Крајно време е сите што се сврзани со идеологијата на ВМРО или се блиски до сегашната ВМРО-ДПМНЕ да сфатат дека комунистите не беа уништувачи на македонизмот, туку борци за оваа наша Македонија. Без нивниот придонес, денес ќе немаше ниту Македонци, камоли нивна држава. Втората светска војна беше последната шанса за нас. Социјалдемократите, пак, и другите левичари мораат да се соочат со вистината дека основните и суштински идеали на ВМРО беа за независна и слободна Македонија. Сѐ друго беа инфилтрации и подметнувања туѓи интереси. Инаку, чуму Внатрешна МАКЕДОНСКА револуционерна организација?
Промовирајќи ја книгата „Колишевски и Македонија“, како збирка статии за Лазар Колишевски, амбасадорот Ристо Никовски допре низа суштински историски и политички точки, преку кои ги отслика вековните предизвици на македонската нација и држава. Во еден таков дух е напишана и неговата колумна, која дипломатот специјално ја испрати до нашиот весник и читателите на „Нова Македонија“ Во создавањето своја држава, еден народ поминува низ многу премрежиња. Додека се формира државата и кога созрева, безбројни се патиштата… Кога државата е млада, тогаш сите заблуди се корисни колку и вистините. Но грев е ако не се послуша совеста. Токму таа ја препознава вистината… Овој пат, време е да се слушне и послуша совеста на народот…
Историјата на македонскиот народ, и неговата судбина, исклучително биле тешки, исполнети со маки и страдања. Малку народи во светот имале такво минато. Со право може да се оцени дека Македонците биле жртва на интересите на големите сили, реализирани од неговите соседи. Тоа воопшто не ги негира и нивните сопствени апетити, и историски синдроми, во однос на Македонија и Македонците.
Како последица на тие и такви околности, традиционално се создавале длабоки поделби во македонското национално ткиво. Преку девизата – подели и владеј, тоа била и една од главните цели на туѓите влијанија. Така било и пред 100, 200 и повеќе години, така е и денес. Врз основа на тоа се формулирало и т.н. „македонско прашање“.
Секоја личност треба да ја цениме и вреднуваме во времето и во условите во кои дејствувала
Во македонската историја речиси и да нема личности што, на еден или друг начин, не се контроверзни. Причините за тоа се многубројни, почнувајќи од условите во кои тие живееле и работеле. Во туѓи држави и под окупации, без никакви национални права, постојано биле изложени на безбројни опасности и огромни притисоци, подметнувања, закани и уцени да се одродат и работат за душманите.
Токму затоа, секоја личност треба да ја цениме и вреднуваме во времето и во условите во кои дејствувала. Сѐ друго е погрешно. Паралелно, нашите великани мораме да ги браниме и од нападите и присвојувањата на соседите.
И по Втората светска војна, во времето на Колишевски, воопшто не било лесно да се реализира македонската национална кауза. За подобро да се разберат настаните од овој период, кои следуваа по прогласувањето на современата македонска држава, на 2 август 1944 година, мора да се нагласи дека неа ја создадоа – комунистите. Таа цел беше постигната заедно со сите македонски патриоти, чорбаџии, занаетчии, аргати, работници, граѓани, селани…, ама водечката улога ја имаа – комунистите.
Своја заслуга во тоа имаа и српските комунисти. Тие се согласија со делумна ревизија на Букурешкиот договор, од 1913 година, откажувајќи се од својот „плен“, наречен „Вардарска бановина“. Не е за верување дека која било друга српска власт пред нив, ниту по нив, ќе прифатеше такво решение.
И најповршна анализа на времето на Лазар Колишевски мора да води сметка дека е тоа период по долга окупација, време кога се поставуваа темелите на современата македонска држава. И сето тоа се случуваше во рамките на една федерација, се спроведуваше во услови на нова идеологија, контролирана ем однадвор ем од федерацијата. Затоа, условите биле исклучително тешки и обременети со огромни предизвици. Токму таквите околности придонеле и Колишевски да биде третиран како контроверзна личност.
Во времето на Колишевски македонската држава го доживеа својот процут, но факт е и дека во негово време беа политички елиминирани врвни македонски историски личности и патриоти
Неоспорно е дека Колишевски беше најдолго главна личност во државата. Во неговиот период, и по него, македонската држава го доживеа својот процут, се етаблира како современ политички субјект, а македонскиот народ го доби своето место на меѓународната сцена. Постигнати се историски резултати – кодифициран е јазикот, отворени се првите училишта на македонски јазик, до ниво на универзитет, формирани се сите институции карактеристични за една современа држава… Многу е направено иако имало и грешки, кои се неизбежни во политиката. Во конкретниов случај, тие се во голем дел резултат на условите во кои се дејствувало.
