Резултатите од една неодамнешна анкета не покажуваат само недоверба во судството туку укажуваат на нешто уште попогубно: на изгубена доверба на граѓаните во „капацитетот на луѓето од правосудството самостојно да можат да излезат од маѓепсаниот круг на тонење на професионалниот интегритет“! Исто така се покажува дека надежта за подобрување на состојбите во правосудството сѐ повеќе се насочува кон меѓународната заедница. Но наедно се наметнува и прашањето каде би можела да биде најефективна иницијалната каписла на меѓународните институции, по што би тргнала лавината тектонски системски промени на веќе одамна дијагностицираните слабости. Дали во бескомпромисно репресивна борба против организираниот криминал и корупцијата или, пак, во зајакнување на капацитетите на обвинителството и судството? Можеби во стручнообразовниот процес на обвинителите и судиите или, пак, во ветинг на постојните? Или можеби во директно инволвирање странски експерти што „по водечки пат“ во мешани тела би го расчистувале патот кон доследно спроведување на уставноста и законитоста и кон апсолутно владеење на правото…
Погледите за подобрување на состојбите во правосудството сѐ повеќе насочени кон меѓународната заедница
Алармантната состојба со довербата во судството на македонските граѓани, од 8 отсто, која минатата година ја изнесе во јавноста поранешната амбасадорка на САД, Мери Кејт Брнз, ни до денес не покажува знаци на закрепнување. Напротив, и по објавувањето на тој поразителен резултат на (не)довреба, во македонскиот правосуден систем како непречено да си продолжи воспоставената практика на функционирање под (не)скриено политичко влијание.
По „алармот“ на поранешната американска амбасадорка се случи судирот меѓу првите луѓе на две институции за гонење корупција и организиран криминал (ОЈО ГОКК и Финансиската полиција), што доведе до оставки и разрешување на актерите на спорот. Но изборот на новиот прв човек на ОЈО ГОКК предизвика уште поголеми контроверзии, кои упатуваат на силно партиско-политичко влијание. Оставки и нови именувања имаше и во Судскиот совет, процедура што исто така предизвика контроверзии, доведувајќи ги во прашање компетентноста на избраните решенија и растегливоста на критериумите за избор на членови и први луѓе на овој орган од судскиот систем… Составот на Уставниот суд, исто така не може да биде комплетиран, зашто процедурата за избор на предложените нови членови е заглавена во Собранието… Ниту обидот непотизмот во Академијата за судии и обвинители и привилегиите што врз таа основа ги добиле кандидатите да се претстави како „традиција“, секако, не придонесе за подигнување на довербата во институциите на правосудниот систем.
На оваа слика за недовербата во судството ѝ оди во негативен прилог и случајот со пресудата против текстилните работнички од Кавадарци, кои наместо да ги добијат неисплатените плати за кои тужеле, треба да платат 20.000 евра за судски трошоци…
Половина од анкетираните граѓани сметаат дека меѓународната заедница треба да биде вклучена во процесот на избор на судии и обвинители
Во констатираната состојба на хронична деградација на довербата во судството во изминатите триесетина години од независноста на Македонија, воопшто не зачудуваат резултатите од последното истражување на јавното мислење на оваа тема, според кои, половина од испитаните граѓаните сметаат дека меѓународната заедница треба да биде вклучена во процесот на избор на судии и обвинители.
Според ова истражување, 47,8 отсто од граѓаните сметаат дека меѓународната заедница треба да биде вклучена во процесот на избор на судии и обвинители, додека 36,1 отсто сметаат дека не треба. Повеќе од три четвртини од испитаните граѓани, или 78,6 отсто, сметаат дека треба да се направи ветинг во судството, односно да се провери имотната состојба на судиите заедно со судските случаи во кои биле вклучени под мониторинг на меѓународната заедница. Само 10,7 отсто сметаат дека ветинг на судиите не е потребен.
Граѓаните во мнозинство бараат странски експерти и во антикорупциската комисија, односно 53,2 отсто сметаат дека со цел да се зајакне нејзиното влијание странски експерти треба да бидат вклучени во антикорупциската комисија, додека 31,2 отсто сметаат дека не треба.
