Фото: Маја Јаневска Илиева

Лидерот на СДСМ Венко Филипче вечерва на седница на Извршниот одбор ќе побара сите членови на раководството и на Извршниот одбор да се повлечат, а новото раководство ќе биде избрано во следните две недели.

Филипче вечерва за телевизија Телма изјави дека ќе се бараат најдобрите луѓе кои имаат капацитет да ја спроведат партиската програма.

– Вечерва имаме закажано состанок на Извршниот одбор на кој ќе побарам сите членови на раководството и на Извршниот одбор да се повлечат и на еден од следните состаноци на Централниот одбор, којшто ќе се одржи во следните две недели, ќе се избере новото раководство на партијата и новиот состав на Извршниот одбор. Ги бараме најдобрите луѓе, луѓе кои имаат најдобар капацитет за да ја спроведат програмата којашто сметам дека граѓаните ја заслужуваат – рече Филипче во емисијата „Директно“ на телевизија Телма.

Филипче рече дека не сака да шпекулира со имиња но појасни дека не станува збор за целосна смена, туку за парцијално освежување на тимовите и во делот на раководството на партијата на ниво на потпретседатели и во делот на Извршниот одбор.

Резултатот од локалните избори, како што рече. е мотив за напорна и  интензивна работа во следниот период и најави активна теренска активност.

– Имаме тимови коишто ќе се впуштат во силна и многу интензивна теренска работа. Ќе се впуштат во изнаоѓање на нови членови коишто практично ќе знаат премин на генерациите во СДСМ од една во друга генерација, нова сила, нова енергија – рече Филипче.