Образложенијата за одредени катастрофални политички одлуки што ги носат носителите на јавната и државна власт, а ги поткрепуваат со флоскулата дека се донесени „за доброто на народот“ (дури донесени и наспроти јавното, пошироко граѓанско мислење), за нашите соговорници со кои се консултиравме претставуваат „затскривање зад демократски изрази што имаат цел да ја прикријат вистината“. Според соговорниците, тоа се фрази што извираат од „сѐ поавторитарно и арогантно владеење и сосема погрешно референцирање“. Во основа, зад секоја изјава и поведение на избран политичар, според соговорниците, треба да стои согласност синхронизирана од базата на човечкиот ресурсен електорат, а не на теснопартиски штаб или поединечна волја на лидер. Но, за таквите принципиелни постапки на избраните лица (носители на јавни функции) треба да се активираат демократски и системски алатки и механизми за директна и непосредна релација на граѓаните и од нив избраните претставници во јавната власт. А тоа нешто одамна е системски маргинализирано…
Одлуките на државните функционери донесени со образложение дека се „за доброто на народот“ сѐ почесто спротивни
на волјата на истиот тој народ
Во наративите на политичарите за „потребата и придобивките од уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав“, како последен услов за почеток на преговорите за членство во ЕУ сѐ почесто може да се слушнат образложенија што се „обратнопропорционални од базичните принципи на демократијата и различни од поширокото јавно мислење и интерес“. Сепак и таквите одлуки на носителите на јавна власт и на институциите се „поткрепени“ со фрази дека одлуките се донесени „за доброто на народот“.
Примери за противречност
и извртување на тези
Во едно неодамнешното интервју, претседателот Стево Пендаровски, во контекст на предизвикот за носење одлука за уставните измени, од една страна ги стави на „вагата на демократијата“ аргументите на јавното мислење (нарекувајќи го „анкетоманија“), а на другата страна на вагата ги стави „прагматичните решенија на политичарите за стратегиски државни прашања“, кои сепак не се во согласност со пулсот и изразената „волја на народот“.
– Во однос на Бугарите во Уставот има два контрадикторни резултати во една иста анкета. „Дали сте за промена на Уставот со Бугарите внатре“ и 80 отсто велат – не! „Дали сте за членство во ЕУ“, 80 отсто велат – да! И сега, кога вие сте на позиција претседател, премиер, министер, градоначалник…, кој пат ќе го изберете? Ќе најдете модус, тоа во овој случај е францускиот предлог – ова е патот помеѓу! Не ги прифаќаме бугарските диктати (како што вели опозицијата), но сакаме во ЕУ.
Замислете да одевме ние на анкети и да го прашавме народот – дали сакате да додадеме „северна“? И го прашавме, само затоа што на избирачките листи имаме 1 милион и 800 илјади гласачи, добивме резултат таков каков што добивме. Прашајте ги граѓаните денес, особено Македонците, што мислат за Охридскиот рамковен договор. Не знам дали ќе добие мнозинство. А кој е тој што тврди дека ако не беше Охридскиот договор, ќе живеевме во мир и среќа. Не сум сигурен воопшто. Ги прашавме ли луѓето воопшто дали под ФИРОМ влегуваме во ОН? Кој ќе гласаше за Поранешна југословенска Република Македонија? Но, да не бевме членка на ОН, немаше да бидеме држава денес! Зборувам за анкетите и одговорноста на политичарите. Сте ме избрале, пуштете ме да видите што знам. Ако не знам, друго „дете“ ќе дојде – рече Пендаровски, кој претходно кажа и дека како политичари „кога ги даваме нашите идеи и концепти за развој на Македонија во различни области, ние не се водиме од анкетите. Ако се водиш според анкетите, џабе излегуваш на избори. Ти треба да му кажеш на народот, на граѓаните ’јас сум за ова’, па тие да те гласаат, или да не те гласаат“.
Сепак, нашите соговорници, професори и експерти, издвојуваат став дека „при изборите, изборот на граѓаните не е дека физички им се допаѓа кандидатот и по избирањето кандидатот за носител на јавна функција да се пушти да се види „што знае“ (?!). Туку, напротив, според соговорниците, „за кандидатот паѓа изборот бидејќи однапред е познато каков е неговиот став по круцијални прашања и колку знае и умее да го одбрани тоа во релациите што ќе му ги донесе и наметне идната функција.. .а не да се пушти самостојно и без координација да дејствува…, велат експертите.
Имено, „правните рамки на тоа дејствување се Уставот, законите и воопшто позитивното право, а политиките што ги спроведува и извршува се во согласност со националниот интерес, а не со личните или тесноинтересни убедувања“, велат нашите соговорници, професори, правници и политиколози.
Фрази и образложенија со кои се повикува на „демократија и народ“,
а всушност се недемократски и го игнорираат националниот интерес
Образложенијата низ примери од блиската македонска историја, како за „правилни“ политички одлуки донесени за „доброто на народот“ и наспроти граѓанското јавно мислење и интерес, за универзитетската професорка Солза Грчева претставуваат погрешно референцирање, односно срамни фрази за поткрепа на политички одлуки на носителите на јавна власт, искажани флоскули со кои се повикува на демократија, а се антидемократски, изјави полни со „аргументи што не се аргументи“.
– Во партиципативната демократија секогаш треба да се слуша гласот на народот. Народот го има последниот збор! Преседаните направени со сите политички одлуки и договори наведени од државните функционери, наводно за „доброто на народот“, направија народот да нема доверба во политичките гарнитури што ги направиле и потпишале тие договори. Впрочем, со никаква стратегиска цел не може да се оправдаат криминогените методи на одредени носители на власта за постигнување на таквите договори: почнувајќи од Преспанскиот договор и менувањето на името на државата, потоа поткупот на пратеници, менувањето на Кривичниот законик, простувањето затворски казни на блиски на пратениците, сомнителните тендери како „одолжување“ за пратенички глас за носење одлука спротивна на волјата на мнозинството граѓани, искажана на референдум… Не е никаква политичка одговорност, стратегиско преговарање од видот „земи или остави“. Решенија, одлуки и договори постигнати со уцена не можат да бидат во полза на народот. Од такви договори секогаш има простор за подобри и постабилни решенија, во интерес на народот и државата, а и во согласност со меѓународното право. Да се слушаше гласот на народот, сигурно ќе имаше подобри договори од тие со Бугарија за „добрососедство“ и Преспанскиот со Грција, па и оној договор со кој бевме именувани како „поранешна република“… Со Преспанскиот договор, освен промената на името на државата, добивме и срамна уставна преамбула, со која практично се кажува дека Македонците немаат право на своја држава,односно најмногу можат да бидат наведени како први во набројувањето на „државотворните народи“. Бришењето на АСНОМ од Уставот е срамна „придобивка“ од политичка (не)способност за преговори под притисок „земи или остави“, од преговарачи што не можеле да се изборат ниту за стандарден реципроцитет. Поради сето тоа, мнозинството од граѓаните, особено македонскиот народ нема доверба во политичкиот капацитет на оваа владејачка гарнитура за заштита на државните и народните интереси – решително и крајно револтирано ни изјави професорката Солза Грчева.