Дали носителите на јавни функции во Македонија воопшто го препознаваат интересот на граѓаните? Дали тие дејствуваат во затворен круг на поддржувачи за спроведување тесни интересни цели? Дали функциите знаат да ги отуѓат носителите на јавната власт од граѓаните и дали има начин да се создаде имунитет кај избраните лидери да не бидат заразени од „вирусот на бирократијата: недопирливост, моќ, слабеење на допирот со јавноста и реалноста, самобендисаност и самодоволност со комплекс на мали (државни) богови“?!
Неопходно е носителите на јавни функции да го почитуваат јавното мислење и да носат
одлуки според него
Главниот политички предизвик за 2023 година во Македонија, според многумина наши соговорници, е поставен на средина на минатата 2022 година кон крајот на јуни, кога „од носителите на власта беше прифатен т.н. француски предлог за почнување на преговарачкиот процес за полноправно членство во ЕУ. Така, предизвикот за кој зборуваат нашите соговорници аналитичари се, „измените во Уставот на Македонија“, со цел да бидат внесени Бугарите во него, а што во јавноста беше претставено како „соломонско решение“ на француското претседателство со Советот на ЕУ (во првата половина на минатата година) за повлекување на ветото од страна на Бугарија за македонските евроинтеграции. Иако таквото условување од страна на ЕУ целосно излегува од утврдената матрица на критериуми и досегашни практики за проширување (а го прекршува и меѓународното право), сепак македонските власти, без севкупна општествена согласност, го прифатија тој „услов“ за да започне скрининг-процесот.
Читање на граѓанските ставови и барања – со различна диоптрија
Сепак, за отворање на поглавјата и кластерите во преговарачкиот процес треба да се спроведат ветените уставни измени, за кои засега во Собранието нема услови да се постигне двотретинско мнозинство за да бидат изгласани. Носителите на високите државни функции мислат поинаку.
– Ако рационално погледнеме на работите, придобивките на процесот на евроинтеграција се многу поголеми отколку внесувањето на уште три заедници во Уставот. Она што нас нè интересира и што нè води при носењето одлуки е желбата на граѓаните да бидеме земја членка во ЕУ – порачува вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и додава дека ако граѓаните сакаат во ЕУ, политичките фактори се должни да направат сè, зачувувајќи ги идентитетот и националните интереси за да се оствари таа цел.
Слични пораки во своите јавни обраќања испраќа и премиерот Димитар Ковачевски, кој нагласува дека „сите 120 пратеници треба да ги послушаат граѓаните и да донесат државничка одлука“, мислејќи дека треба да гласаат за уставните измени.
Од друга страна, повикувањето на „интересот и желбата на граѓаните“ во контекст на уставите измени, сепак остава впечаток дека се темели на редуцирано и селективно читање од страна на претставниците на Владата, на пораките што шест-седум месеци се пласираат како јавно мислење на оваа тема. Прифаќањето на францускиот предлог со спорното барање за уставни измени беше причина за масовни двонеделни протести во текот на летото, а во испитувањата на јавното мислење за оваа тема што се спроведуваат, речиси секогаш несогласувањето за нивно спроведување е повисок од 60 отсто.
– Ако сите 120 пратеници треба да ги послушаат граѓаните Македонци, „државничка одлука“, каква што бара премиерот Ковачевски, за измена на Уставот – нема да има. Во сите анкети се покажува дека македонскиот народ, односно огромно мнозинство од Македонците не го прифаќаат францускиот предлог и не се согласуваат за уставните измени. А за ова прашање мнозинството не можат да го прават немакедонците. Прашањето на внесувањето на Бугарите во македонскиот устав е уште посложен проблем од оној што го имавме со Грција и ќе предизвика посериозни општествени контроверзии од оние со усвојувањето на Преспанскиот договор, ако и овој пат се пренебрегне јавното мислење. Неприфаќањето и несогласувањето со францускиот предлог и уставните измени не може да се ограничат и да ѝ се припишат само на опозицијата, туку тој круг е многу поширок и во него влегуваат објективни јавни личности и интелектуалци. Отпорот и недовербата произлегуваат од процената дека барањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав е поради сосема други цели, а не само малцински права. Уставните измени се само подотворање врата за бугарските амбиции Македонија да биде втора бугарска држава, за што не се брза да се направи веднаш, туку ќе се спроведува полека, со текот на времето. Уставните измени се само првиот чекор – вели политичкиот аналитичар Џевдет Хајредини, министер за финансии во првата влада на независна Македонија.
Вештина на добрите политичари и лидери на народот е – да се препознаваат интересите на граѓаните
Инсистирањето на уставните измени, со селективност во аргументацијата за нивната оправданост, не земајќи ги предвид загриженоста и недовербата на огромен дел од јавноста, го наметнува прашањето дали носителите на јавни функции во Македонија воопшто го препознаваат интересот на граѓаните, или дејствуваат во затворен круг на поддржувачи за спроведување на целите, по секоја цена, без оглед на предупредувачките показатели во анкетите.
– Носителите на јавни функции мора да го почитуваат јавното мислење и да носат одлуки според него. Иако власта подзаборава дека во демократски општества, всушност, е „слуга на народот“ и почесто претставниците на власта се однесуваат како „господари“, кога станува збор за уставните измени, во сите истражувања на јавното мислење се потврдува огромното несогласување на граѓаните со таквите намери и преземени обврски пред ЕУ со францускиот предлог, без согласност на опозицијата. Во веќе подолгорочна ситуација, кога со секоја анкета се потврдува (и се зголемува) незадоволството на јавното мислење за францускиот предлог, државничка одлука би била сите 120 пратеници да гласаат против уставните измени. Пратениците, кои се избрани од граѓаните, пред сѐ мора да го почитуваат нивното мислење. Засега, единствена гаранција дека нема да се спроведат уставните измени во Собранието е што тоа не може да се направи без опозицијата, која нема намера да гласа за тоа – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов, поранешен пратеник во македонското собрание.
Новинарката и поранешна амбасадорка на Македонија, Мелпомени Корнети, смета дека гласањето, односно носењето одлука во врска со уставните измени, пратениците треба да го направат водејќи се од сопствената совест, уставните обврски и јавното мислење.
– Со нагласувањето на „интересот на граѓаните за членство во ЕУ“, како да се сака да се потисне опасноста од уставните измени за предефинирање на македонската држава до степен на асимилација на македонскиот народ. Треба да се има предвид дека ЕУ е менлива категорија (токму заради сопствените реформи и менување на устројството се доведува во прашање и проширувањето на Унијата), а ние не треба да дозволиме поради таа европска менливост, Македонија како држава да стане минлива категорија. Голем е отпорот на македонската јавност за уставните измени и секој што ќе биде во ситуација да одлучува за тоа ќе мора да го има, пред сѐ, тоа предвид. Пратениците (ако дојде до тоа да се одлучува во Собранието) при гласањето треба да ја донесат одлуката водејќи се од сопствената совест, уставните обврски и јавното мислење – вели амбасадорката Мелпомени Корнети.