Сам свој возач до работа
Новина на последниот попис беше тоа што граѓаните беа прашувани и за видот на превозот што го користат до работното место. Податоците покажуваат дека автомобилите се најатрактивни и нив ги користат околу 190 илјади граѓани како возачи и околу 27 илјади како сопатници. Пеш на работа одат речиси 130 илјади лица, организиран превоз имаат околу 50 илјади работници, со градски и меѓуградски автобуски превоз патуваат над 60 илјади лица, со велосипед одат на работа околу 14 илјади, со мотоцикл нешто над три илјади, а со воз само 341 лице. Комбиниран превоз до работа имаат над 50 илјади луѓе, а околу 10 илјади не патуваат до работа.
Земја на „стручњаци и научници“?!
Пописот покажа и дека најмногу од вработените во земјава, околу 133 илјади, се изјасниле како „стручњаци и научници“ по занимање. Како „техничари и сродни работници“ се изјасниле над 98 илјади, како „работници во услужни дејности и продажба“ се изјасниле нешто повеќе од 91 илјада, во „елементарни занимања“ имало речиси 85 илјади, во „занимањата за неиндустриски начин на работа“ имало околу 74 илјади, во „ракувачи и составувачи на машини и постројки“ имало 40 илјади лица. Интересно е што како „службеници“ се изјасниле помалку од 33 илјади, а како „членови на законодавни и извршни тела, функционери…“ се изјасниле речиси 27 илјади лица. „Непознато“ занимање имале речиси 13 илјади лица.
Академското граѓанство расте, но неписмените и недообразованите остануваат
За разлика од пописот од пред 20 години, во Македонија, според објавените пресметки, сега има речиси двојно повеќе високообразовани граѓани, десет пати повеќе магистри и трипати повеќе доктори на науки. Но и понатаму над половина милион граѓани со над 15 години немаат завршено ниту средно училиште, а сѐ уште има 18.897 неписмени лица или 1,2 процент, од кои најголемиот број се жени – 13.380.
Средно образование имаат завршено 672.375 лица или 44,1 проценти, додека високо образование имаат завршено 263.349 граѓани или 17,3 отсто. Своето знаење со магистратура го заокружиле 29.654 македонски граѓани или 1,9 отсто, додека 6.037 лица или 0,4 отсто имаат и докторат.