Фото: Игор Бансколиев

Според истражување на Центарот за граѓански комуникации од Скопје, Општина Арачиново претставува „даночна слободна зона“ за нејзините граѓани, затоа што има наплатено нула денари по основа на данок на имот! По неа следува Општина Центар Жупа, со наплата на данок на имот во периодот од 2017 до 2019 година под 36 отсто

Ниската стапка на наплата на данок на имот во одредени региони и општини како повод

Прегледот на даночните биланси на локалните самоуправи покажа високи разлики во процентите на наплата на данокот на имот, гледано поединечно во осумте статистички региони во Македонија. Најголема просечна наплата има кај општините од Вардарскиот Регион, од 96 отсто, Источниот Регион е со наплата од 93 отсто, Североисточниот и Југозападниот Регион имаат 79 отсто наплата, Пелагонискиот 84 и Југоисточниот со 87 отсто. Најслаба наплата од само 57 отсто има во Полошкиот Регион, а по него, со послаба наплата е најголемиот регион, Скопскиот, од 74 отсто. Центар, Илинден, Аеродром и Кавадарци се општини со наплатени над 90 отсто од приходите по оваа основа. Охрид и Битола, кои важат за поголеми урбани центри, имаат релативно пониска наплата од 76, односно 73 отсто! На дното се Маврово и Ростуше со 27 отсто, Студеничани со 32 отсто и Арачиново нема никакви приходи од наплата на данок на имот.

Што, според експертите, е причина за ниската стапка на наплата во одредени
региони

Неефикасните општински даночни управи, лошите регистри за имотот во општините, а од 2022 година и зголемените даночни стапки за имотот што не се користи, дополнително ќе ја влоши и така лошата наплата на данокот на имот од страна на единиците на локалната самоуправа, смета финансискиот и даночен експерт Павле Гацов.
– Изборниот непотизам со избирачите, жители на општините од кои треба да се собира овој локален данок и попустливоста во наплатата е уште една причина за слабата наплата на данокот на имот. Злоупотреба и девастација претставува дотирањето единица на локалната самоуправа, која не наплатила ниту денар данок на имот. Ваквиот лош пример ќе им сигнализира и на другите општини да се вратат во конформната зона и да не го наплатуваат овој данок, бидејќи државата е тука да трансферира парични средства на неликвидната општина. Истото тоа се однесува и на покривање 50 отсто од долгот на општините од страна на централната власт, што може да се сфати како сигнал дека не е потребно да се покаже принципиелност во наплатата на данокот на имот бидејќи државата го толерира тоа и ќе дотира средства од централниот буџет. Вистински начин е кој било трансфер на средства од централната власт да се поврзе со зголемување на успешноста во наплатата на локалните даноци – ни изјави Гацов.
Со сличен став е и поранешниот градоначалник на Карпош и претседател на ЗЕЛС, Андреј Петров, кој вели дека оваа скопска општина секогаш имала добар процент на наплата на сопствените приходи.
– Високата наплата зависи од финансиската администрација, колку таа е подготвена, кадровски и стручно, да ги следи приходите на општините. Секако, тоа зависи и од однесувањето на граѓаните, односно колку тие се лојални кон својата локална заедница. Подоброто исполнување на комуналните потребни на граѓаните значи и поголема доверба кон општинската власт и поголема наплата на даноците. Не постојат административни ограничувања и секоја општинска власт може да си ги наплати присилно ненаплатените приходи. Но тоа повторно, зависи од подготвеноста на општинската администрација. Непримерно е сега во услови кога локалните самоуправи се жалат дека не можат да ги платат сметките за струја, а во исто време не прават доволно за прибирање на сопствените приходи. Кога бев градоначалник, редовно барав колку се наплатени приходи за комунални услуги и колку се реалните сметки за струја. Потребно е да се воведе законско ограничување за да не можат општините да бараат финансиски помош од централната власт доколку не се остварат барем 50 отсто од наплатата на сопствените приходи. Вака, се праќа поинаква порака до другите општини, дека не треба да се грижат многу за остварување на своите приходи, ако некој им го покрива неефикасното работење на општинските администрации – вели Петров.

Арачиново претставува „даночна слободна“ зона?!

Според истражување на Центарот за граѓански комуникации од Скопје, Општина Арачиново претставува „даночна слободна“ зона за нејзините граѓани, затоа што има наплатено нула денари по основа на данок на имот! По неа следува Општина Центар Жупа, со наплата на данок на имот во периодот од 2017 до 2019 година под 36 отсто. Градоначалникот на Центар Жупа, Арјан Ибраими, негира дека има ниска наплата на даночните приходи. Тој за медиумите изјави дека во 2018 година биле наплатени 62 отсто од приходот од данокот што се прибира од фирми и 63 отсто од граѓаните. Како причина за ниската наплата, тој ги споменува големиот број на отселени даночни обврзници на работа во странство и неможноста да им се достават даночните решенија, посебно во годината кога се појави пандемијата на коронавирусот.
Општините наплатуваат годишно данок на имот од граѓаните и од фирмите по 1,3 милијарда денари или 21 милион евра. Ова е просек за 2017, 2018 и 2019 година. Просечниот процент на наплата на данокот на имот во овие години изнесувал 81 отсто, покажало истражувањето, кое е спроведено од Центарот за граѓански комуникации.
Успешноста во наплатата на данокот на имот е повисока кај граѓаните (85 отсто) отколку кај фирмите (78 отсто). Приходите од данок на имот од граѓаните учествуваат со 70 отсто, а од фирмите со 30 отсто. Трендот во наплатата на данокот на имот во периодот 2017-2019 година е позитивен, односно приходите од данокот се во постојан раст.
Само седум општини имаат просечни годишни приходи од данок на имот што се поголеми од еден милион евра, а во дури 36 општини овие приходи се помали од 50.000 евра. Десетте градски скопски општини заедно прибираат просечно годишно по 627 милиони денари, односно 10 милиони евра. Ова значи дека половина од вкупниот данок на имот во земјава се прибира во Скопје. Во групата даноци на имот покрај данокот на имот спаѓаат и данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности.