Старите прочитани примероци на „Нова Македонија“ беа искористени за да се направи масивен ѕид од 800 килограми / Фото: Приватна архива

Мисијата на „Нова Македонија“ е да информира и да ги негува и надградува општествените вредности, културата, историјата и традицијата, но секогаш е тука и кога треба да ѝ се помогне на академската заедница, на идните интелектуалци и на научноистражувачката дејност, не само во Македонија туку и во целиот регион. Токму поради тоа и ремитендата од печатените примероци (старите весници), која ја собиравме подолго време, со задоволство им беше дадена на нашата студентка Матеа и на нејзините колеги од Архитектонскиот факултет во Љубљана, за да изведат несекојдневен истражувачки зафат. Овој уникатен проект на студентите е вреден за поздравување и охрабрување. „Нова Македонија“ е горда што можеше да помогне, како континуитет на заложбите да бидеме секогаш достапни во помагање и афирмација на вистинските вредности и развој во која било општествена сфера

Примероците од весникот „Нова Македонија“, собирани подолго време, вообичаено редакцијата на нашиот весник ги дава на рециклирање. Овој пат, една нова, иновативна и креативна идеја, која има и референца на меѓународна, односно регионална соработка и секако пошироко општествено корисна, беше со големо задоволство поддржана од нашата редакција.
Имено, старите прочитани примероци на испечатениот весник „Нова Македонија“ беа искористени за да се направи масивен ѕид од 800 килограми на Факултетот за архитектура при Универзитетот во Љубљана, Словенија, како дел од проектна задача на студентите по архитектура.
Стручниот аспект и целта на истражувачкиот проект на студентите беше од нестабилен материјал да се направи стабилна конструкција, што не било воопшто лесно, како што не било лесно ни да се соберат илјадници весници потребни да се изгради макетата.
Во групата студенти на Факултетот за архитектура од Љубљана е и македонката Матеа Атанасовска, која ни ја пренесе целата слика на оваа несекојдневна студентска инсталација.
– Собравме весници од медиуми од различни држави, кои ни излегоа во пресрет и ни помогнаа во нашата тематска реализација на макетата, но морам да потенцирам дека најголемиот дел од весници ги добивме од „Нова Македонија“, за што најискрено и од срце сме благодарни – вели Матеа, која е трета година на студиите.
Задачата им била од конструкциски недоволно стабилен материјал да направат макета, кај која, преку начинот на спојување, ќе постигнат стабилност на конструкцијата. Инсталацијата ја направиле на факултетот, ја поставиле на меѓукат со големи прозорци што имаат поглед на еден од најстарите делови на Љубљана – Краково. Ѕидот има полукружни отвори, кои создаваат сенки во внатрешноста на факултетот, а отвораат поглед кон Краково.


– Поради амбициозноста на задачата да создадеме ѕид од весници со ширина од три метри и висина од 2,7 метри, ни беше потребно огромно количество весници, за што искрено не бевме ни сигурни дали ќе успееме да ја собереме. Во група имаме колеги од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и од Македонија, па гледавме секој колку што повеќе може да најде од својата држава – вели Матеа.
Весниците собрани во Македонија, Црна Гора, Хрватска, Србија и од Словенија биле транспортирани во куфери со автобуси.
Примероците на „Нова Македонија“ што остануваат од продажбата се рециклираат, но овој пат, за да се помогне во научната и истражувачката дејност, тие им биле дадени на идните архитекти – нашата Матеа Атанасовска и нејзините колеги од регионот, Катарина Вујачиќ, Вања Жујовиќ, Нејц Шеф, Дора Балент, Мари Кинкела, Катарина Шеф и Катја Новак.
Мисијата на „Нова Македонија“ е да информира и да ги негува општествените вредности, културата, историјата и традицијата, но секогаш е тука и кога треба да ѝ се помогне на академската заедница, на идните интелектуалци и на научноистражувачката дејност, не само во Македонија туку и во целиот регион.
Токму поради тоа и ремитендата од печатените примероци, која ја собиравме подолго време, со задоволство им беше дадена на нашата студентка Матеа и на нејзините колеги од Архитектонскиот факултет во Љубљана, за да го изведат овој несекојдневен истражувачки зафат. Овој уникатен проект на студентите е вреден за поздравување и „Нова Македонија“ е горда што можеше да помогне, како континуитет на заложбите да бидеме секогаш достапни во помагање и афирмација на вистинските вредности.

Ремитендата која ја собиравме подолго време, со задоволство им беше дадена на нашата Матеа и на нејзините колеги за да го изведат овој несекојдневен истражувачки зафат