Фото: Игор Бансколиев

Досегашните активности на комисијата, која вчера доби и нов член од македонска страна, предизвикаа бурни реакции кај пошироката македонска јавност, експертите и историчарите. Тие укажуваат дека во науката нема комисии, туку има само докажување, различни ставови за да се дојде до вистината. Компромиси или редење во еден ред на нештата има само во политиката. Јавноста треба да знае дека комисијата ниту може ниту ќе донесе нешто што е правилно, тоа ќе биде фалсификат, тврдат нашите соговорници

ВЧЕРА НОВА СРЕДБА НА ЗАЕДНИЧКАТА МАКЕДОНСКО -БУГАРСКА КОМИСИЈА, КОЈА ПРОДОЛЖУВА ДА ЈА БРАНУВА ЈАВНОСТА

Во Министерството за надворешни работи вчера се одржа првата најавена средба на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, по циклусот средби на кои се разменуваат мисли и ставови за македонската и бугарската историја. Комисијата е создадена врз основа на Договорот за добрососедство и пријателство помеѓу Македонија и Бугарија, а минатиот месец таа усвои и објави препораки што се однесуваат на учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и петти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и цар Самоил.
Досегашните активности на комисијата предизвикаа реакции кај пошироката македонска јавност, како и кај експертите, особено кај историчарите. Реакциите беа очекувани ако се земе предвид дека станува збор за чувствителни теми. Активностите на комисијата предизвикаа и одредени контроверзии кога проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, поранешниот член на комисијата, јавно проговори за политички притисоци во работењето на комисијата за историски и образовни прашања.
За досегашните активности на споменатата комисија, Драги Ѓоргиев појасни дека се оди на тоа да се менуваат работи кај кои има недоразбирање и кои може да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави, а кај младите генерации може да предизвикаат тензии. Според Ѓоргиев, не мора да значи дека оваа комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија. Тој исто така образложи дека периодот на 19 и 20 век ќе биде еден од најтешките за кои ќе се расправа.

Во овој контекст, експертите и историчарите со кои се консултиравме нагласуваат дека периодот на 19 и 20 век е особено значаен ако се земе предвид дека токму во овој период започнува македонското будење, или преродба, процес што завршува на 2 август 1944 година, со создавањето на современата македонска држава. Споменатиот период е значаен не само од историски туку и од јазичен и културен аспект за Македонците. Во овој период, особено во 19 век, се манифестираат македонските народносни и јазични особености, видливи во дејноста на македонските преродбеници, како што се Кирил Пејчиновиќ, Јордан Хаџи Константин-Џинот, Партенија Зографски, браќата Миладиновци, Григор Прличев, Кузман Шапкарев и многу други.
Од друга страна, периодот од крајот на 19 и почетокот на 20 век е особено значаен за консолидирањето на македонската нација, што е очигледно во активностите на Коста Шахов, Спиро Гулапчев, Петар Поп Арсов, Крсте Петков Мисирков и др. Преминот од 19 кон 20 век е суштински и за државотворноста на македонскиот народ. Токму во тој период, преку активностите на Македонската револуционерна организација (МРО), олицетворена во Даме Груев, Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански, беше манифестирана идејата за самостојна македонска држава, идеја што стана темел за идните македонски генерации. Познавачите и историчарите нагласуваат дека 2 август 1944 година е всушност круната на сите настани од 19 и првата половина на 20 век, односно станува збор за крај на еден процес од бурната историја на македонскиот народ за сопствена држава, кој заврши со Народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна.
Затоа познавачите предупредуваат дека станува збор за чувствителна тема и искажаа свои критики за работата на спомената комисија. Во овој контекст, проф. Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја истакнува дека комисијата не е онаа што може да донесе одлука. Според Котлар-Трајкова, науката не зависи од комисии, а тоа треба да го знае целиот македонски народ.

Катастрофа е тоа што го пишува во Договорот за добрососедство по пат на комисии. Ниту дефинирана заедничка историја, ниту комисии. Историјата работи, истражува, докажува критичка анализа. Ако требало да постојат комисии, ќе постоеле комисии во таа дејност, во науката нема комисии. Има тимови што истражуваат и кои работат. Таа комисија е политичко дело на луѓе што немаат своја специјалност ниту за македонската конкретна проблематика, ниту за бугарската. Тие луѓе што не се делегирани ниту од еснафот, ниту од катедрите, ниту од факултетите, сега ќе ни бидат носители на инквизициска догма, или ќе биде вака или нема да биде поинаку. Тоа ќе биде смрт на современата научна мисла и таа комисија не може да носи нешто што ќе важи во научниот свет. Во научниот свет нема компромиси, во научниот свет има само докажување, различни ставови за да се дојде до вистината. Компромиси или редење во еден ред на нештата има само во политиката. Сметам дека јавноста треба да знае дека комисијата ниту може ниту ќе донесе нешто што е правилно, тоа ќе биде фалсификат, тоа ќе биде узурпација и тоа ќе биде смрт за сето она што значи слободно творење – вели Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја. Д. Ст.


Кој е новиот член на историската комисија

Во пресрет на новата средбата, Министерството за надворешни работи ѝ достави предлогот на Комисијата до македонската влада, со која го назначи Димитар Љоровски за член на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања. Од МВР истакнаа дека Љоровски е именуван за нов член во согласност со неговата експертиза и препораките на Комисијата. Подолг период во рамките на комисијата недостасуваше македонски член поради заминувањето на поранешниот член проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, кој посочи на одредени политички притисоци.
Димитар Љоровски Вамваковски е речиси непознат за пошироката македонска јавност, иако станува збор за историчар и професор во Институтот за национална историја – Скопје. Според податоците што се достапни на официјалниот сајт на споменатиот институт, неговата област за истражување се националните движења на Балканот во 19 и почетокот на 20 век, како и Историјата на современата грчка држава. Магистрирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Институтот за национална историја; наслов на магистерскиот труд: „Дејноста на костурскиот митрополит Германос Каравангелис (1900 – 1904)“; а докторирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Институтот за национална историја; наслов на докторската дисертација: „Андартското движење во југозападна Македонија (1904 – 1908)“.
Според познавачите со кои се консултиравме, останува нејасно назначувањето на Љоровски во македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања затоа што станува збор за историчар чиј научен интерес првенствено е насочен кон историјата на Балканот во доцноосманлискиот период, со посебен осврт кон историјата на Грција во 19 и почетокот на 20 век, како и грчката политика кон османлиска Македонија и Македонското револуционерно националноослободително движење.