Црна дамка од тој период останува прогонот на поборниците за решавање на „македонското прашање“, поточно, за обединување на Македонија. Тоа беа главно тие што ги споделуваа идеалите на ВМРО, што беше причина за ново раслојување на македонското општество. Најверојатно, од таму и од тогаш потекнува сегашната длабока поделеност меѓу Македонците. Гледано од денешен аспект, причината не била суштинска бидејќи обединувањето на Македонија било заеднички сон. Тогашните услови, меѓутоа, диктирале различно однесување.
Факт е дека во времето на Колишевски беа политички елиминирани врвни македонски историски личности и патриоти, какви што се Ченто, Брашнаров, Шатев и плејада други, кои мораме високо да ги почитуваме и славиме. Но мора да се води сметка дека војната ја добија комунистите, а Југославија ја следеше линијата на СССР. Настрадаа тие што беа за итно преземање чекори за обединување на Македонија, што беше спротивно на Уставот на СФРЈ и не беше поддржано во федерацијата. Сепак, главна пречка беа меѓународните услови, во рамките на кои беше невозможна обединувачка мисија за Македонија. Затоа, не може да се каже дека овие трагични настани биле резултат на кој било поединец или зависеле од него. Никој не можел да ги спречи.
Без никакви намери да се оправдува нешто, или да се покажува разбирање за одредени политички чекори, мора да се нагласи дека идеите, намерите и заложбите за обединување на Македонија, кои беа нагласени при крајот на Втората светска војна (на Солун, наместо на Срем), и особено по неа, беа апсолутно нереални. Напротив, можеа да бидат погубни и за новосоздадената македонска држава.
Со официјалното присуство на претставници на САД и на Велика Британија на АСНОМ беше признаена и новата македонска држава
На АСНОМ, во „Прохор Пчињски“, на 2 август 1944, кога беше прокламирана современата македонска држава, беа присутни и двајца мајори, претставници на САД и на Велика Британија. Тоа беше одредено признавање на новата држава, како федерална единка, од страна на овие две држави.
Денес, меѓутоа, имаме докази дека, по четири месеци, во декември 1944, тогашниот американски државен секретар, Стетиниус (Edward Stettinius Jr.), во телеграма испратена до сите нивни надлежни институции, нотирал – „Дрдорењата околу македонска ‘нација’, македонска ‘татковина’, или ‘македонска национална свест’, оваа американска влада ги смета за неоснована демагогија, која не претставува етничка или политичка реалност, и во нивното сегашно оживување гледа возможна маска за агресивни намери против Грција“!
Од оваа директива, јасно се гледа дека САД ја прифатиле новата држава, ама не и македонскиот народ, што е – клучно. И, денес, Вашингтон не ја доведува во прашање државата, ама, по секоја цена, сака да ги бугаризира Македонците.
Левицата тешко ќе престане повеќе да ја мрази десницата отколку што ја сака Македонија и обратно – десницата да не ја мрази повеќе левицата отколку што ѝ е мил македонизмот. Без такво надминување на самите себе немаме иднина, а веќе сме доведени во тесен ќор-сокак. Лесно е да се осуди кој било. Многу потешко е да се анализира целината на факти и аргументи и врз основа на тоа да се дојде до издржан став, без никакви суети. Затоа, крајно време е да ги почитуваме сите нашите заслужни предци, вклучувајќи го и Колишевски, да ги вреднуваме според нивните заслуги и да не отфрламе никого, без силни причини. Ако не престанеме да се делиме меѓу себе за сенешто и ако не се сплотиме околу нашите фундаментални и стратегиски интереси – немаме иднина. Делбите се главна причина зошто сме доведени до ова дереџе, а македонизмот е пред разнебитување. Затоа не можеме да формулираме јасна и прецизна национална стратегија, без која нема опстанок!
Забележувате ли дека истата политика ја води и Бугарија? Мислите, случајно?
Горниот документ потврдува дека и новата македонска држава, САД ја прифатиле – од немајкаде! Ем немале друг избор ем само како дел од федерацијата на Јужните Словени. Веројатно, тоа го проголтале поради неоспорниот придонес на Југославија во отпорот против фашизмот.
