Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, не нашол поддршка ниту во Косово ниту во Албанија ниту во меѓународната заедница, по писмото во кое изразува загриженост за наводното прекршување на правата на Албанците во Македонија од извршната власт, изјави вицепремиерот Изет Меџити во интервју за албанскиот медиум „Албаниан пост“. Меџити ваквата состојба ја смета за доказ оти ДУИ ја загубила довербата од меѓународните партнери, при што посочил и дека постапките на Ахмети се беспредметни. Според вицепремиерот, ДУИ треба да престане со обидите за спас по падот во рејтингот, преку отворање на прашањето за предвремени избори, и да се фокусира на она што следува, односно на локалните избори.
– Меѓународната заедница очекува резултати и транспарентност, а не празни зборови и обиди за политичка манипулација. Токму затоа апелите на Ахмети не добиваат никаков одговор. Тоа е јасна порака од нашите партнери – истакнува Меџити.
Тој објаснува и дека употребата на албанскиот јазик е загарантирано уставно право, со што нагласи и дека ја поддржува и изјавата на косовскиот премиер Албин Курти, кој наведе дека албанскиот јазик не е официјален во Македонија.
Извесно е дека наративот околу загрозеноста на правата на Албанците во Македонија што изминатите неколку месеци упорно се обидува да го наметне ДУИ не наидува на плодна почва ниту меѓу членството на интегративците, а уште помалку меѓу другите граѓани од албанска етничка припадност во земјава, но и пошироко во регионот. По политичката катастрофа што ДУИ и Ахмети ја претрпеа на парламентарните и претседателски избори, наместо да ја искористат шансата за внатрешно реструктурирање на партијата додека е во опозиција, тие сакаат повторно да издејствуваат влез во власта?! Тоа што го прави Ахмети е тотално нелогично и дилетантски на политички план, кога со веќе видени и поразени трикови се обидува да ги испровоцира Албанците во Македонија, за потоа малку да си го покачи сопствениот рејтинг, во обидот да се врати во врвот на македонската политика. П.Р.