Премиерот Талат Џафери во интервју за „Дојче Веле“ се осврна на предложените промени во составот на техничката Влада која тој ја предводи при што истакна дека Владата функционира целосно и непречено, а во рамки на надлежноста.
– Владата функционира потполно. Преземени се активности и мерки по однос на решавање на статусот на дел, односно на членови на Владата соодветно на процедурата која е пропишана и надлежностите дадени со Устав – изјави Џафери во интервју за „Дојче Веле“.
Џафери во интервјуто воедно потенцираше дека не може да коментира изјави на членови на Влада кои си ги даваат од име на партиите и како членови на партиите, посочувајќи дека негов примарен фокус се надлежностите кои ги има како претседател на Владата.
– Јас сум претседател на Владата и одговорам за Владата. Јас водам сметка да ја водам Владата по однос на она што се законите, прописите и процедурите и функционирањето на Владата – беше дециден Џафери.
Прашан каква е соработката со министрите од опозицијата, премиерот потенцираше дека односот е соодветен и колегијален, и дека сите членови на Владата без оглед на тоа од кој субјект доаѓаат ги имаат истите права и обврски и секако го имаат истиот третман.
– Без оглед на она што се позиционо определени, односно како дел од опозицијата се влезени во Владата, како дел од пржинскиот договор, тие се членови на Влада со полно право и надлежност да спроведуваат она што е работа на Владата – истакна Џафери во интервјуто за „Дојче Веле“.