Во разговор со повеќе правни експерти на темата Устав, законитост, неказнивост и селективна правда…, соговорниците извлекоа еден исклучително интересен заеднички именител, за кој има становиште дека ќе разбуди висок степен на јавен интерес! Имено, според нашиот устав, велат експертите, „судиите не може да сносат одговорност за своите пресуди“. Поедноставно кажано, тоа всушност значи дека „тие нема да бидат санкционирани и за флагрантни пропусти и грешки при донесување на пресудата, направени или во небрежност или со умисла; дека тие нема да бидат одговорни дури и ако пресудата е очигледно донесена под политички диктат; или пак пресудата е донесена иако во процедурата се препознати коруптивни индикации“.
Но последниот случај, со ставањето на судијата Енвер Беџети на американската црна листа, покажа дека САД испраќаат јасна и недвосмислена порака до македонските институции дека никој не може да биде над законот, па ниту судиите и обвинителите
Дијагностицираните аномалии во највисокиот конститутивен правно- политички акт во континуитет создаваат преседани и апсурди. Некои од нив го доведоа македонскиот правосуден систем на најниското можно ниво на доверба, а во разговор со повеќе правни експерти токму на темата неказнивост, прстот е вперен во политички мотивираните уставни решенија, кои наместо правда и владеење на правото, мотивираат систем на селективност, неказнивост, па и преференцијален статус на оние што правораздаваат и треба да бидат носечка арматура во правосудниот систем.
Причините за лошите состојби во правосудството, во еден исклучително голем дел, се лоцирани и во судските органи. Имено, веќе повеќе од очигледно е дека дел од судиите и обвинителите постапувале онака како што го диктира политичко-партиската конјунктура или популарно кажано, според дневната политика, во согласност со инструкциите што ги добивале од партиските седишта, без чувство за одговорност во исполнување на фундаменталните принципи на правото и правораздавањето.
Преференциите за судиите – вградени во Уставот
Да се штити слободата од секоја арбитрарност, самоволие итн. значи да се штити една важна вредност на граѓанинот. Во законите се слободите. Секој национален правен систем е базиран на извесни принципи, кои се плод на неговата правна традиција и кои се оформени врз основа на карактеристиките на правниот и општествено-политичкиот систем на државата. Оттука, содржината на правните начела се нераскинливо поврзани и со границите на судската арбитрарност.
Но една од причините зошто во македонскиот правосуден систем има ерозија на основните правни принципи е поради фактот дека судиите (повикувајќи се на Уставот) знаат дека се недопирливи, односно не подложат на казни. (?!)
Токму ваквата удобна позиција на судиите им е овозможена со амандманска интервенција во Уставот уште пред 20 години, кога на судиите им е овозможено да не сносат никаква одговорност за одлуките што ги носат. Тој комодитет дел од судиите го искористија за да постапуваат во согласност со одредени партиски нарачки, да исполнуваат туѓи желби само колку да ја задоволат власта што во тој момент раководи со земјата.
Имено, во амандманските измени од 7 декември 2005 година, во амандманот XXVII јасно е наведено дека судиите се изземаат од каква било кривична одговорност во врска со одлуките што ги носат.
– Судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки. Судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет на Република Македонија, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години – се наведува во уставниот амандман.
Последниот случај, со ставањето на судијата Енвер Беџети на американската црна листа, покажа дека САД испраќаат јасна и недвосмислена порака до македонските институции дека никој не може да биде над законот, па ниту судиите и обвинителите.
Павле Трајанов: „Нема реформа на правосудството доколку остане спорниот амандман“
Собранискиот пратеник Павле Трајанов смета дека правосудството нема никогаш да се реформира доколку судиите и натаму останат заштитени со ваков амандман и дека е потребно негово отстранување доколку сакаме поодговорен однос од страна на судската фела.
