Според архиепископот на МПЦ ОА, г.г. Стефан, условите на Вселенската патријаршија за томосот се – неприфатливи! Од друга страна, и во самиот Синод постојат владици, со кои се согласуваат и некои „познавачи на црковните прашања“, кои не го делат мислењето на архиепископот на МПЦ ОА, дека испорачаните услови на Фанарот се во целост неприфатливи!
За автокефалност на МПЦ и за врачување на томосот, Вселенската патријаршија бара откажување од нашето име
и нашата православна дијаспора
Деновиве претставниците на Македонската православна црква-Охридска архиепископија излегоа со свои ставови по прашањето за томосот за автокефалност, како и за условите што ги поставува Вселенската патријаршија.
Г.г. Стефан: Условите за доделување на томосот се неприфатливи
Архиепископот г.г. Стефан јасно посочи дека се неприфатливи барањата на Вселенската патријаршија, односно откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Православната црква на Украина.
– Вселенската патријаршија што нѐ упатуваше, за што впрочем се потпишани сите православни цркви во Шамбези, дека така треба да се случува тоа, нѐ прифати во заедничко сослужување во канонско единство со сите православни цркви. Ако ни даде томос, ние ќе го прифатиме, но условите што ни се поставуваат се неприфатливи за нас – откажување од името Mакедонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Украинската црква, која ја призна Цариград – рече г.г. Стефан.
Според архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, овие барања тешко ќе бидат позитивно одговорени и реализирани, особено ако се поврзани со името и со дијаспората.
– Името ние си го имаме, тоа име е наше, на никој друг не му припаѓа и затоа не треба никој да бара да се откажуваме ние од нашето име, а името на нашата црква е Македонската православна црква возобновена Охридска архиепископија, затоа се содржат и двете имиња во името на нашата црква. Кога ќе ја преземат дијаспората од сите други православни народи што имаат своја дијаспора, тогаш нека биде и нашава, но тоа прашање тешко ќе биде реализирано односно одговорено во позитивна насока кон барањата на Цариградската патријаршија – нагласи архиепископот г.г. Стефан.
Условите на Вселенската патријаршија потврдија дека прашањето за добивањето томос било само политичко, а не канонско
Со свој став излезе и митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиски и новозеландски г. Петар. Според него, условите на Вселенската патријаршија само уште еднаш потврдиле дека прашањето за добивањето на томос било само политичко, а не канонско.
– Ете, сега веќе доаѓа до израз дека нашето прашање за црквата не било црковно, туку било политичко. И ден-денес не се кажува, не се тврди дека имаме какви било проблеми со каноничноста на црквата или со верата и учењето, туку исклучиво се бара од нас да се откажеме од нашиот идентитет – рече митрополитот Петар на одбележувањето на празникот на светите браќа Кирил и Методиј.
За тоа кога и под какви услови би требало да ни биде врачен томосот за автокефалност, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан нагласи дека се неприфатливи сегашните услови за доделување томос, образложувајќи дека томосот ќе биде доделен кога ќе се исполни времето.
– Тоа не може да се претпостави. Може да биде и утре, а може да биде и задутре. Така што ние да ја чуваме црквата, да ја градиме црквата, да градиме односи и релации со другите помесни православни цркви. Тоа ќе дојде кога ќе се исполни времето, како што порачува и апостолот Павле – изјави поглаварот на МПЦ-ОА.
Други и различни видувања на владици и експерти во врска
со испорачаните барања на Вселенската патријаршија
Со свое видување излезе и митрополитот на европската епархија г. Пимен, кој образложи, според информациите што ги поседува, дека од Македонската православна црква-Охридска архиепископија наводно не се бара промена на Уставот и промена на името, туку во меѓусебните релации да се користи Охридска архиепископија, односно кога ќе се обраќа до Цариградската патријаршија. (?!) Неговиот став е дека ние за нас „ќе си бидеме МПЦ“, а за други „кој како сака нека нѐ ословува“?!
– Ние секогаш ќе си бидеме Македонска православна црква, кој како сака нека нѐ ословува. Значи, не се бара од нас, колку што сум информиран јас, да направиме промена на Уставот и да го промениме нашето име, туку само да го користиме во меѓусебните релации. Кога се обраќаме до Цариградската патријаршија, да се обраќаме како Охридска архиепископија – посочи митрополитот Пимен.
И некои други „познавачи на оваа проблематика“ сметаат дека Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија треба да направи сопствена стратегија и да ги процени ризиците од повлекување евентуален чекор во контекст на условите од Вселенската патријаршија што како такви беа претставени од поглаварот на МПЦ ОА, г.г. Стефан.
На пример, според проф. д-р Цане Мојаноски, не станува збор за канонски или црковен проблем или проблем што досега не го запознала историјата на православните цркви. Според него, прифаќањето на името Охридска архиепископија е достоинствено име, кое е поврзано и со Јустинијана Прима, а прашањето со дијаспората треба да се решава по добивањето на автокефалниот статус, па да се види како тоа го решиле другите православни цркви. Во однос на условот за признавање на Православната црква на Украина, проф. д-р Цане Мојаноски смета дека порано или подоцна со оваа црква ќе се воспостават некакви односи, како што сега има цркви што не ја признаваат нашата црква, но пристапуваат со нас кон заедничко сослужување. Д.Ст.