фото: ВМРО-ДПМНЕ

Во врска со пасошите, во понеделник ќе поднесеме претставка до Уставниот суд за ставање вон сила на законот. Уставниот суд ако сака да ја реши работата, може веднаш да свика седница и да разговара по претставката што ќе ја поднесеме и да ја стави вон сила законската уредба, изјави попладнево претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Но, тоа е сепак одлука на Уставниот суд. Не би сакал да се мешам во работата на Уставниот суд. Ако сакаат да помогнат на граѓаните, ете начин како тоа може да се помогне. Така што, проблемот го имаат направено, ние нудиме решение бидејќи сме одговорна и државотворна политичка партија – одговори тој на новинарско прашање.

Според последните информации што ги добивам, додаде, е дека се издадени околу милион и двесте илјади патни исправи во овој момент.

– Остануваат некаде околу милион и триста илјади, бидејќи вкупно се издадени 2,5 милиони патни исправи што треба да се заменат. Од тие милион и триста илјади што се преостанати, само за сликање, ако се земе предвид дека дневно има четири илјади барања, се потребни, отприлика, најмалку година дена. Така што, невозможно е тоа да се стигне во февруари. Дотаму повеќе што информациите велат дека имаме околу триесет илјади обрасци во моментот во МВР за издавање патни исправи и десет илјади двојазични на албански јазик, што значи дека тоа е само доволно да се покрие она што досега како барање е пристигнато во МВР – рече Мицкоски, додавајќи дека ги повикува МВР и надлежните да се произнесат по ова прашање.

Тој додаде дека нова набавка ќе стигне некаде во месец март.

– Така што, стојам на тоа што го кажав пред некој ден, дека се потребни години за да биде завршен овој процес, никако тоа не може да се заврши до февруари оваа година. Односно, за неколку недели од денеска – кажа Мицкоски.

Тој беше прашан и за најавената афера во врска со злоупотреба на ДДВ и дали имаат некои нови информации.

– Ние континуирано зборуваме за злоупотреба на државниот буџет од страна на моќници кои се блиски до политичките партии на власт во Македонија. Во минатото зборувавме за една таква афера што понатаму се потврди како точна, а тоа е аферата каде се врши поврат на данокот на додадена вредност во огромна сума на одредени правни субјекти без да се направи контрола на истите. Потоа магично тие пари се испумпуваат од сметките на тие правни субјекти и магично се менува сопствеништвото на тие правни субјекти. Се заменуваат со лица кои најчесто, доаѓаат од соседството или да бидам попрецизен, од Косово и тие правни субјекти се без никаков капитал, ниту пак има можност државата да наплати доколку се констатира при надзор дека станува збор за фиктивни фактури – одговори Мицкоски.

Тој рече дека очекува „веднаш по преземањето на Владата, голем дел од овие информации што ги имаме, да се потврдат“.

– Станува збор за стотици милиони евра, пари што се крадени од граѓаните на овој начин. Да бидам попрецизен, правниот субјект фиктивно книжи побарување од државата, тие побарувања се во форма на данокот на додадена вредност без да се направи инспекциски надзор, Управата за јавни приходи издава решение за поврат на данок, тој данок се враќа, откако се враќа, тој данок се испумпува од сметката на правното лице, се менува сопственоста, најчесто со жители на околните земји, да бидам попрецизен, Косово, а потоа, откако ќе се направи инспекцискиот надзор, се констатира дека тоа правно лице нема никаков правен основ за тоа побарување, ниту пак има каков било капитал, врз основа на кој ќе може тие пари, државата да си ги поврати – изјави Мицкоски.