Самоубиствена е тезата на одредени македонски поранешни носители на високи државни функции дека „на уставните измени можеме да гледаме и на еден поинаков начин: ние ја правиме промената од наша добра волја“. (!?) Имено, со формирањето на нашата слободна волја, самите да направиме промени во духот на „добра волја“ во насока на барањата на меѓународната заедница?! Според сите соговорници со кои се консултиравме, таквиот став е „шизофрена теза на национален суицид и велепредавство што инстантно и со индигнација треба да се отфрли“
Нови и уште пострашни дегенеративни наративи како начини за да се направат уставните измени
Неверојатен национално-суициден предлог е испорачан во јавноста деновиве од македонски поранешни носители на високи државни функции. Но историски гледано, предлогот не е и нов. И досега, за сите идентитетски промени (симболи, име, карактер на државата и низа други), сторени на штета на македонскиот народ и државата, откога сме ги направиле, тогаш, странските емисари констатирале дека „вие самите прифативте и го направивте“.
Точно дека Македонија направила нешто со „добра волја“ против себе и во подалечната и во блиската историја, но само по стравотен надворешен притисок и, се разбира, со квислиншка нивна поддршка на поединци и влијателни групи.
Но ако нешто е направено на тој начин, сведоци сме тогаш дека во иднината не ни помагаат ниту меѓународното право, ниту меѓународните институции… А произлегува дека „самите сме сакале да го направиме тоа“, што е класично извртување на вистината и е погубно за народот и државата. Според овој наратив, произлегува дека Македонија едвај чекала да го смени уставното име, а вистината е сосема поинаква. Играњето со вакви опасни тези од страна на некои квазиинтелектуалци е само на сметката на уште подлабока штета на државата и на нејзините интереси, колку во овој момент да изгледаат неостварливи…
Кога уцените и притисоците се ПАКУВААТ како сопствена „добра волја“ се оди по пат од кој нема враќање
Не само што не стивнува надворешниот притисок за уставните измени туку сè повеќе се активираат и внатрешни фактори, кои низ одреден наратив пласиран во медиумите се обидуваат целосно да го релативизираат процесот на промена на Уставот, претставувајќи го само како безначајна техничка интервенција како „знак на добра волја“ од страна на Македонија.
Но она што многу повеќе загрижува е што ваквите пораки доаѓаат од некои интелектуални кругови што и во минатото многу повеќе сакаа да ја гледаат големата европска слика, колку таа и да е дистонирана, отколку достоинството на сопствениот народ и сите напади и уцени што ги доживува во името на „европските вредности“.
Имено, Македонија, како ниту една друга држава во светот, беше принудена да го смени државното знаме иако сите меѓународни конвенции дозволуваат секоја земја слободно да си ги одбере државните симболи, беше уценета да влезе на мала врата во Обединетите нации под привремена референца, а не со уставното име, повторно спротивно на меѓународното право бидејќи народите имаат неприкосновено право сами да одлучуваат како ќе ја нарекуваат сопствената држава. И тука уцените и омаловажувањата не запреа, туку под притисок и на сила беше протуркана територијалната поделба, за на крајот на најдрзок и најбезобразен начин да се потпише Преспанската спогодба, со која една држава ѝ наметна име на друга суверена држава, преседан што ќе се изучува во сите студии по меѓународно право за тоа како се прекршуваат меѓународните правни норми од позиција на сила и моќ.
Сега земјава е притисната пред нова уцена, да мора да го промени Уставот и да ги впише Бугарите во преамбулата бидејќи тоа биле „европски вредности“ и на тој начин „сите ќе сме се обединеле под еден покрив“.
За овие три и кусур децении независност, Македонија едноставно немаше шанса да направи нешто од „добра волја“ бидејќи постојано е цел на уцени, притисоци, увезени конфликти, блокади и што ли уште не, делумно и од истите оние што се под нашиот покрив, но и од оние што упорно сакаат да се напикаат под него. Ако во една куќа, под ист покрив, секој влече на своја страна, нема слога, куќата многу брзо ќе се растури.
Убиствена е тезата дека Македонија нешто прави со „добра волја“ бидејќи ако е направено на тој начин, тогаш во иднина не ни помагаат ниту меѓународното право, ниту институциите, никој. Произлегува дека самите сме сакале да го направиме тоа, што е класично извртување на вистината и е погубно за државата. Според овој наратив, произлегува дека Македонија едвај чекала да го смени уставното име, а вистината е сосема поинаква. Играњето со вакви опасни тези е само на штета на државата и на нејзините интереси, колку во овој момент да изгледаат неостварливи.
Тоа што членките на ЕУ апелираат да го смениме Уставот и на тој начин да им помогнеме за да ни помогнат е поради тоа што сакаат да затворат уште едно отворено прашање, а не од љубов кон нас. Па 30 години им помагаме и не мрднавме подалеку од тапкање по рамо, европскиот пат ни остана заглавен како пругата кон Бугарија. Сите луѓе што живеат под овој македонски покрив го чувствуваат истото, дека Европа дава празни ветувања. Беше потребна војна во Украина за истата таа Европа да сфати дека и самата може да биде загрозена и сега бара начини како сите земји од Западен Балкан да ги пикне набрзина во „шупата“ покрај својата куќа, никако под својот покрив каде што среќно живее 28-членото семејство.
