Формиран е Кризен штаб за следење на настанот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека Владата не го поддржува најавениот марш на ветераните и поддржувачите на ОВК во Скопје, закажан за сабота со почеток во 13 часот, од плоштадот „Скендербег“.
Премиерот информира дека е формиран Кризен штаб што ќе ги следи сите настани поврзани со маршот 24 часа пред и по неговото одржување. Државата и институциите, потенцира Мицкоски, ќе преземат сè што е во нивна моќ за да се спречи намерата да се испровоцираат какви било негативни реакции кои би имале последици за граѓаните и регионот.
– Владата не го поддржува маршот и немаме намера да го поддржиме, но секако ќе се погрижиме сето тоа да помине во најдобар ред, да нема инциденти, да не се случи нешто кое ние, граѓаните, не сакаме да се случи“,изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при неговата посета на увид во градежните активности на мултифункционалниот центар во Општина Аеродром.
Во однос на одлуката на градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, кој е еден од водачите на владиниот коалициски партнер ВЛЕН, да го поддржи настанот, Мицкоски рече дека Меџити треба да се праша за тоа, но смета дека е под притисок на организаторите.
„Претпоставувам дека таа одлука на Меџити е под притисок на организаторите мислејќи дека ако не го поддржи ќе изгуби политички поени, што мислам дека му е погрешна одлука – рече премиерот.
Мицкоски вели дека не постои никаков политички договор со Косово во врска со поранешни припадници на ОВК кои се бараат со потерница од Србија и вели дека овој настан е обид за политичка мобилизација.
Очигледна е намерата дека некој се обидува на овој начин да се мобилизира. Тука, пред сè, мислам на ДУИ. На тој начин мисли дека ќе добие повторно некаква поддршка, дека ќе ги мобилизира повторно своите гласачи – додаде Мицкоски.
Премиерот нагласи дека се преземени сите мерки, а стратешките партнери на земјата се информирани за активностите што ќе се преземат за да се обезбеди маршот и да се спречат инциденти.
– Како влада, како држава и како институции ќе ги преземеме сите мерки да не им успее првичната намера да испровоцираат каква било реакција која може да има негативни консеквенци не само за граѓаните туку и за регионот – рече Мицкоски.
Инаку, протестот за поддршка на поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Судот во Хаг е организиран од лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Поранешниот прв вицепремиер и актуелен градоначалник на Чаир, Изет Меџити, изјави дека во принцип го поддржува протестот што в сабота во Скопје ќе го организира лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за поддршка на поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Хаг.
Ваквите коментари Меџити ги дал во изјава за косовскиот медиум „Вокс Косова“, каде што нагласил дека протестот е демократско право и дека Ослободителната војска на Косово (ОВК) е национална гордост.
Меџити вели дека го поддржува најавениот собир во Скопје за поддршка на поранешните водачи на ОВК
Поранешниот прв вицепремиер и актуелен градоначалник на Чаир, Изет Меџити, кој е еден од лидерите во владејачката коалиција ВЛЕН, изјави дека во принцип го поддржува протестот што в сабота во Скопје ќе го организира лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за поддршка на поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Хаг.
Ваквите коментари Меџити ги дал во изјава за косовскиот медиум „Вокс Косова“, каде што нагласил дека протестот е демократско право и дека Ослободителната војска на Косово (ОВК) е национална гордост.
– Во принцип, да, го поддржувам. Протестот е демократско право. Ние го сметаме протестот за демократска вредност, а ОВК е наша национална гордост – изјави Меџити.
На прашањето дали лично би учествувал во протестот, Меџити не одговори директно, додавајќи дека како градоначалник на Чаир, на чија територија ќе се одржи протестот, ќе даде согласност за негово одржување.
– Протестот ќе се одржи на плоштадот во општината каде што сум градоначалник. Ќе дадеме согласност за одржување на протестот. Се надевам дека сè ќе помине добро – додаде Меџити.
Протестот за поддршка на поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Судот во Хаг е организиран од лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Протестот ќе се одржи во сабота на плоштадот „Скендербег“ со почеток од 13 часот.
– По Приштина и Тирана, сега и Скопје ќе зборува за вистината и правдата! Војната на ОВК беше и останува праведна, ослободителна и поддржана од демократскиот свет. Правдата за борците за слобода не може да се гради врз политички обвинувања и измислени докази од страна на Србија и Русија. Како што бевме покрај борците на ОВК во Приштина и Тирана, така ќе застанеме и во Скопје, горди и решителни во одбрана на нашата вистина – објави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во официјалната покана за протестот.
Коментирајќи го најавениот протест, премиерот Христијан Мицкоски на минатонеделниот брифинг изјави дека Ахмети прави обид да се мобилизира пред партискиот Конгрес на ДУИ, но оцени дека ова е погрешен чекор поради кој во иднина тешко ќе може да најде политички партнер. Според Мицкоски, протестот дополнително ќе го изолира лидерот на ДУИ и ќе го обележи како генератор на нестабилност во државата.



































