Поднесена иницијатива за оцена на уставноста на програмата и статутот на здружението „Цар Борис Трети“
Практиката на Европскиот суд за човекови права покажува многубројни случаи во кои негирањето на фашизмот и холокаустот поттикнува омраза и нетолеранција! Затоа во иницијативата до Уставниот суд се бара поништување на програмата и статутот на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид, бидејќи она што се содржи во нив е негирање на фашизмот. Тоа е во спротивност и со македонските закони, како и со европското право и практики
Програмата и статутот на здружението „Цар Борис Трети“ несомнено се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Македонија и разгорување национална и верска нетрпеливост. Тоа се наведува во иницијативата на адвокатот Тони Менкиноски поднесена неодамна до Уставниот суд за оцена на уставноста на програмата за работа и статутот на здружението од Охрид, чија регистрација продолжува да ја бранува македонската јавност.
Менкиноски се повикува и на практиката на Европскиот суд за човекови права, која покажала многубројни случаи во кои негирањето на фашизмот и холокаустот поттикнува омраза и нетолеранција, па затоа во иницијативата што ја поднесе тој се бара поништување на програмата и статутот на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид, бидејќи она што се содржи во нив е негирање на фашизмот, што е во спротивност и со овдешните закони, како и со европските практики.
Повеќе од очигледно е дека Уставниот суд треба да ја докаже својата улога на чувар на законитоста и уставноста на државата, да ги игнорира политичките диктати и да почне да постапува во согласност со Уставот наместо да се приспособува на дневната политика.
Уставниот суд пред клучен предизвик – заштита на уставноста или губење на легитимитетот
Токму затоа иницијативата на адвокатот Менкиноски е одлична можност Уставниот суд да покаже дали е функционална институција што треба да ја оценува уставноста на сите иницијативи што се поднесуваат до него или, пак, суд што дефинитивно го зафатила ерозија на својот легитимитет и углед. Брзата реакција на Уставниот суд овој пат може да стави крај на провокативната кампања од страна на Бугарија да се отвораат културни клубови и да се регистрираат здруженија исклучиво со имиња на докажани соработници на фашистичкиот режим, но и со програми во кои отворено се негираат македонскиот народ и неговата самобитност.
И додека власта вели дека нема никакво законско решение да ја спречи регистрацијата на вакви клубови и здруженија, истовремено најавувајќи некакво ад хок тело што треба во иднина да решава за имињата на овие здруженија до донесувањето нов закон, Уставниот суд е една од институциите што може веднаш да постапува, да се изјасни по поднесена иницијатива и доколку оцени дека се прекршени законите и Уставот, да го прогласи за противзаконско регистрирањето на овие здруженија во согласност со сите европски практики.
За да се случи тоа, потребно е иницијативата во најкраток можен рок да се најде пред уставните судии и експресно да се постапува, наместо предметот да се става во фиока и расправата да се одложува во недоглед, како што беше случајот со иницијативите за многу клучни закони и одлуки што со години остануваат нерешени.
– Мислам дека тука има простор за дејствување на Уставниот суд бидејќи се посочува на програмата и статутот на здружението „Цар Борис Трети“. Програмите и статутите на политичките партии, како и на здруженијата, подлежат на оцени на Уставниот суд. Во иницијативата е наведено што се повредува со нив, меѓутоа тоа ќе оди во редовна постапка, таа ќе се стави на разгледување, но прашање е кога ќе биде направено тоа – вели поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.
Тој ги појаснува целата постапка и начинот на кој постапува Уставниот суд кога до него ќе пристигне иницијатива за оцена на уставноста, како оваа што сега ја поднесе адвокатот Тони Менкиноски, а во врска со програмата и статутот на здружението „Цар Борис Трети“.
– Многу зависи како е поднесена иницијативата, поточно што се оспорува и на што се приговара. Ако се изрази сомнеж на тие што приговараат дека тоа што е наведено во нивната иницијатива е точно, а може да биде точно, тогаш се поведува постапка. Прва фаза е поведување постапка за оцена на уставноста за тие одредби на кои се повикуваат иницијаторите. Откога ќе се поведе постапка, се дава еден краток рок меѓу месец-два за разгледување и оцена и потоа се оди на тоа да може судот да ги поништи спорните противуставни одредби. Тоа е ефектот и тоа би било намерата – истакнува Ивановски.
Поранешниот претседател на Уставниот суд изразува зачуденост зошто и досега не биле поднесени вакви постапки и иницијативи, наместо низ земјата да ни никнуваат вакви здруженија именувани според соработници на фашистичкиот окупатор.
