Повеќекратните значења на темата Вавилон, од антиката до денес, се испреплетуваат и се вкрстуваат на комплексен начин во различни сфери: од високата до популарната култура, од религиозните до секуларните текстови, покажувајќи ја длабоката поврзаност со митот за Вавилон. Кај класичните автори: Херодот, Аристотел и Овидиј, и во библиските книги, на пример, во книгите за пророците Исаија, Јеремија и Даниил, како и во последната книга од Новиот завет, „Откровение на светиот апостол Јован Богослов“ (или само „Откровение“), среќаваме текстови за Вавилон. Авторите што ја користат темата Вавилон се многубројни: од Данте Алигиери до Мартин Лутер, од Херман Мелвил (поемата „Падот на Ричмонд“) до Вилијам Блејк (поемата „Лондон“), од Хорхе Луис Борхес (расказите: „Вавилонската библиотека“ и „Вавилонската лотарија“) до Џозеф Мајкл Стрезински – автор на серијата „Вавилон 5“.
Во расказот „Вавилонската библиотека“ се зборува за библиотека што ги содржи сите книги што некогаш биле напишани, и секоја можна пермутација или малку погрешна верзија на секоја од тие книги. Филозофските импликации на овој расказ се многубројни. Библиотеката станува искушение, дури и опсесија, затоа што ги содржи, но истовремено и ги крие (во библиотеката има многу неполезни работи) оние книги што нудат одговори на нашите клучни прашања. „Вавилонска лотарија“ говори за улогата на случајноста: во Вавилон, сите активности се диктирани од лотаријата, која има целосна контрола врз животите на многумина: по барањето сите, освен елитата, задолжително да учествуваат во лотаријата, меѓу граѓаните се шират гласиштата дека институцијата задолжена за лотаријата, всушност, никогаш не постоела или дека нејзиното постоење е ирелевантно: Вавилон „не е ништо друго освен бесконечна игра на среќа“. Придобивките од случајната природа на животот – случајноста е неизбежна компонента на животот, овозможуваат елитите што ја контролираат институцијата да се изборат за нејзиниот авторитет. Моќта на институцијата доаѓа од нејзиниот капацитет да ја одредува судбината, што, всушност, значи дека институцијата не функционира случајно и е опфатена со корупција.
Терминот вавилонска блудница се среќава во „Откровение“: „Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница, којашто седи над многу води; со неа блудствуваа земните цареви, и со виното на нејзиното блудство се опија жителите на земјата!… И видов една жена како седи на црвен ѕвер, којшто беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови. А жената беше облечена во пурпур и скарлет и накитена со злато, драгоцени камења и бисери; во раката своја држеше златна чаша, полна со гнасотија и нечистотија од блудството нејзино. А на челото ѝ беше напишано името: Тајна, Вавилон големиот, мајка на блудниците и на земните гнасотии“. Во трактатот со наслов „Вавилонското заробеништво на црквата“ (1520), Мартин Лутер ќе напише: „Сега знам и сигурен сум дека папството е царството на Вавилон и моќта на Нимрод – моќниот ловец“. Гравурите во различните изданија на Библијата, подготвени од Лутер, ја прикажуваат блудницата како носи папска дијадема. Повеќе од 200 години порано, Данте Алигиери, во „Чистилиште“ („Божествената комедија“) изрази слична, речиси идентична идеја: Рим е прикажан како вдовица, папството како блудница, Италија како јавна куќа, а вавилонската блудница од книгата „Откровение“ седи во кочија опкружена со ѕверовите на Апокалипсата.

Многу македонски мислители и дејци „често истакнуваат дека политиката на Европа кон Македонија никогаш немала многу смисла и наклоност, дека се одликува главно со маска на лажна и лицемерна дипломатија кога станувало збор за македонското прашање и судбината на македонскиот народ“ (Панде Колемишевски). Оттука, Европа се поистоветува со вавилонската блудница. Во едно писмо од 1898 година, Петар Манџуков му пишува на Константин Кирков: „далеку позагрижувачко е поведението на Европа, таа вавилонска блудница, која за сметка на своите сомнителни интереси го заборава својот долг кон еден мал народ во срцето на светот, а која одлучува за судбината на нашиот народ“. Однесувањето на ЕУ, од осамостојувањето на Македонија до денес, е токму такво: неправедно, угнетувачко, мизерно и понижувачко, делумно поради неспособноста и неукоста на нашите политичари, но над сè, алудирајќи на поемата „Лондон“, поради нашиот молк: Македонците требаа да упатат жестока критика за неуспехот на ЕУ да изгради праведно општество за сите, засновано на слобода, еднаквост и праведност. Неуките македонски политичари признавајќи ги договорите со Грција и со Бугарија, не го признаа постоењето на Македонците во соседството, а прифаќајќи ја Преговарачката рамка (официјален документ на ЕУ), во која се оспорува правото на македонскиот народ на национална самобитност и посебност, всушност признаа дека во Македонија не живеат Македонци. Договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка се неправедни – тие не го признаваат постоењето на македонската нација, македонскиот народ и на македонскиот јазик, па затоа тие се неважечки.
Во трудот со наслов „Правење наспроти дозволување штета“ (Филозофска енциклопедија на Стенфорд, 7 јули 2021 година), авторите (Frances Howard-Snyder, Fiona Woollard) ги објаснуваат моралните последици и разлики помеѓу правењето штета, на пример, намерното уништување на суштество, објект или институција, и дозволувањето штета, на пример, дозволување, иако може да се спречи, да се реализира уништувањето на суштеството, објектот или на институцијата. Не навлегувајќи во филозофските расправи на оваа тема, тука спаѓа познатиот проблем на тролејот (количката), поврзано со македонските егзистенцијални прашања, дилемата правење или дозволување штета се пресликува во прашањето: дали постои морална разлика помеѓу тие што сакаат неправедно да ја разнебитат Македонија, а тоа се нејзините соседи и тие што дозволуваат нејзино разнебитување (нашите неуки политичари и нашите таканаречени стратегиски партнери, кои, впрочем, тоа не се)!?
Оставајќи читателите на „Нова Македонија“ да одговорат на ова прашање, ќе го завршам денешниот есеј осврнувајќи се на еден настан поврзан со серијата „Вавилон 5“.

Култната серија „Вавилон 5“, во текот на петгодишното емитување (1993 – 1998), ги опишува политичките интриги, расните тензии и војните, што се случуваат во средината на 23 век (Вавилон 5 е вселенската станица на Земјината Алијанса, лоцирана на неутрална територија). Хрватската глумица Мира Фурлан, која во серијата „Вавилон 5“ ја игра улогата на Делен, на денот на нејзината смрт (20 јануари 2021 г., во Лос Анџелес), на Твитер ќе напише: „Ги гледам ѕвездите. Ведра е ноќта и Млечниот Пат изгледа толку блиску. Таму ќе одам наскоро. ‘Сите сме ѕвездени работи’ – одеднаш се сеќавам на репликата на Делен. Не е лоша перспектива. Јас не се плашам. Во меѓувреме, дозволете ми да ги затворам очите и да ја почувствувам убавината околу мене. И земете здив под темното небо полно со ѕвезди. Вдиши. Издиши. Тоа е сè“.
Зачленувањето во ЕУ не е ништо друго освен игра на среќа. Моќта на ЕУ – вавилонската блудница, доаѓа од нејзиниот капацитет да ја одредува судбината на државите што не се нејзини членки, што, всушност, значи дека ЕУ е коруптивна заедница. Вдиши. Издиши. Иднината на Македонија е јасна: таа ќе опстане без оглед на сè!