Деновиве, германскиот канцелар Олаф Шолц повторно ја наметна идејата за укинување на правото на вето при гласањето во рамките на ЕУ, по пат на постепена транзиција кон мнозинско гласање за надворешната политика, но и за други области, како што е даночната политика и слично. Македонија токму поради ветото, кое го (зло)употребија и Грција и Бугарија, претрпе несогледливи и трајни последици по сите основи. Што би значело за нас евентуално идно укинување на ветото или најголемата штета од овој механизам за одлучување во Унијата е веќе направена?

ПО ДВАТА ЕКСПЕРИМЕНТА ВРЗ ГРБОТ НА МАКЕДОНИЈА

Секоја најава од ЕУ за „сериозна посветеност на размислувањето за укинување на ветото“, во Македонија го провоцира условниот политички рефлекс, за можните придобивки во процесот на нејзиното евроинтегрирање. Иако голем дел штети од таквиот начин на носење одлуки со консензус во Унијата веќе се присутни и активни во македонската државна сегашност, надежите од можноста за укинување на ветото се насочени во смисла на намалување на притисокот на соседските уцени во процесот на преговарање со Унијата, кој и сега е со некаков полуотворен статус, односно со „започнат процес на отворање“, условен со европски легитимирани бугарски барања.
Деновиве, германскиот канцелар Олаф Шолц, на предавање на Карловиот универзитет во Прага, ја изрази својата поддршка за проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, истакнувајќи дека треба да се укине правото на вето при гласањето во рамките на ЕУ. Шолц, всушност, го поддржа проширувањето на Европската Унија на Западен Балкан, како и реформата на Унијата, која предвидува постепено преминување на мнозинско одлучување во надворешната и даночната политика поради зголемените разлики меѓу членките.
– Земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и, евентуално, Грузија треба да влезат во ЕУ. Во ваква проширена Унија ќе се зголемуваат разликите меѓу членките во однос на нивните политички интереси, економското влијание и општествените системи. Со приемот на секоја нова членка ќе се зголеми ризикот некоја од членките да прибегне кон вето и на тој начин да ги спречи другите членки да се развијат. Онаму каде што во моментов е потребна едногласност (во ЕУ), ризикот од една земја да блокира одлука се зголемува со секоја нова земја-членка. Затоа предложив постепена транзиција кон мнозинско гласање за надворешната политика, но и за други области, како што е даночната политика, и целосно сум свесен дека тоа ќе има последици и за Германија – истакна на своето предавање германскиот канцелар, сугерирајќи непречена транзиција кон мнозинско одлучување.
Шолц исто така ја изрази својата поддршка за идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за создавање „европска политичка заедница“, што ќе им овозможи на лидерите на ЕУ да одржуваат редовни разговори со нивните „европски партнери“ од земјите што не се членки на ЕУ. Во тој контекст, предложил и Европа да изгради свој систем за противвоздушна одбрана, бидејќи „тој би бил безбедносен придонес за цела Европа и би бил поефикасен и поевтин отколку кога секоја земја ќе го изгради на свој трошок“.

Ваквите размислувања и најави за менување на начинот на одлучување во ЕУ, од лидери на ЕУ-земјите, како и од високи еврофункционери не можат да се сметаат како „пресвртни одлуки“. Резервираноста произлегува од фактот што структурата на функционирање и одлучување во ЕУ, во принцип е задржана од времето кога беше Економска заедница, со шест членки, а сега има 28 членки. Но и покрај гласните размислувања за промена на начинот на одлучување, кои може да се каже дека се децениски, правото на вето во ЕУ и понатаму е забетонирано.
– Несомнено, во ЕУ сѐ повеќе се говори на политичко ниво за укинување на ветото, односно на принципот на консензус во носењето на одлуките. Такви дискусии и најави имало и порано, уште од 2004-та, односно од 2007 година, кога ЕУ најмногу се прошири, од Унија со 15 на 27 земји-членки и поради други прашања и интереси некако стивнувале и периодично се појавувале. Состојбата на безбедносен план, по руската инвазија во Украина, темата на проширувањето и укинувањето на ветото секако добија поголема ургентност. Сепак, сметам дека инструментот на ветото во надворешната политика на Унијата последен ќе се напушти од земјите-членки. И покрај сегашната поддршка на Украина до фазата на кандидатски статус, сепак одредени земји-членки, нејзини соседи (Полска, Украина), имаат отворени прашања со неа, а ветото, особено во нашиот македонски случај, се покажа како успешна алатка на земјите-членки за реализирање на сопствените национални интереси и добивање концесии од кандидатите за членство. Секогаш треба да се има на ум и дека за укинување на консензусот и правото на вето, исто така е потребен консензус. Во таков реален контекст членството на Македонија во ЕУ, а и земјите од целиот Западен Балкан не би го проектирале во блиска иднина. Ниту предизвиците со можноста за вето на соседите во преговарачкиот процес што ни претстои не можеме да ги сметаме за минато – оценува Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика – Скопје.

Во секој случај, плановите за ЕУ искажани од лидерите на земјите-основачи на Унијата претставуваат најава за можен развој на состојбите, кои во Македонија, како земја со кандидатски статус, треба да следуваат и да се размислува за можните придобивки од најавените промени за укинување на ветото во Унијата, во сопствениот евроинтегративен процес. Во овој миг, клучното прашање е може ли Македонија да има некакви придобивки од евентуално укинување на ветото или најголемата штета од овој механизам на Унијата е веќе направена, и тоа токму кон нашата држава.
– Апсолутно да, Македонија и сите земји ќе имаат корист, без разлика кога ќе се усвои ваквиот предлог на канцеларот Шолц, за кој верувам дека е дискутирано и во потесен или поширок круг на земјите-основачи на ЕУ. Основниот принцип на демократијата би бил запазен, а ЕУ ќе стане поефикасна при донесувањето одлуки, значи и повеќе ценета како политички, а не само економски фактор на глобална сцена. „Штетата“ е веќе направена, но може да се спречи поголема штета, имајќи ги предвид намерите на ЕУ за нејзиниот натамошен развој во географска, политичка и одбранбена смисла – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов.