Компромисот во предлог-преговарачката рамка е многу едноставен. Гаранција на македонскиот јазик и идентитет и почнување на преговорите од една страна и внесување на бугарската заедница во Уставот од друга страна, пред продолжување на преговорите пред втората меѓувладина седница, изјави вечерва вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во интервју на телевизија „Канал 5“.
– Ова е компромис кој што ние го правиме заради нас, не заради Бугарија, не заради некој друг – кажа Маричиќ.
Тој нагласи дека во предлогот не постои точка која го негира нашиот јазик.
– Секој граѓанин, секој пратеник, да ги погледне документите, да најдат една точка во овој предлог која што го негира нашиот јазик, која што ни наметнува некаква асимилација или бугаризација, како што се вели на протестите, и која што ни го оспорува правото да говориме македонскиот јазик и да се наречеме Македонци. Нема такво нешто – рече тој.
Според Маричиќ, имаме согласност од Бугарија, доколку го прифатиме овој пакет, да го потпишеме договорот со Фронтекс, кој што, како што рече, е договор со Европска Унија, не само со Бугарија, во кој, исто така, ќе пишува македонски јазик.
– Тоа ни е гаранција дека Бугарија нема да се противи на формулацијата македонски јазик во документите на ЕУ, што беше наша цел – истакна Маричиќ.
На крајот на процесот, посочи тој, македонскиот јазик, според сето ова ќе се официјализира како службен јазик на Европската Унија.
– Ние ништо друго и нема да прифатиме, ниту можеме да прифатиме. Доколку во кој било момент добиеме непристоен предлог за јазикот и идентитетот, ние имаме целосно право и да ги напуштиме и да ги прекинеме преговорите – рече тој.
Маричиќ смета дека никој не може да не натера да се асимилираме и тоа не може да се случи, затоа што, според него, никој не може во денешно време да го асимилира нашето чувството како Македонци или било чие етничко чувство или кој јазик го говори.
Нашиот идентитет е утврден и гарантиран, не постои процес кој тоа може да го поништи
Доколку биде поддржан овој ревидиран „француски предлог“, преговорите за земјава за членство во ЕУ ќе започнат уште наредната недела, со организирање на меѓувладина конференција, со којашто ќе започне процесот на скрининг, изјави денеска вицепремиерот Бојан Маричиќ за „Блумберг Адриа“.
– Скринингот е една почетна и неопходна фаза на секои преговори. Она што е за нас важно е дека нема да има дополнителни условувања од Бугарија, освен ова што веќе сме го прифатиле, а тоа е промена на Уставот заради внесување на бугарската заедница во Уставот. И кога тоа ќе се случи, автоматски продолжуваат преговорите и по поглавја и во другите делови. Така што сме сигурни дека имаме една формула која гарантира тек на преговорите – порача Маричиќ.
Тој го поздрави обраќањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во македонското Собрание, за која рече дека испратила јасни и недвосмислени пораки дека нè очекуваат да ги почнеме преговорите со Европската Унија за членство уште во наредните неколку дена, доколку се прифати ревидираниот француски предлог.
– Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен јасно стави до знаење дека историјата не е критериум за членство во Европската Унија и не може да биде критериум ниту едно историско прашање и конечно јасно стави до знаење дека македонскиот јазик е гарантиран и дека Европската Унија ги почитува различностите и идентитетот на секоја нова членка. Така што во таа смисла го потврди она што го говориме веќе со денови и недели, дека македонскиот јазик е заштитен и гарантиран и ќе биде службен јазик на Европската Унија, кога ќе станеме членка – потенцираше вицепремиерот Маричиќ.
Тој додаде дека во која било фаза на преговорите со Европската Унија, доколку бидеме принудени да правиме какви било отстапки во делот на јазикот и идентитетот, ние можеме да ги напуштиме тие преговори легитимно, бидејќи тоа не е дел од процесот на Европската Унија.
– Никој не треба да има грижи, да има загриженост дека можно е да се направи некаква асимилација. Нашиот идентитет е утврден, гарантиран, го носиме во нас секојдневно, и не постои процес кој тоа може да го поништи – нагласи Маричиќ.
На прашањето за протестите пред Собранието, вицепремиерот рече дека правото на протест е демократско и секако загарантирано во демократска држава каква што е нашата, но насилството, повикување на насилство и говор на омраза, не се дозволени.
– Секој има право легитимно да протестира и да изразува незадоволство, но треба навистина, имајќи ги сите емоции наши предвид, сите ние имаме емоции кон оваа ситуација, треба да се погледне што пишува во текстот, треба да се погледне реално дека нашиот идентитет е заштитен и никој не може да ни го промени. Дека не постои процес на преговори, ниту каква било цел, којашто би можела нас да не направи нешто друго освен Македонци кои говорат македонски јазик – додаде Маричиќ за „Блумберг Адриа“.