Овој документ, објавен од грчкото МНР, на 24.10.2013, без демант од американска страна, покажува дека за САД, Македонците не биле прифатливи уште во 1944 година. Можело ли тогаш, во такви услови, да се замисли некакво обединување на Македонија? Без Македонци? Фактот што истата политика на САД филигрански се спроведува кон Македонија до денес, потврдува дека сѐ било планирано.
Настаните по распадот на Југославија и прогласувањето на нашата независност потврдуваат дека Македонците, како народ, никогаш не беа прифатени од меѓународната заедница
Нема Македонец што не сакал, не сака и нема да сака Македонија да се обедини. Меѓутоа, услови за такво нешто ниту имало по Втората светска војна ниту некогаш ќе има. Најдобар доказ за тоа е цитираниот американски документ. Тоа јасно потврдува дека ќе беше погубно ако се тргнеше на Солун. Напалм-бомбите, кои по некоја година паднаа врз Македонците на Грамос, многу веројатно ќе беа фрлени и на Скопје, Битола… Затоа, единствено останува нашата должност да се грижиме за тие малку што останаа од нашите некогаш многубројни малцинства во Грција, Бугарија и во Албанија.
Настаните по распадот на Југославија и прогласувањето на нашата независност потврдуваат дека Македонците, како народ, никогаш не беа прифатени од меѓународната заедница. Доказите се безбројни – непризнавање, нелегално суспендирање на историското име и негова насилна промена, агресија од Косово, албанизација, катастрофални договори со Бугарија и со Грција, тиранската платформа… Сето тоа е подготвено и менаџирано однадвор. Целта е дефинитивно затворање на „македонското прашање“, со бескрупулозно разнебитување на македонскиот народ и негова бугаризација.
Крајно време е сите што се сврзани со идеологијата на ВМРО или се блиски до сегашната ВМРО-ДПМНЕ да сфатат дека комунистите не беа уништувачи на македонизмот туку борци за оваа наша Македонија. Без нивниот придонес, денес ќе немаше ниту Македонци, камоли нивна држава. Втората светска војна беше последната шанса за нас.
Социјалдемократите, пак, и другите левичари мораат да се соочат со вистината дека основните и суштински идеали на ВМРО беа за независна и слободна Македонија. Сѐ друго беа инфилтрации и подметнувања туѓи интереси. Инаку, чуму Внатрешна МАКЕДОНСКА револуционерна организација?
За нас, полни со љубомора и пизма – ова е тешко остварливо. Левицата тешко ќе престане повеќе да ја мрази десницата отколку што ја сака Македонија, и обратно – десницата да не ја мрази повеќе левицата отколку што ѝ е мил македонизмот. Без такво надминување на самите себе немаме иднина, а веќе сме доведени во тесен ќор-сокак.
Лесно е да се осуди кој било. Многу потешко е да се анализира целината на факти и аргументи и врз основа на тоа да се дојде до издржан став, без никакви суети. Затоа, крајно време е да ги почитуваме сите нашите заслужни предци, вклучувајќи го и Колишевски, да ги вреднуваме според нивните заслуги и да не отфрламе никого, без силни причини.
Ако не престанеме да се делиме меѓу себе за сенешто и ако не се сплотиме околу нашите фундаментални и стратегиски интереси – немаме иднина. Делбите се главна причина зошто сме доведени до ова дереџе, а македонизмот е пред разнебитување. Затоа не можеме да формулираме јасна и прецизна национална стратегија, без која нема опстанок.
На ист начин мораме да прекинеме да ги делиме и негираме и нашите историски великани и заслужни дејци и, свесно или не, да ги фрламе во прегратките на душманите. Никогаш немало безгрешни. Такво нешто особено било невозможно во околностите и условите во кои дејствувале нашите историски личности. Ние мораме на објективен начин да го цениме нивниот придонес, и за нашата слобода и за нашата држава, и да ги браниме од нападите и присвојувањата од нашите непријатели.
И никогаш да не забораваме дека, за разлика од нас, два дела од нашата Македонија, и голем дел од Македонците, никогаш не ги добија слободата и правата што универзално им припаѓаат. Игнорирањето на нивната судбина е грешка на сите наши политичари, сѐ до денес. Времињата никогаш не беа лесни, ама многу повеќе внимание морало да се посвети на Македонците во соседните земји. Најстрашни, пак, се последниве години, меѓу 2017 и 2023, кога предавниците на македонизмот официјално се откажаа од нив.
Грижата за сите Македонци е траен аманет од тие што ги дале своите животи за оваа наша Македонија.