Фото: Игор Бансколиев

Развојот на настаните во руско-украинскиот конфликт создава голем предизвик за меѓународната заедница. Не само како тестирање на меѓународното јавно право и постојниот светски поредок туку и во контекст на моќта и профилираноста на мултилатералните организации, во прв ред ООН (па и ЕУ и НАТО), кои во своите темелни документи го имаат вградено принципот за чување на мирот, стабилноста, почитувањето на правата на државите и народите низ воспоставени норми на акти, кои се извори на меѓународното право. Меѓутоа, во еден ваков военоразбрануван поширок меѓународен контекст, со највисок степен на сериозност е ставен на тест токму тој систем, вклучувајќи ја и веродостојноста во политиката за проширување на Унијата спрема земјите од Западен Балкан

По руската инвазија, политиките за проширување на ЕУ избиваат на врвот на агендата

Токму на денот кога неколкумесечната напрегнатост заради маневарските еквилибристики во текот на украинско-рускиот спор ескалира во реална воена интервенција на Русија во Украина, покрај осудите од меѓународната заедница за таквиот потег на официјална Москва, премиерите на две земји-членки на ЕУ (Словенија и Полска) доставија интригантен предлог во Унијата, како своевидна поддршка за Украина.
Имено, словенечкиот премиер Јанез Јанша и неговиот полски колега Матеуш Моравјецки му испратија писмо на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во кое бараат на Украина брзо да ѝ се додели кандидатски статус и да ѝ се понуди амбициозен план за членство во ЕУ до 2030 година, под услов да ги исполни потребните услови.

Стапот го нема, овој пат само многу моркови

– Мораме да направиме амбициозен и конкретен план за брза интеграција на Украина во ЕУ до 2030 година. Планот мора да биде прецизен, со јасно дефинирани чекори, временски рокови и гаранции за членство до 2030 година, под услов да се исполнети потребните услови – се наведува во заедничкото писмо на двајцата премиери.
Првата фаза на тој план би била одлуката на Украина веднаш да ѝ се признае европската перспектива и да ѝ се додели кандидатски статус, откако ќе поднесе барање за членство. Во писмото се додава дека сличен план би требало да се направи и за Грузија и за Молдавија, како и за сите партнери од Западен Балкан, кои веќе имаат европска перспектива, меѓу кои е и Македонија, која е кандидатка за членство во ЕУ од 2005 година. Процесот на пристапување на Украина кон Европската Унија треба да биде потпомогнат со големи финансиски средства, а од помош ќе биде и големото искуство на ЕУ по неколкуте брана на проширување, истакнуваат двајцата премиери.
Тие додаваат дека членството на Украина во ЕУ на никаков начин не би било провокација вперена спрема Русија, која ја обвинија за прекршување на обврските што ги има преземено со Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, со кој Украина се согласи на нуклеарно разоружување, во замена за безбедност во нејзините меѓународно признаени граници.
– Време е за брзи и храбри одлуки. Историската лекција од последните две децении што треба да биде научена вели дека – ако ЕУ не се шири, ќе се шири некој друг. Сега ја плаќаме цената за игнорирањето на таа лекција. Да извлечеме поуки бидејќи цената на игнорирањето само ќе се зголемува во иднина – велат Јанша и Моравјецки во писмото.

На тест веродостојноста на политиките за проширување на ЕУ спрема земјите
од Западен Балкан

Се чини дека развојот на настаните во руско-украинскиот конфликт создава голем предизвик за меѓународната заедница во облик на тестирање на постојниот светски поредок, но и на моќта и профилираноста на меѓународните организации од видот на ЕУ и на НАТО да реагираат одлучно, но и одговорно во насока на смирување на ситуацијата. Во таквиот военоразбрануван меѓународен контекст, со еднаква сериозност е ставена на тест и веродостојноста во политиката за проширување на Унијата спрема земјите од Западен Балкан. Но предлог-писмото на словенечкиот и на полскиот премиер создава еден бизарен контекст за принципиелноста на ЕУ со барањето за брз прием на Украина до 2030 година, според кој, на некој начин земјите од Западен Балкан би биле „прошверцувани“ во Унијата, иако Македонија со години има добивано позитивни извештаи и препораки за почеток на преговорите.
– Предлогот, или идејата за брз прием на Украина во ЕУ, а покрај неа да влезат и земјите од Западен Балкан (без оглед дали ќе биде разгледуван и прифатен), само уште понагласено го илустрира лицемерството на ЕУ – дека кога им „доаѓа густо“, ќе мораат да го забрзуваат процесот што самите го закочуваат. Во прилог на лицемерноста говори подготвеноста на Унијата да се прими Украина – разорена земја, која не ја контролира ни својата територија (покрај сите други нејзини предизвици – корупција, режимско владеење), а кога станува збор за Македонија се занимава и продуцира изнасилени проблеми за да не прими една мирољубива земја. На тој начин би паднале сите маски на ЕУ, како еден дволичен, неконзистентен сојуз, кој не успеал да се профилира како изградена принципиелна структура – вели Солза Грчева, претседателка на партијата Глас за Македонија.

