Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денес поднесе барање за интерпелација на претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска од СДСМ. Пратеникот Антонио Милошоски образложи дека таа неделовнички и неуставно на сѐ уште незавршена точка на дневен ред и незавршена комисија, поднесува парцијален извештај за уставни судии до, како што рече, деспотот во Собранието, Талат Џафери.
– Тие што им одговараат уставни судии, ги поднесуваат на гласање без да биде воопшто завршен процесот на дискусија на самата седница каде што именуваната Марија Георгиевска не ја закажуваше цели десет месеци до пред некое време. Тоа е спротивно на членот 128 од Деловникот каде што е точно наведено дека работното тело заседава и откако ќе заврши седницата подготвува извештај и записник за тоа што се одлучило на самото работно тело, а оваа седница на Комисијата за избори и именувања не е завршена. Вториот прекршок е членот 129 од Деловникот каде што пишува дека за известител во однос на било кои седници од работните тела најчесто е претседателот на тоа работно тело пред пленумот, а ние видовме вчера дека претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиевска немаше дури ни храброст да се јави пред Собранието, пред пратениците да објасни зошто поднела парцијален извештај, зошто ја прекинува комисијата и пишува извештај без да биде истата завршена и барем да беше присутна и да земе збор и да каже зошто смета дека овие селективно одбрани кандидати за уставни судии заслужуваат да бидат членови на Уставниот суд – рече Милошоски.
Опозициската партија смета дека со самото вакво однесување на владејачкото мнозинство во Собранието дополнително се девалвира, а најмногу довербата на граѓаните во правосудството. ВМРО-ДПМНЕ очекува оваа интерпелација да биде во најкус можен рок ставена на пленарна седница.