Фото: Игор Бансколиев

Од високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, освен трошка волја, не беше истакната никаква иницијатива за надминување на бугарската блокада за Македонија, само добропознатата протоколарна порака Скопје и Софија да ги решат отворените прашања. Според аналитичарите, со ова Борел на некој начин тестира дали и колку македонската влада е подготвена за нови отстапки. Тапкањето по рамо и европското лицемерство, сега во контекст и на актуелните случувања во Украина, само уште еднаш ја потврдија европската непринципиелна поливалентност во однос на проширувањето, особено кон Македонија

ПОРАКИТЕ НА БОРЕЛ НИЗ ПРИЗМАТА НА ЕВРОАНАЛИТИЧАРИТЕ

Многу недоумици во македонската јавност останаа по посетата на Македонија на високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, кој освен задоволството на Европа со македонската усогласена политика во однос на санкциите кон Русија, не кажа ништо друго околу почетокот на пристапните преговори на Македонија со Унијата, како и околу евентуалната помош од Брисел за штетите што државата ги трпи од санкциите.
Неразбирливо е како во време кога на европска почва беснее страшна војна во Украина и кога европските земји се преплавени со милиони бегалци, Брисел и натаму на проширувањето гледа низ призма на нерешени апсурдни билатерални прашања и уцени, наместо на исполнети европски критериуми. Македонија одамна ги има исполнето тие критериуми, но сепак е оставена во европската чекалница на неодредено. Сето тоа дополнително го зголемува нивото на евроскептицизмот во земјава, а со тоа уште повеќе се отвора вратата за влијание на трети страни со директен амин на Брисел. Прашањето што се наметнува е кога Унијата ќе покаже некаква иницијатива во однос на проширувањето и давање зелено светло за Македонија, ако не сега.

ЕУ продолжува со неконзистентните политики

Според поентите што завчера ги кажа Борел во Скопје, очигледно ЕУ ќе продолжи со своите неконзистентни политики дури и во вакви турбулентни времиња, калкулирајќи со сопствената безбедност во момент кога најмалку треба да се калкулира. Од високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, освен волја, не беше истакната никаква иницијатива за надминување на бугарската блокада, само добропознатата протоколарна порака Скопје и Софија побрзо да ги решат отворените прашања. Несомнено настапот на Жозеп Борел во Скопје покажа дека ниту војната во Украина не ја разбуди и просветли ЕУ, која и натаму останува заложник на етноцидните политики на дел од своите земји-членки.
Познавачите на состојбите одамна предупредуваат дека македонските граѓани, освен познатите европски флоскули што ги слушаат се години, нема да добијат ништо друго, дури и во услови на ваква безбедносна криза во Европа.

– Токму во услови на криза од вакви размери и ургентната потреба на ЕУ да покаже резултати на Западен Балкан, на Унијата ѝ е потребен успех, а тоа може да го постигне со почеток на преговорите со Македонија и со Албанија. Пораката на Борел за ова прашање во првиот дел и на прв поглед е разочарувачка, зашто ги охрабрува двете влади да дојдат до „заемно прифатливо решение“, нам добро позната и не многу омилена формулација. Покрај тоа, не ветува итност. Меѓутоа, во вториот дел од пораката ја нагласува неподготвеноста на ЕУ да го внесе билатералното прашање во преговорите, а токму тоа е едно од суштествените барања на Бугарија. Ова и „неитноста“ се доволни пораки за македонската влада, за многу повнимателен пристап во преговорите со Бугарија. Затоа се чини дека многу е позначајно што ќе следува од наша страна по оваа посета, отколку нејзиниот непосреден одглас – вели д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ).
На таа линија е и првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, кој смета дека Борел на некој начин тестира дали македонската влада е подготвена за нови отстапки.
– Сосема јасна е пораката што високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел ја испрати во Скопје – колку нашата влада ќе покаже волја за уште едно (ново) наведнување на главата, за, нели, да „не ни ја исечат главата“ (како што сега се случува во Украина), т.е. да го добиеме фамозниот датум за почеток на ЕУ-преговорите – вели Кржаловски.
Според него, европските политичари воопшто и не се трудат да понудат некаква нова перспектива за Македонија, туку само го повторуваат истото она што го повторувале и нивните претходници.
– Првото нешто што го помислив слушајќи ја изјавата на Борел беше дали воопшто овие ЕУ-функционери се подготвуваат за функцијата што ја преземаат, на пример, со гледање што (и колку) сè нивните претходници зборувале наоколу, да речеме – при посетите на Скопје? И колку од нив го рекле баш истото, кој пред една или две, кој пред 10, а некои и пред 15-16 години? И дали воопшто се грижат за тоа што ќе го кажат… и како ќе биде примено тоа од јавноста во таа земја и какви ќе бидат реакциите? Или баш им е гајле, нивно е да си го поминат мандатот на уште една звучна ЕУ-функција, па некој следен ќе мисли за решавање на проблемите – појаснува Кржаловски.
Тој го илустрира европското лицемерство со актуелните случувања во Украина, која на потежок начин ја увиде европската дволичност.
– Втор силен впечаток од говорот на Борел ми е, жал за Украинците. Еве ние по 30 години разбравме дека нема ЕУ-членство додека не се согласиме со сè што ни се сервира (и да баталиме тоа приказните за ЕУ-вредности, принципи и стандарди, туку да ги разбереме интересите на секоја од земјите-членки и да ги прифатиме). Велам за жал, бидејќи Украинците ќе го разберат тоа истото многу по нас и по многу поголема цена, која веќе ја плаќаат со многу животи. Веруваа во ЕУ и во НАТО, но не разбираа што тие всушност им кажуваат – заклучува Кржаловски.

Свртување кон состојбите дома

За Андреја Стојковски, извршен директор на институтот „Преспа“, Борел нема мандат да каже нешто поинаку од познатиот став на Унијата околу почетокот на пристапните преговори на Македонија.
– Борел е во позиција во која не може да зборува надвор од мандатот на државите-членки. Во овој момент мандатот на државите-членки за почетокот на преговорите со Македонија е застанат и знаеме како стојат работите, едноставно не постои консензус, односно знаеме кој се противи на почетокот на преговорите. Тој не може да каже ништо повеќе, меѓутоа, во овој момент она што се случува во Европа со руската инвазија врз Украина ја враќа во живот повторно онаа идеја за основањето на ЕУ, а која е мир на континентот. Ние не треба да очекуваме дека Борел ќе зборува за нешто друго, освен за мирот на континентот и за напорите што Унијата ги прави за мирот на континентот. Од тие причини, сосема е очекувано она што го кажа. Не гледам дека треба да нè разочара одговорот бидејќи никој и не веруваше дека ќе каже дека утре би ги започнале пристапните преговори – заклучува Стојковски.
Повеќе од јасно е дека ЕУ лошо ги проценува безбедносните превирања што се случуваат во моментот на европска почва, па од тие причини подобро би било Македонија во овој момент да вложи сериозни напори како навреме да влезе во кругот на земји што ќе побараат финансиска помош од Унијата за штетите што ги трпи од санкциите, но истовремено и да се сврти кон средување на внатрешните состојби во делот на владеењето на правото, реформи на администрацијата, образованието, здравството, економијата, енергетиката и другите сфери.
Опседнатоста со датумот треба да биде ставена во некоја друга перспектива и политичарите во земјава треба конечно да почнат да работат во интерес на македонските граѓани, наместо неработењето да го правдаат со фокусираност на евроинтеграциите, кои очигледно стануваат премногу далечна и сѐ потешко остварлива цел.