– Потребни се темелни реформи во правосудниот систем. Тие сѐ уште не се почнати. Што е сугестијата? Навистина ваквата одредба треба да се промени во Уставот, односно, за да се создадат здрави услови за реформи во судскиот систем. Со сегашниот модел судиите имаат траен мандат и со уставен амандман е дефинирано дека судија не може да одговара за судска одлука каква и да е. Веројатно во тоа време се проценило дека ќе одлучува по сопствено убедување, како што е дефинирано, меѓутоа ако судија не одговара за судска одлука, ако направи злоупотреба, криминал, ако прими пари за одлуката, како може да не одговара за тоа – прашува Трајанов.
Тој предлага ограничување на судскиот мандат и преиспитување на работата на судиите.
– Таквата уставна одредба со уставен амандман треба да се избрише и треба да се ограничи мандатот на судиите на седум години и на секои седум години да се преиспитува работата на судиите, како и на јавниот обвинител. И сега може Судскиот совет да ја преиспитува работата на кој било судија, но судството е под силно влијание и притисок на политичките елити и тоа не се прави – констатира Трајанов.
Според него, корумпираните судии, кои се свесни дека се недопирливи и не можат да бидат казнети без оглед каква пресуда и да донесат, едноставно постојано се приспособуваат на секоја власт.
– Во одреден момент ќе профункционираат оние судии што се плашат од криминалот и корупцијата во кои се навлезени. Тие брзо се приспособуваат и ѝ се додворуваат на секоја актуелна власт – посочува Трајанов, истакнувајќи дека без казнивост на судиите и обвинителите и без отчетност за нивната работа, нема да има вистинска реформа на правосудството.
Звонко Давидовиќ: Евалуација на севкупното работење на сите судии
Адвокатот Звонко Давидовиќ смета дека единствен начин вистински да се испита работата на судиите и да се утврди дали тие носеле вистински пресуди е да се направи евалуација на нивното работење од страна на поранешни докажани судии, кои одолеале на секакви притисоци во минатото и кои ниту сега не би биле подложни на политички притисоци.
– Сите елементи треба да се испитаат, а тоа може преку еволуирање на досегашно работење на судиите. Но тоа не може да го направи Судскиот совет, кој во овој момент е критикуван од сите страни, преку кој во суштина влезе политиката на големи врати во судството. Таму еден од поголемите проблеми е што се предлагаат особено преку политичките партии од Собранието и преку претседателот, истакнати правници што се всушност партиски кадар и Судскиот совет служи за нивно удомување. Имаме ние луѓе што може да ја направат таа евалуација на работата на судиите, кои излегле од судството неизвалкани, тоа се поранешни судии на Врховниот суд од времето кога судството нешто значеше. Тие луѓе своевремено одолеале на многу притисоци и мислам дека дале гаранција дека можат да одолеат и натаму на притисоците – вели Давидовиќ.
Тој го посочува за пример моделот што се примени во Албанија, која делумно успеа да се ослободи од корумпираните судии и обвинители.
– За сѐ има решение, а еден таков модел примени и Албанија. Таа им даде можност на судиите да бидат дел од еден сеопфатен ветинг, односно да се испита потеклото на нивниот имот и да се направи контрола на нивното севкупно работење, а ако не се согласуваат на такво нешто, тогаш да дадат оставки и да го напуштат судството. На тој начин делумно го решија проблемот – појаснува Давидовиќ.
За него не е решение ниту ограничувањето на мандатот на судиите бидејќи е на мислење дека тоа уште повеќе ќе ги направи судиите подложни на политички влијанија и нарачани пресуди.
– Ограничувањето на мандатот на судиите уште повеќе ќе ги влоши работите. Во ситуација кога политичарите повеќе се политиканти што не гледаат да работат за интерес на државата туку повеќе се грижат за интересот на партијата и својот личен интерес, тие уште повеќе ќе ги уценуваат судиите со продолжување на мандатот и дури тогаш ќе бидат под целосна политичка контрола. Така што, со овие прерогативи што им се дадени со траен мандат, сами да се избираат, а не во Собрание, судскиот буџет, имаат доволно прерогативи да бидат самостојни и независни – констатира Давидовиќ.
На крајот уште додава дека политичарите треба да се свестат дека треба да се тргнат од судството, судиите треба да покажат морален интегритет и да одолеат на тој притисок и да судат во согласност со законот како во многу други држави, што впрочем се бара од земјава доколку сака да биде дел од европските перспективи.