Предлогот на француското претседателство е чекор во вистинската насока, но остануваат голем број прашања кои треба да се разјаснат пред да се укине ветото, изјави бугарскиот претседател, Румен Радев.
– Барањето за вклучување на Бугарите во Уставот на РСМ мора да се направи пред почетокот на преговорите. Но, не помалку важни се јасните механизми и мерливите критериуми за искоренување на десетгодишната политика на дебугаризација, кражбата и фалсификувањето на бугарската историја, како и за обновување на уништените споменици и за зачувување на бугарското културно наследство, искоренување на говорот на омраза, рехабилитација на жртвите само затоа што се нарекувале Бугари – додаде Радев, пренесе „БГНЕС“.
Тој рече дека Владата на Петков не успеала да подготви бугарски предлог, па сега поднесува француски, насочувајќи го кон бугарското собрание без да каже свој став.
– Премиерот не може да поднесе странски предлог без свое мислење. Тој не е курир, туку премиер – додаде Радев.
Тој очекува бугарската влада да ги разјасни овие прашања, да побара јасни механизми и гаранции.