– Искрено се чудам зошто и досега не се поведувале вакви постапки. Уставниот суд мора да постапува во вакви случаи ако не сака да дојде до целосен распад на системот. Негова задача е заштита на уставноста, при што се цени актот, ако тој е спротивен на Уставот, механизмот на Уставниот суд е да падне и самиот акт. Во мое време ако се појавеше политичка партија со чија програма и статут се повредуваат некои членови од Уставот, тогаш немаше никаков проблем да се атакува или на самата програма бидејќи таа може да биде во судир со принципите на уставните начела на самиот устав и во краен случај, може да дојде и до забрана на дејствувањето на ваквите здруженија или политички партии – категоричен е Ивановски.
Сепак, тој со доза скепса гледа на капацитетот на сегашниот состав на Уставниот суд да стави крај на провокациите со регистрацијата на ваквите здруженија.
– Уставниот суд, каква што е констелацијата на односите и како што сега се одвиваат работите, кој и самиот се бори со својот легитимитет, тешко дека нешто ќе може да одлучи. Тоа го кажувам затоа што имам предвид дека Уставниот суд наскоро ќе се соочи со буквално негово непостоење бидејќи ќе има само четворица судии, а секоја одлука мора да биде донесена со минимум од пет судии. А тие наскоро ќе останат со четири судии и фактички нема да можат да работат. Има одделни седум-осум прашања во Уставот за кои треба да се решава со двотретинско мнозинство, а тие сега тоа го немаат бидејќи се пет судии, а прашање е и тие пет судии дали работат, како работат и што работат – посочува Ивановски.
Има институции што можат да реагираат, но никој нема храброст
Во исчекување на судбината на споменатата иницијатива во Уставниот суд, познавачите на состојбите тврдат дека државата има и други механизми што може да ги употреби за да спречи регистрација на здруженија со спорни имиња, дури и ако Уставниот суд остане без потребното мнозинство и го загуби легитимитетот да се произнесува по поднесени иницијативи.
– Ако не се реши проблемот со уставните судии, судот ќе нема легитимитет да одлучува. Тука на сцена би можеле да стапат други инстанци. На пример, и без произнесувањето на Уставниот суд може да постапи Јавното обвинителство, се разбира ако има храброст, и да поведе постапка доколку има сознанија дека се крши Уставот. Тие можат да изнајдат и разни други основи, на пример дека се вршат кривични дела со активноста на здружението, дека се повредува меѓународното право и дека се повредуваат други принципи. Обвинителството слободно може да поведе постапка бидејќи некој направил кривично дело со своето дејание и негова должност е да постапува – посочува Ивановски.
Професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Борче Давитковски, кој е еден од креаторите на Законот за здруженија и фондации, според кој, е формиран бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, смета дека уште референтот на филијалата на Централниот регистар во Охрид не смеел да дозволи упис на ова здружение под тоа име.
– По право на надзор може да се бара поништување регистрација, а тие имаат право на жалба што може да дојде до Управен суд и таму да се повикаат вештаци, кои треба да дадат свое мислење за тоа кој бил царот Борис Трети. Но уште на шалтерот на Централниот регистар во Охрид референтот требало да ги пролиста програмата, статутот и името и да не изврши упис – појаснува Давитковски.
Според него, ако државата сега не го спречи овој тренд на регистрирање клубови со контроверзни историски имиња, тоа ќе се смета за преседан и таквите регистрации ќе продолжат во недоглед.
Уставниот суд може да престане да постои?!
Уставниот суд треба да има девет судии, но наместо тоа сега има пет. За два месеца поради пензионирање на уште еден уставен судија ќе бидат четворица заедно со претседателот на судот. Со оглед на блокадата на изборот на нови уставни судии во Собранието, повеќе од извесно е дека на почетокот на декември, ако не се случи некое чудо и не бидат избрани судии, Уставниот суд ќе биде целосно блокиран и по 31 година постоење може да престане со работа.
Ако се оствари ваквото сценарио, тогаш ќе нема кој да ги контролира уставноста и законитоста, односно Собранието ќе носи закони без да може некој да ги коригира, а истовремено граѓаните ќе мора да ги почитуваат. Покрај тоа, ќе нема кој да решава ниту за судирот на надлежности на законодавната, извршната и судската власт, да одлучува за одговорноста на претседателот, но и ќе нема кој да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот.
– Единствен спас, народски кажано, граѓаните имаат и гледаат во Уставниот суд. Таа можност ќе им биде укината и тоа е сериозна атака врз демократијата. Може да ни се случи да имаме противуставни закони, за кои сите ќе знаеме дека се противуставни, но ќе мора да ги почитуваме, или противзаконити подзаконски акти, бидејќи министерствата носат голем број правилници и тие може да бидат спротивни на законите, но ќе нема кој да ги укине – појаснува професорката Ана Павловска-Данева.
Слична судбина може да има и иницијативата за оцена на уставноста и законитоста на програмата и статутот на здружението „Цар Борис Трети“, бидејќи ако нема доволен број уставни судии, Уставниот суд нема да може да се изјасни.
Според Уставот, Собранието ги избира судиите на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор. Судиите се избираат од редот на „истакнати правници“, пишува во Уставот.