Што предвидуваат Уставот и собранискиот Деловник по оставката на премиерот
Уставните рокови за избор на нова Влада ќе почнат да течат по константирањето на оставката на Зоран Заев од премиерската функција, што се очекува да се случи пред денешната собраниска седница за пратенички прашања. Уставот и собранискиот Деловник ја регулираат постапката во случај на оставка на претседателот на Владата.
– Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. Владата која поднела оставка или на која мандатот и престанал, останува на должност до изборот на нова Влада – наведено е во членот 93 од Уставот.
Претседателот Стево Пендаровски според член 90 од Уставот е должен во рок од 10 дена да го довери мандатот за состав на Влада на партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик министер за финансии Димитар Ковачевски, по констатирањето на оставката на Заев.