Дали „домашната заедница“ е заинтересирана „меѓународната заедница“ да иницира лавина тектонски системски промени на веќе одамна дијагностицираните општествени слабости
Резултатите од анкетата не покажаа само недоверба во судството туку укажаа на нешто уште попогубно: на изгубена доверба на граѓаните во „капацитетот на луѓето од правосудството самостојно да можат да излезат од маѓепсаниот круг на тонење на професионалниот интегритет“! Од друга страна, пак, истражувањето покажа дека надежта за подобрување на состојбите во правосудството сѐ повеќе се насочува кон меѓународната заедница. Но наедно се наметнува и прашањето каде би можела да биде најефективна иницијалната каписла на меѓународните институции.
Како да се заврти замаецот на меѓународната заедница, по што незапирливо би тргнала лавината тектонски системски промени на веќе одамна дијагностицираните општествени слабости?! Дали во бескомпромисно репресивна борба против организираниот криминал и корупцијата или, пак, во зајакнување на капацитетите на обвинителството и судството? Или, пак, можеби да почне во стручнообразовниот процес на обвинителите и судиите или, пак, со систематски ветинг на постојните? Или можеби во директно инволвирање на странски експерти, кои „по водечки пат“ во мешани тела би го расчистувале патот кон доследно спроведување на уставноста и законитоста и кон апсолутно владеење на правото…
– Да бидеме искрени, и досега имало поддршка (и стручна, и финансиска) од меѓународната заедница за реформи во правосудниот систем, но, еве, дојдовме до алармантни проценти на доверба кај граѓаните. Она што ни е потребно е политичка волја од сите партии да се смени практиката на нивно влијание во правосудниот систем. Реформата што треба да се случи е непартиско и непристрасно судство и обвинителство, а пред сѐ чесност и отчетност на судиите и обвинителите. Ќе го земам за пример изборот на прв човек на ЈО ГОКК. Законот за избор на обвинител е речиси идеално демократски конципиран, за самите обвинители да го изберат шефот на обвинителството. Но што се случи – обвинителите избраа според некој партиски диктат и целата конструкција на независен правосуден систем падна во вода. Отсуството на внатрепартиска демократија се рефлектира и во односот на партиите спрема судството. Султан-партиите, „султански“ се однесуваат во и спрема институциите, кои треба да бидат независни од политичко влијание, а се покажува дека во изминативе триесетина години не успеавме да изградиме принцип на одговорност, отчетност и интегритет пред јавноста за чинителите на правосудниот систем. Добредојдена е меѓународна помош за враќање на довербата во судството, во смисла на формирање советодавно тело за спроведување меѓународни критериуми, но самите чинители во правосудниот систем во Македонија мора да се изборат и да ја спроведат еманципацијата од партиско-политичкото влијание – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.
Партократијата да се расчисти би било најпримарно
Адвокатот Звонко Давидовиќ смета дека улогата на меѓународната заедница во враќањето на довербата во македонското судство треба да биде насочена кон притисок врз партиите да не го злоупотребуваат политичкото влијание во одлуките што се носат во правосудството на штета на неговата независност.
– Идејата за ветинг во судството, во основа е погрешна. Ветинг се прави при воспоставување еден систем преку проверка на тие што треба да се вклучат во него дали ги исполнуваат критериумите потребни за негово функционирање. Во услови на постоење на правосуден систем со континуитет, потребна ни е реевалуација на досегашната работа и напредувањето во системот на постојните чинители во него (судии и обвинители), како и преиспитување на потеклото на имотот. Меѓународната заедница веќе не треба да дава поддршка за реформи на континуитетот. Се покажа дека јакнењето на внатрешните реформи во судството не дава резултати. Треба да се размислува за длабок рез и реформа со дисконтинуитет, да се прекине таа практика на испреплетеност на политичко влијание врз независното работење на правосудството. Но тој длабок рез треба да го прават неисполитизирани професионалци правници со интегритет и искуство, докажани со резултати во текот на својата работа. Најпрепорачливо е тоа да бидат пензионирани судии и обвинители. Улогата на меѓународната заедница би била во насока на притисок врз политичките партии да не влијаат токсично на процесот на реформи со дисконтинуитет, т.е. да им оневозможат на партиите да ја загрозуваат независноста на правосудниот систем – вели адвокатот Звонко Давидовиќ.