И директно од Брисел е изразена јавна загриженост за веродостојноста на ЕУ за проширувањето

Освен словенечко-полската идеја за поддршка на Украина во конфликтот со Русија и негова импликација врз проширувањето на ЕУ, и претседателот на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, Михаил Рот (поранешен државен министер за Европа на Германија), изрази загриженост за веродостојноста на ЕУ во однос на проширувањето со земјите од Западен Балкан.
– Рускиот напад на Украина не го доведува во прашање само опстанокот на земјата туку ја загрозува и цела Источна Европа, но и стабилноста на Западен Балкан – изјави Михаил Рот.
Во објавата на Твитер, Рот предупредува дека нападот може да има сериозни последици, не само на Источна Европа туку и на Балканот, каде што државите се соочени со нестабилности и со различни закани.
– Путин не само што војува против Украина туку и го доведува во прашање правото на постоење на источноевропските држави. Тоа, исто така, ја торпедира и европската перспектива на Западен Балкан – предупредува Рот, истакнувајќи дека Европската Унија сега е на тест на докажување на својата веродостојност и одржување на одамна дадените ветувања. Тој појасни дека затоа треба да бидат решени сомнежите за пристапувањето на Албанија и на Македонија во Унијата, па ја повика Бугарија да запре со блокирање на процесот.
Македонскиот аналитичар и познавач на евроинтегративните процеси, Марко Трошановски, смета дека идејата за брз прием на Украина во ЕУ не е во насока на решение на конфликтот, но воената ескалација на руско-украинскиот спор може да го зголеми притисокот врз ЕУ за забрзување на процесот на проширување.

– Воено-политичкиот притисок што го создаде руската интервенција во Украина може да има ефект во смисла ЕУ да престане да го преобмислува процесот на проширување и постојано да наоѓа изговори за негово одложување. Во нашиот, македонски случај може да значи и зголемување на европскиот притисок врз Бугарија да престане да го блокира почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ. Сепак и понатаму останува дискутабилно дали земјите-членки на ЕУ ќе изградат консензус за поставување крајни рокови за прием на земјите-членки. Што се однесува до идејата за брз прием на Украина во ЕУ, тоа беше ризичен потег и во мирновременски услови. Таков чекор во овој миг може да предизвика само ескалација на антагонизмите. Но целата ситуација, во однос на земјите од Западен Балкан може да има ефект на придвижување на евроинтегративните процеси – смета Марко Трошановски, директор на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ од Скопје.


Македонија да не се истрчува во геополитичките конфликти

И според светските, но и домашните (гео)политички аналитичари, случувањата во Украина несомнено ќе имаат рефлексии од секаков политичко-безбедносно-економски вид, во Европа, а секако и на Балканот. Искуството и здравиот разум предупредуваат земјите што имаат сопствени внатрешнополитички предизвици, но и надворешнополитички искушенија дека не треба да се истрчуваат со ставови и потези при големи геополитички конфликти. Во такви услови, препорачливо е и Македонија да ги примири своите активности, кои наводно водат кон побрза евроинтеграција, како што се преговорите со Бугарија.
– Ние, т.е. претставниците на официјалната македонска политика на власт, веќе многу избрзавме со изразување ставови во однос на геополитичките конфликти, додека другите земји, па и сојузници реагираат повоздржано. Во услови на турбулентна геополитика, треба малку повеќе да подзапреме со активностите и манифестацијата на нашата желба за побрза евроинтеграција. И пред ескалацијата на руско-украинскиот конфликт ни беше потребна дистанца во процесот на преговори со Бугарија за да го повлечат ветото за почеток на нашите преговори со ЕУ. Особено што сѐ повеќе е очигледно дека условите на Бугарија наместо да се намалуваат – се зголемуваат. Освен тоа, треба да подзапреме и со спроведување на Преспанскиот договор, зашто ни Грција не спроведува ништо од својот дел од обврските. Неконзистентноста на ЕУ во однос на нејзините сопствени принципи, во однос на политиката за проширување и нејзиното поставување во ескалираниот геополитички конфликт во улога на монета за поткусурување, треба да нѐ натера да ставиме прст на чело и да преиспитаме – каде одиме и по која цена – вели професорката Солза Грчева.