Фото: Игор Бансколиев

И покрај тој уставно загарантиран статус на македонскиот јазик со Законот за јазиците, како и во практиката, употребата на македонскиот јазик во државните институции и органи, како и во општеството, постепено се ограничува и се деградира. Статусот на македонскиот јазик реално е намален со воведувањето на Законот за употреба на јазиците, со што престана да биде единствениот официјален јазик во Македонија. Навистина, според Уставот, и понатаму е официјален јазик за меѓународна употреба, но во реалноста сѐ почесто сме информирани за официјални ситуации кога претставници од актуелната македонска власт, со албанска етничка припадност, на меѓународни настани и средби го користат албанскиот јазик. Многубројни се примерите од дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија каде што вработените речиси и не се обраќаат на македонски јазик, издвојуваат нашите соговорници, во врска со прашањата за реалните состојби и статусот на македонскиот јазик…

Какви се реалните состојби и статусот на македонскиот јазик во Македонија

Во пресрет на Денот на македонскиот јазик, 5 Мај, Владата го усвои предлог-законот за употреба на македонскиот јазик, чиј предлагач е Министерството за култура. Иако според одредени оцени постојниот Закон за употреба на македонскиот јазик од 1998 година постигна позитивни ефекти во издигнувањето на јазичната култура во државава, сепак во практиката сè повеќе се забележуваат непочитување на законските мерки и негрижа за македонскиот јазик, па со новата изменета и дополнета верзија на законот се очекува да се надминат таквите слабости.
Она што се очекува од новиот предлог-закон е во насока на подобрување на констатираните состојби во практиката, како што се: занемарување на правописните норми, нивно несоодветно користење, нелекторирање или нестручно лекторирање, недоследности во реализацијата на наставата по македонски јазик на сите образовни степени, како и неправилности во говорното изразување во медиумите и воопшто во јавната сфера…
Сепак, и покрај заложбите за унапредување на правилната употреба на македонскиот јазик во практиката со новото законско решение за негова употреба, сите оспорувања на политички план што во изминативе години беа насочени спрема Македонците и нивните национални атрибути (македонскиот јазик е еден од тие атрибути) ги оставаат отворени загриженостите за реалниот статус на македонскиот јазик во Македонија.
Особено што преовладува мислењето дека измените од предлог-законот за употреба на македонскиот јазик во голема мера се изнудени од фактот на постоењето на Законот за употреба на јазиците, со кој практично се регулира употребата на албанскиот јазик и негово де факто инсталирање како втор службен јазик во државата.
Академик Катица Ќулавкова, откако беше објавена првичната предлог-верзија на сега усвоениот од Владата текст на законот за употреба на македонскиот јазик, ги изнесе своите аргументи за загриженоста за статусот на македонскиот јазик.

– И покрај тој уставно загарантиран статус на македонскиот јазик, со Законот за јазиците, како и во практиката, употребата на македонскиот јазик во државните институции и органи, како и во општеството, постепено се ограничува и се деградира. Дури и постоењето на едно лице кое го зборува албанскиот јазик е доволно за да може и да мора службено да се употребува албанскиот јазик во сите органи на власта, законодавни, извршни и судски. Еден говорител на јазик на популација од 20 отсто има поголеми јазични права во практиката од уставното право на македонските говорители. Тоа упатува на заклучокот дека со Законот за јазиците е оштетено стекнатото историско културно, јазично и национално право на Македонците по однос на македонскиот јазик како службен државен јазик (на територијата на целата држава). Тоа ја релативизира до степен на укинување обврската на граѓаните на Републиката да го учат македонскиот јазик и да го употребуваат во практиката. Македонскиот јазик, со Законот за јазиците е маргинализиран, до толку повеќе што и Инспекторатот и Агенцијата имаат првенствено функција да ја спроведуваат и да ја штитат употребата на албанскиот јазик на сите нивоа и во сите институции во државата, а не да се грижат за македонскиот јазик кој нема ограничувања, според Уставот, за да биде употребуван во државата, индивидуално и институционално – смета академик Катица Ќулавкова.
Многу ситуации во практиката на официјална и секојдневна употреба на македонскиот јазик упатуваат на легитимност за поставување прашања за неговиот актуелен статус и третман на внатрешен план во македонската држава, како и на почитување на Уставот за негово користење на меѓународен план. Професорката од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елка Јачева-Улчар, констатира дека статусот на македонскиот јазик е намален, во смисла дека тој престана да биде единствениот официјален јазик во Македонија.

– Статусот на македонскиот јазик реално е намален со воведувањето на Законот за употреба на јазиците, со што престана да биде единствениот официјален јазик во Македонија. Навистина, според Уставот, и понатаму е официјален јазик за меѓународна употреба, но во реалноста сѐ почесто сме информирани за официјални ситуации кога претставници од актуелната македонска власт, со албанска етничка припадност, на меѓународни настани и средби го користат албанскиот јазик. Многубројни се примерите од дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија каде што вработените речиси и не се обраќаат на македонски јазик, туку само на албански. Дури и на меѓународни културни манифестации во Македонија („Охридско лето“, „Струшки вечери на поезијата“) се случувало ако ресорниот министер е Албанец, тој да се обрати на албански јазик, иако за такви меѓународни настани обраќањата треба да бидат на официјалниот јазик на државата, т.е. на македонски јазик. Не сум сигурна, ни колку се почитува законот за првенство на македонскиот јазик на официјални настани во средини со мнозинско албанско население. Постои одреден впечаток дека и сегашново менување – дополнување на Законот за употреба на македонскиот јазик се прави за да се приспособи на постоењето на Законот за употреба на јазиците (се знае дека тој закон се однесува за албанскиот јазик), наместо да биде обратно. Воопшто, постоењето на два закона за употреба на јазици во унитарна држава, сериозно упатува на општествени процеси што водат кон официјализирање на двојазичноста – вели професорката Елка Јачева- Улчар.


Нови одредби во предлог-измените на Законот за употреба на македонскиот јазик

Новина што се воведува со овој предлог е обврската за задолжително вработување лектори во органите на законодавната, извршната и на судската власт, во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во други држави и во меѓународни организации, во органите на единиците на локалната самоуправа, во јавните установи и институции и во медиумите регистрирани во Републиката.
Со предлогот на законот ќе се даде правна основа за донесување национална стратегија за македонскиот јазик. Министерството за образование и наука ќе објавува конкурси за стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик.
За вршење инспекциски надзор над примената на Законот се предлага основање инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице. Инспекторатот ќе биде фокусиран на вршење инспекциски надзор исклучиво од аспект на примената на македонскиот стандарден јазик, со што веруваме дека ќе се зголеми правилната употреба на македонскиот јазик.
Во овој предлог-закон, имајќи предвид дека станува збор за прекршоци од областа на заштитата на културното наследство (јазикот како духовно, нематеријално културно богатство), се пропишуваат глоби со трикратно повисок износ од максимално утврдените глоби.