Затоа демагогиите од типот дека „Европа бара да ѝ помогнеме за да ни помогне“ не поминуваат ниту кај малите деца, кои покажуваат многу поголемо патриотско чувство и љубов кон сопствената земја за разлика од многумина возрасни што биле во позиција да ја бранат македонската кауза, но потфрлиле.
Единствено нешто што нè обединува во оваа држава не е Европа, туку маката од тешкиот живот што ни го предизвика истата таа Европа, најпрво поддржувајќи ја Грција, сега и Бугарија. Ако не беа грчката блокада и дведецениската европска солидарност кон Атина, Македонија ќе беше во ЕУ уште во 2004 година и немаше никогаш да го има проблемот со Бугарија.
Разубавените формулации ќе ГО „разУбАВАТ“ РАЗБИВАЊЕТО НА унитарноста на државата
Но желбите се едно, реалноста друго. Прашање е само колку објективно се перципира реалноста. Никој нема против да бидат внесени Бугарите во македонскиот устав, но револтот се јавува затоа што Бугарија продолжува да не го признава постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик. Еве, во знак на „добра волја“, зошто не се изгласа една декларација во бугарското народно собрание со која Бугарија ќе признае дека македонски народ постои со векови, има засебен македонски јазик, сопствен историски наратив и култура. Нека биде во три реченици. Впрочем, тоа го направи неодамна германскиот Бундестаг во знак на „добра волја“. Вака се наметнува опасна теза дека само ние треба да го промениме Уставот и не само да ги внесеме Бугарите туку да нема „грди формулации“ кон никого и сите да станат народи, на исто рамниште како државотворниот македонски народ.
Ваквите заложби се во целосна спротивност со меѓународното право и воопшто со меѓународниот поредок. Постојат воспоставени конвенции за малцински права заради зачувување на светскиот мир и стабилноста на државите. Ако државите внатре се нестабилни, тоа без исклучок генерира конфликти, кои може да се прошират на пошироко ниво. Затоа на народите и на нациите им се дало правото да создадат држава, а тие што се нашле и живеат во таа држава како помали групи, да бидат малцинства и да ги уживаат највисоките права. Со тоа се нормираат уставниот поредок и мирот во една држава. Затоа така се поставени работите во меѓународното право, заради мир и стабилност. Заложбите за уставни промени со кои во Македонија ќе има само рамноправни народи, со одземање на државотворниот карактер на македонскиот народ, всушност води кон поттикнување национална омраза, со што сите вака внесени народи веќе утре ќе излезат со свои барања што ќе бидат на штета на другите народи, кои, пак, ќе побараат нешто за себе, така што сето тоа е најдобриот рецепт како за кратко време да се растури една држава. Тоа е класично подривање на унитарниот карактер на државата. Затоа секогаш основата е еден главен народ и малцинства, кои ќе бидат речиси на рамноправно рамниште, со еднакви права и обврски, наместо како досега, малцинство да носи одлуки за иднината на мнозинскиот народ и да владее со државата преку уцени.
Во еден таков нов устав нема потреба да се слуша ниту ехото на Илинден, ниту ехото на АСНОМ, туку тие да бидат целосно инкорпорирани со сите свои точки и запирки, без разни еха и одгласи. Во нив уште пред сто години јасно стои како треба да изгледа државата Македонија.
Нема држава во светот што е составена од рамноправни народи, таквите држави без никаков исклучок се распаѓаат. И СФР Југославија беше држава на рамноправни народи и народности, па видовме како заврши целата приказна, народите влегоа во војни за да дојдат до своја држава, а малцинствата беа протерани. Таков рецепт на Македонија не ѝ е потребен.
Устав – што ќе му го врати достоинството на македонскиот народ
Добро е што во таа 2001 година некој во македонското собрание крикнал „го нема македонскиот народ во Уставот“, оти уште тогаш ќе го избришеа. Дваесет и кусур години подоцна уште траат обидите за бришење на македонскиот народ и затоа на тоа треба да му се стави крај.
Уставот е премногу менуван и повеќе не личи на вистински правен акт. Време е за таков документ со кој ќе биде изградена здрава и цврста куќа врз темелите на Илинден и АСНОМ, а не врз основа посипана со тампон како Рамковниот договор или Преспанска спогодба.
Таков устав во кој Македонија ќе биде држава на македонскиот народ и на сите малцинства, вклучувајќи и на бугарското, со еднакви права меѓу граѓаните, без дискриминација по ниту една основа, со право секој да може да даде сопствен придонес во изградбата на стабилен дом за сите граѓани што ја чувствуваат Македонија како своја држава. Сè друго е само уште едно свесно извлекување на делчето од мозаикот, кој наскоро ќе ја изгуби целата смисла и од кој ќе исчезне македонската слика.