Фото: Влада

Македонија согласно среднорочната буџетска проекција следната година ќе го достигне нивото од два отсто од БДП за одбраната, согласно заложбата на земјите-членки на НАТО во Вилнус, отсега два отсто да биде минимумот на издвоените средства. Ова го најави денеска премиерот Димитар Ковачевски, на прес-конференција во главниот град на Литванија.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Вилнус, 11 земји-членки веќе го достигнале овој процент, некои од нив го надминале, а на прашањето на МИА дали имаме буџет за оваа цел и евентуално можност за надминување на тие два отсто, Ковачевски истакна дека во среднорочната рамка е предвидено во 2024 година да се издвојат 304 милиони евра.

Во моментов, Македонија издвојува 1,85 отсто од БДП за одбраната, односно, како што посочи премиерот, вкупно 274 милиони евра.

-Новите инвестиции ќе помогнат во јакнење на нашите капацитети за одбраната, справување со тероризмот, со растечките кибер и хибридни закани, како и со злоупотребите на новите технологии – изјави премиерот.

Во однос на модернизацијата и препораката на неа да се одвојуваат 20 отсто од буџетот, Ковачевски истакна дека во моментот Македонија издвојува од 30 до 33 отсто.

-Тоа значи нова воена опрема, која што се набавува исклучиво од САД, Франција, Германија, дел од Турција, значи од земји членки на НАТО, која што е најсовремена и која ја користат и другите армии. Истовремено тука спаѓаат и инвестициите во обновувањето, реконструкцијата на објектите во кои што работат и во коишто престојуваат припадниците на Армијата и секако зголемувањето на личните доходи на припадниците на Армијата, кои што во текот на изминатите години откако посебно станавме членка на НАТО навистина се на високо ниво – рече премиерот.

Истакна дека дел од членките имаат поголеми издвојувања од минималните два отсто, но додаде дека тоа зависи често пати и од структурата на БДП и од воените сили со коишто располага секоја од државите.

-Има држави коишто се многу поразвиени од нас, коишто имаат поголемо учество на трошоците, односно на инвестициите за одбраната, меѓутоа има и држави кои се повеќе развиени и имаат помалку во однос на БДП како процент издвојување за инвестиции во одбраната, меѓутоа како апсолутен износ се работи за многу поголема сума со оглед на структурата на БДП и големината на буџетот. Сепак ние сме во рамки на она што е проектирано и она што е како миниум заложба од денеска, односно од вчера на НАТО Алијансата – истакна Ковачевски.

Тој ги сумираше случувањата на дводневниот Самит, кој го оцени како успешен и на кој меѓу другото оствари две билатерални средби на маргините, со естонската премиерка Калас и со грчкиот премиер Мицотакис, како и бројни неформални средби со претседатели и премиери од земјите-членки на НАТО.

-Покрај суштинските дискусии имавме интензивна агенда на состаноци со лидерите на НАТО земјите членки, но и со лидерите на ЕУ, Украина и блиските партнери од Индо-Пацификот, Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја. Како лидери на НАТО земји членки, донесовме суштински одлуки со кои ќе се зајкне колективната одбрана и безбедноста на сите наши граѓани – изјави премиерот.

Потсети дека беа усвоени регионални планови за колективна одбрана и брз одговор на заканите преку копно, вода и воздух, напоменувајќи дека станува збор за генерациска трансформација што долгорочно ќе го зајакне НАТО.

Ковачевски нагласи дека на Самитот е донесена одлука за продолжување на недвосмислената и силна поддршка за Украина.

– Како држава имаме многу јасна позиција и Северна Македонија секогаш ќе го поддржува правото на самоодбрана и заштита на независноста суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Ние сме понова земја членка на НАТО и како таква сме силни поддржувачи на политиката на отворени врати, благодарение на која и станавме и земја членка, а НАТО веќе има донесено одлука во 2008 годна дека Украина треба да стане полноправна членка – рече Ковачевски.

Го спомена и Советот НАТО – Украина, кој беше конституиран на овој Самит и кој е дел од пакетот мерки за приближување на Украина кон НАТО. Истакна дека беше објавена и заедничката декларација на Г-7 за Украина, која, како што рече „ја поздравуваме и поддржуваме и која во иднина ќе биде корисна рамка за нашата поддршка на Украина“.

Во однос на тоа како Македонија би ја поддржала Украина, нагласи дека земјава го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и е држава која обезбеди воена и невоена помош за Киев.

-Досега испративме неколку пакети помош во Украина, коишто беа реализирани заедно со земјите партнери од НАТО Алијансата и во иднина се она што може да биде согласно со средствата со коишто располага Министерстворо за одбрана и што ќе биде нормално хармонизирано и со другите стратешки партнери, ќе биде овозможено да биде доставено до граѓаните и до Владата на Украина – рече Ковачевски, нагласувајќи дека во мометнов не може точно да каже за какви средства станува збор.

Ковачевски нагласи дека на Самитот било истакнато и суштинско значење и блиската соработка помеѓу НАТО и ЕУ.

-Во моите изјави деновиве, меѓутоа и во изјавите на претставниците на државите од Западен Балкан, напоменав дека соработката НАТО-ЕУ суштински влијае на одржувањето на безбедноста и стабилноста на забрзувањето на евроинтеграциските процеси во регионот. Северна Македонија како НАТО членка со започнати преговори за членство со ЕУ неспорно делува како фактор на стабилност на Западен Балкан – истакна премиерот и додаде дека токму затоа активно работат и се целосно посветени на остварувањето на втората стратешка цел – полноправно членство во ЕУ.

Ковачевски рече дека двете стратешки цели, НАТО и ЕУ, барале храбри, визионерски и државнички одлуки, а граѓаните, како што рече, не заслужуваат ништо помалку од таа визија без политички калкулации.

Нагласи дека и поддршката што земјите членки на НАТО ја даваат на регионот е токму во насока на зачленување на нашата и на другите земји од регионот во ЕУ.

-Тоа во превод значи дека секое кочење кое е политичко, пред се кое го прави опозицијата во нашата држава, тука најмногу мислам на ВМРО-ДПМНЕ и во однос на блокадите на реформите и во однос на несоработката за одлуката за уставните амандмани, е директно и активно работење против зачленувањето во ЕУ, а со тоа и против НАТО и стабилноста и безбедноста на регионот. Ова е јасно за сите тука и за нашите НАТО сојузници и за партнерите во НАТО односно ЕУ кои денеска тука се со нас изјави Ковачевски.