Научниците го активираа алармот за да укажат на еден глобален проблем што во најразлични форми се манифестира сѐ понагласено. Имено, според последните сознанија, пластиката сега е насекаде, не само околу нас туку и во нас, во нашите тела, па ситни фрагменти се пронајдени во неколку главни органи на човечкото тело, вклучувајќи ја и плацентата. Со оглед на тоа колку лесно микроскопските честички се инфилтрираат во нашите ткива, од витално значење е да ја имаме информацијата за тоа какви точно ризици носат микропластичните фрагменти по нашето здравје
Уште еден осврт кон феноменот – микропластика (2)
Истражувачите во последно време се неуморни со проучување на ефектите на микропластиката, истражувајќи кај мини-репликите на органите и кај експерименталните глувци, за да добијат информации за тоа како микропластичните фрагменти можат да влијаат на човечкото тело. Сепак, концентрациите на микропластика користени во тие студии можеби не ја одразуваат изложеноста на луѓето во реалниот свет, па токму затоа неколку студии се направени и кај луѓе.
Научни истражувања и кај пациенти
Една „мала“ студија во Италија откри дека парчиња микропластика во масните наслаги хируршки биле отстранети од пациенти што имале операција за отворање на нивните затнати артерии – и ги пријавиле нивните здравствени резултати речиси три години подоцна.
Отстранувањето на масните наслаги од стеснетите артерии во процедура наречена каротидна ендартеректомија го намалува ризикот од идни мозочни удари.
Тимот што стои зад оваа нова студија, предводен од Рафаеле Марфела, медицински истражувач на Универзитетот во Кампанија во Неапол, се запраша како ризикот од мозочен удар – како и срцев удар и смрт – се споредува помеѓу пациентите што имале микропластика во нивните наслаги и оние што немале.
Следејќи 257 пациенти во текот на 34 месеци, истражувачите открија дека речиси 60 отсто од нив имале мерливи количества полиетилен во наслагите извадени од нивните артерии задебелени со маснотии, а 12 отсто исто така имале поливинил хлорид (ПВЦ) во извлечените масни наслаги.
ПВЦ доаѓа во цврсти и флексибилни форми и се користи за производство на цевки за вода, пластични шишиња, подови и пакување. Полиетиленот е најчесто произведената пластика, која се користи и за пластични ќесиња, филмови и шишиња.
Со оглед на тоа што претходно беше откриено дека микропластиката тече низ крвотокот на луѓето, истражувачите со право беа загрижени за здравјето на срцето. Студиите базирани на лабораторија сугерираат дека микропластиката може да предизвика воспаление и оксидативен стрес во клетките на срцето и да ја наруши работата на срцето, да ги промени отчукувањата на срцето и да предизвика лузни на срцето кај животните како што се глувците.
– Набљудувачките податоци од студиите за професионална изложеност исто така укажуваат на зголемен ризик од кардиоваскуларни болести кај лицата што се изложени на загадување поврзано со пластика, вклучувајќи и поливинил хлорид, во споредба со тоа што е забележано кај општата популација – пишуваат Марфела и неговите колеги.
Нанопластика, малиот-голем непријател на здравјето кај луѓето
Во студијата, пациентите со микропластика во нивните артерии имале 4,5 пати поголема веројатност да доживеат мозочен удар, нефатален срцев удар или да починат од која било причина по 34 месеци, отколку луѓето што немале откриено микропластика во наслагите што хирурзите ги отстраниле.
Количеството микропластика, па дури и помали честички наречени нанопластика, беше измерено со помош на техника наречена пиролиза-гасна хроматографија-масна спектрометрија, а нивното присуство беше потврдено со помош на друг метод, анализа на стабилни изотопи, која може да направи разлика помеѓу јаглеродот на човечките ткива и оној на пластика направена од петрохемикалии.
Микропластиката беше видлива и под моќни микроскопи: Истражувачите забележаа пластични фрагменти со назабени рабови во имуните клетки наречени макрофаги и во масните наслаги. Испитувајќи ги примероците од ткиво, тимот откри и повисоки нивоа на воспалителни маркери кај пациенти со микропластика во нивните плаки.
Сепак, имајте на ум дека една ваква опсервациска студија не може дефинитивно да заклучи дека микропластиката самата ги предизвикува негативните срцеви ефекти; туку само дека постои таква комбинација. Студијата не зела предвид други фактори на ризик за кардиоваскуларни болести, како што се пушењето, физичката неактивност и загадувањето на воздухот.
– Иако не знаеме која друга изложеност може да придонесе за негативните исходи кај пациентите во оваа студија, пронаоѓањето микропластика и нанопластика во ткивото на наслагите само по себе е откритие што отвора низа итни прашања, како на пример како да се намали изложеноста – пишува педијатарот, лекар за јавно здравје и епидемиолог Филип Ј. Ландриган, од Бостонскиот колеџ, во придружниот текст на студијата.
Производството на пластика експлодира во изминатите две децении, од што само дел се рециклира, па затоа се потребни уште повеќе истражувања. Н.М.
Кинеските научници открија како можеме да се справиме со потенцијално опасни честички од водата што ја пиеме
Микропластиката ја има насекаде. Таа е во водата, во храната, во нашите крвни садови, па дури е дијагностицирано нејзиното присуство и во плацентата. Ја внесуваме во телото на различни начини; за време на оброк, кога сакаме да ја задоволиме жедта или додека, едноставно – дишеме. Имено, секоја недела вдишуваме микропластика колку што има пластика во една кредитна картичка!
Иако сè уште не знаеме точно како тоа влијае на нашето тело, сѐ повеќе истражувања покажуваат дека тоа е штетно за нашето здравје.
Затоа, кинеските научници се решија да истражат како можеме да ги отстраниме овие потенцијално опасни честички од водата што ја пиеме. Тим научници од Медицинскиот универзитет во Гуангжу и Универзитетот „Џинан“ во Кина спроведе тестови на мека и тврда вода од чешма (која е побогата со минерали).
Пред да ја зовријат водата, научниците во неа додале нанопластични и микропластични (НМП) честички, а потоа го филтрирале остатокот. Тие откриле дека во некои случаи вриењето и филтрирањето отстрануваат до 90 проценти од НМП, иако ефективноста варира во зависност од видот на водата, објави порталот „Саенс алерт“ во поширокиот прилог на оваа тема.
Имено, на овој начин е отстранета поголема концентрација на НМП од тврдата вода од чешма бидејќи таа природно формира наслаги од бигор при загревање. Иако формирањето бигор може да биде иритирачко бидејќи ги отежнува домашните работи, во овој случај се покажа како корисно.
Имено, кога ќе се загрее, бигорот се прилепува на површината на малите пластични честички и ги заробува во своите наслаги, кои подоцна може да се отстранат со филтер. Со вриење, исто така, се отстранува микропластиката од меката вода, но во значително помала мера.
– Пиењето зовриена вода може да биде остварлива долгорочна стратегија за намалување на глобалната изложеност на НМП. Проблемот е што таквата практика се смета за застарена и се практикува само во неколку региони – велат истражувачите во студијата.