „јаничари“ се обидуваат да наметнат јазичен спор којшто не постои и за кој научно е нездраво да се дискутира, поради што сметам дека веднаш треба да се престане со правдање, туку да удриме на источните соседи со аргументите и македонската вистина преку изнесување на фактите за нивниот „вештачки“ бугарски јазик којшто го создава и распространува по светот руската држава. Шегата настрана, нашиот источен сосед успеа на голема врата да го истурка својот новокомпониран јазик по сиот свет и успеа да фрли семе на раздорот во повеќето балкански држави. Источниот ни сосед во неколку наврати успева да „дрпне“ по нешто од нашата култура, иако е невозможно да се фалсификува историографијата, особено за македонските светители Св. Кирил и Св. Методиј, Св. Климент и Св. Наум Охридски, Св. Кирил Лешочки, Св. Јоаким Осоговски…, но јас ја разбирам нивната вознемиреност, иако е премногу истакната. Имено, кога ги имате Македонците како соседи со својата богата милениумска историја и јазичен континуитет, кога за сосед ја имате Македонската православна црква-Охридска архиепископија, мајка на повеќето православни цркви, мора да се чувствувате беспомошно и празно, впрочем како што се чувствуваат оние фалсификатори што се обидуваат да ја извртат македонската вистина и да украдат дел од македонското културно национално движно и недвижно наследство. Ние Македонците сме свои на своето и нашата позиција и во најлошите моменти, и по најголемите напади од соседите, и по најголемите разграбувања е стабилна и сигурна, бидејќи, почитувани источни соседи, македонизмот е жив, а жива е и Македонија!
Проф. д-р Михајло Марковиќ,
Катедра за македонски јазик и книжевност при Универзитетот во Тетово