Фото: ЕПА

Мегапроектот на Алијансата во близината на романското пристаниште Констанца ќе чини 2,5 милијарди евра. Тој е со големина на мал град, на површина од речиси 3.000 хектари. На избраната локација ќе може трајно да се сместат до 10.000 војници на НАТО и членови на нивните семејства

Во Романија почна да се работи на најголемата воена база на НАТО на Балканот, која по капацитет ќе ги надмине сите, освен онаа во германски Рамштајн. Во проширувањето на аеродромот „Михаил Когалничеану“ ќе бидат инвестирани дури 2,5 милијарди евра, бидејќи тој се наоѓа во близината на пристанишниот град Констанца, на брегот на Црно Море, и НАТО планира оттаму да ги контролира Русија и нејзината флота.
Николае Кречу, командант на 57. воздухопловна база „Михаил Когалничеану“, вели дека неговата единица е подготвена да прими нови војници на НАТО, од кои веќе има околу 5.000, а повеќето се Американци.
– Се градат капацитети за копнените сили и специјалните единици, но и за сите војници и видови оружје неопходни за брза реакција – рече Николае Кречу.
Со големина на мал град, на површина од речиси 3.000 хектари, таа локација ќе може трајно да смести до 10.000 војници на НАТО и нивните семејства.
Проектот, вреден 2,5 милијарди евра, вклучува писти, платформи за оружје, хангари за воени авиони, како и училишта, градинки, продавници, па дури и болница, објави романски „Евроњуз“.
Веќе се градат пристапни патишта, а следен чекор е изградба на нова писта, паралелна со постојната. Тие ќе бидат поврзани, а до нив ќе има нови такси-патишта и паркинг-места. Планирано е аеродромот да може да ги смести сите видови авиони со кои располага НАТО, вклучувајќи ги и најтешките транспортни авиони. Новата база ќе се простира на 2.800 хектари, со периметар од 30 километри околу неа.
– Таа база ќе стане најважната постојана воена структура на НАТО во непосредна близина на конфликтот во јужна Украина. Да не размислуваме дали овој конфликт ќе заврши годинава, во 2025, или 2026 година. Тоа е долгорочен конфликт – рече Дорин Попеску, геополитички аналитичар.
Кога базата ќе биде завршена, таа наводно ќе биде 20 отсто поголема од онаа во Рамштајн, Германија, која моментално е најголемата база на НАТО во Европа. Се очекува новата база целосно да функционира до 2040 година.
Од 1999 година, базата „Михаил Когалничеану“ ја користеа американските трупи. Во моментов таму има војници од 101-та воздушно-десантна дивизија и борбени авиони на НАТО што извршуваат воздушни полициски мисии таму. Романија долго време беше клучен центар за операциите на НАТО во регионот на Црно Море. Илјадници американски војници се распоредени во земјата за да вршат обука и безбедносни мисии од почетокот на војната во Украина. Р.С.


„Рамштајн“ останува главниот воен центар на САД

САД имаат четири воени бази во Европа, со аеродроми во Велика Британија и Германија. „Рамштајн“ е најголем и има две писти, од 3.200 и 2.830 метри, таму се стационирани околу 35.000 војници и 4.000 цивилни специјалци. Во „Рамштајн“ се чуваат околу 150 нуклеарни боеви глави, а големината на новата база во Романија укажува дека и таму може да се појави атомско оружје.
Американците чуваат неколку ескадрили на ловци и бомбардери во „Рамштајн“, а таму е стационирана командата за транспортни авиони, па затоа е најважната претоварна точка за транспорт на американско оружје и војници во Европа. Најголемата американска воена болница се наоѓа во блискиот Ландстул.