Клучното прашање што се наметнува е што ќе се случи со македонскиот народ, неговата посебност, историја, идентитет… на патот да влезе во ЕУ. Дали ќе влеземе како Македонци или како нешто сосема друго? Зарем дотолку дел од нас да не препознае дека преговарачката рамка и Договорот за добрососедство се практично најмоќното оружје на Бугарија за остварување на нејзините децениски соништа за асимилација на Македонија, под плаштот на Европа?!

ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА И ДОГОВОРОТ ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО КЛУЧНИ БУГАРСКИ АДУТИ – ЗА АСИМИЛАЦИЈА

Во екот на засилената европска кампања и лобирање за внесување на Бугарите во Уставот, како наводно последно европско барање, сепак мора да се земат предвид и одредбите и содржината на два исклучително важни документи што го детерминираат нашиот пат кон Унијата. Тоа се усвоената преговарачка рамка со ЕУ и Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. За дипломатите и аналитичарите токму овие два документа се рамката, поточно замката, за Македонија. Затоа, кога станува збор за македонското прашање, и еден од најрадикалните и најекстремни политичари во Бугарија, бугарскиот претседател Румен Радев јасно порачува дека Бугарија нема да поставува нови услови, единствено бара Македонија да ги исполни преземените обврски од преговарачката рамка.
Ист е ставот и на бугарското МНР, кое вели дека од Македонија очекуваа совесно исполнување на сите преземени обврски, а не обиди да се толкува дали процесот на европска интеграција бара нивно исполнување.
За аналитичарите нема сомнение дека од ваквите изјави може да се насети и предвиди стратегијата на Софија. Тезата дека наводно не бара ништо друго не е точна, затоа што со договореното практично добила сѐ, велат соговорниците. Дека сите бугарски барања (односно ултиматуми) се дел од преговарачката рамка потврди и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
– ЕУ ги сфаќа сите бугарски грижи многу сериозно и тие сега се дел од преговарачкиот процес – истакна Вархеји.

Сето ова е доволен показател дека преговарачката рамка и Договорот за добрососедство се практично најмоќното оружје на Бугарија за остварување на нејзините децениски соништа за асимилација на Македонија, под плаштот на Европа. Некои од овие процеси се веќе и почнати, со промена на македонските учебници и исфрлање од употреба на некои книги што не ѝ се допаѓаат на Софија. Инаку, во согласност со договорите и протоколите со Бугарија, ефективниот напредок на Македонија кон ЕУ ќе се мери во зависност од тоа колку ќе исполниме.
– Тоа подразбира историска ревизија и усогласување по бугарски терк на сите учебници, споменици и сето она што значи наша македонска историја. Од историската комисија, која работи по бугарски политички диктат, ќе ни зависи евроинтеграцијата. Бугарија категорично бара и откажување од поддршката или барање за признавање на македонско малцинство во Бугарија, рехабилитација на жртвите на „југословенскиот комунистички режим што трпеле репресија поради бугарската самосвест“, нов процес на лустрација во Македонија, отстранување на квалификативот „бугарски фашистички окупатор“ од сите текстови на споменици и спомен-плочи, усогласување за личности и настани од „заедничката историја до 1944 година“, меѓу кои и „Гоце Делчев, Илинденското востание итн. Сето тоа може да биде повод за нови потенцијални вета и блокади, доколку Македонија не биде доволно кооперативна, односно не ги прифати бугарските барања – велат историчарите.
Висока доза на скептицизам за европската иднина на Македонија, во едни вакви околности, изразува и поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров.

– Мора да сме чесни кон македонските граѓани. Во моментов нема воз кон ЕУ. Во моментов дури и шините се поместени. Нема понуда, нема временска рамка и во таа смисла бледа е наградата. Не се проблем само уставните амандмани. Ние знаеме дека на следната кривина трње и пречки ќе биде историската комисија. И очекувањата на Софија да види резултати што ним ќе им одат во прилог- смета Димитров.
Но освен преговарачката рамка и Договорот за добрососедство, врз главата на Македонија висат и други правни акти.
Колку за потсетување, само во последната бугарска декларација, донесена во 2022 година, како што пренесе и „Дојче веле“, се содржани повеќе од 20 услови што Македонија ќе мора да ги исполни за да стане членка на ЕУ. Сите овие бугарски услови и барања задираат длабоко во историјата и идентитетот на државата и на македонскиот народ.
Оттаму, клучното прашање што се наметнува е што ќе се случи со македонскиот народ, неговата посебност, историја, идентитет… доколку некогаш влезе во ЕУ. Дали ќе влеземе како Македонци или како нешто сосема друго?