Во музејот „Оранжери“, кој се наоѓа во поранешниот кралски двор Тулери од „Лувр“, на 20 септември годинава беше отворена изложбата посветена на Амедео Модиљани што ќе трае до 15 јануари 2024 година. Оваа ликовна изложба, по многу нешта необична и несекојдневна, е насловена „Сликарот и неговиот трговец“, се мисли на трговец на ликовни дела, на мецена или добротвор! Изложбата е составена не само од дела на Амедео Модиљани туку со свои дела се претставени и други современици, пријатели и колеги на Модиљани, значајни ликовни творци што на некој начин, кој повеќе кој помалку, го познаваа и се дружеа со него и сите заедно во тоа време ги градеа темелите на современите ликовни движења и како група вечни „боеми“ дејствуваа по кафеаните од Монпарнас и Монмартр. Значи, на изложбата се претставени ликовни фигури како Пабло Пикасо, Андре Дерен, Пол Сезан, Морис Утрило, Анри Русо наречен цариникот, бидејќи неговата професија била цариник, Џорџо ди Чирико, како и Пјер Август Реноар.
Сите овие сликарски имиња со нивните дела се присутни на оваа изложба бидејќи биле професионално поврзани со Пол Гијом, кој во почетокот на дваесеттиот век беше млад и амбициозен галерист, љубител на фигуративното сликарство и кој поседуваше значајна колекција скулптури донесени од африканските земји, дела што во еден период имаа значајно творечко влијание врз дејци како Пикасо и особено кај Модиљани, кој нивниот галерист Пол Гијом го нарекуваше „новиот пилот“. Пол Гијом имал професионални односи со сите споменати сликари што се претставени на изложбата. Така, од Пикасо се изложени некои од неговите познати жени бањарки, Пол Сезан, Морис Утрило, и Пиер Август Реноар со нивните пејзажи, како и Андре Дерен со неколку мртви природи. На изложбата се изложени неколку портрети на Пол Гијом изработени од Модиљани, а исто така на изложбата можат да се видат и портрети на Пол Гијом изработени од Андре Дерен.
Значајна и култна ликовна дружина што преку своите дела ни потврдува дека во нејзиното време уметниците се дружеле, знаеле да ги споделат убавите и тие понеубави нешта, понекогаш драматични и трагични настани какви што за целиот живот го следеле немирниот Амедео Модиљани.
Амедео Модиљани е роден во 1884 година во Ливорно, Италија, а уште многу млад се разболува од тешка туберкулоза. Модиљани е трето дете во семејството, неговите родители Фламинио и Еугени Модиљани решаваат да го запишат на Академијата за убави уметности од Фиренца. Во тој период, Амедео се воодушевува на ликовните творци од италијанската ренесанса, имиња како Белини, Карпачо, Чимабуе, Тицијан, Тинторето, и упорно ги копира и ги скицира нивните дела.
Во 1906 година, Модиљани се преселува во Париз и во прво време од престојот се определува за изработка на скулптури, од кој период остануваат триесетина фигуративни скулптури, но поради неговото кревко здравје во 1909 почнува да слика. Кафеаната „Ротонд“ е место каде што се собираат сликари и поети, се зближува со Морис Утрило и Сутин, а Пикасо по неколку средби со Амедео го нарекува „убавиот Италијанец“ бидејќи Модиљани навистина и покрај болеста што го мачеше однатре беше изразито убав човек, кој сигурно од тие причини неизмерно ги привлекуваше убавите девојки.
За овој дел од животот на Амедео Модиљани постојат и се провлекуваат две верзии, едната е дека постојано живеел во длабока сиромаштија и тотална беда. Амедео постојано го менувал местото на живеење и работење, а причината за тоа била дека многу ретко ги плаќал сметките за кирија. И во каталогот за изложбата се споменува дека често неговите пријатели, Морис Утрило или Сутин, го наоѓале Модиљани како и во зимскиот период спие врз клупите од Монмартр!
Втората приказна од животот на Модиљани е таа дека многу девојки добро ситуирани во Париз и други што доаѓале во француската метропола, многу брзо и често ги забележувале физичката и другата креативна страна што ги поседувал Амедео и многу од нив доброволно се согласувале да бидат покрај „убавиот Италијанец“ да му помогнат и еротски и финансиски. Но таквите врски тој ги прекинуваше од причина што таквиот „боемски“ живот и болеста, која во ниту еден момент не го имаше ослободено, го тераа да консумира големо количество алкохол, а потоа и дрога, од што стануваше агресивен и тешко комуникативен!
Љубовни авантури имаше премногу, повеќето од нив вештачки и донекаде трагични како што беше случајот со Полјачката Лунија Чековска, која за Модиљани го остави своето семејство и живееше две години со него. Модиљани изработил петнаесетина нејзини портрети, некои од нив изложени на изложбата, но по кратката љубовна сторија Чековска се враќа во семејството.
Интересна приказна е и таа со младата девојка од Квебек, Симон Тиру, која се решава да живее со Амедео, но набргу се разделуваат бидејќи Модиљани одбива да го признае нивното дете, кое Симон го донесува на овој свет.
Во таква емотивна и трогателна состојба, пријателот Макс Жакоб го запознава Модиљани со трговецот на ликовни дела, галеристот или добротвор Пол Гијон, кој му нуди на Амедео стан и сликарски простор на Монмартр. За возврат Амедео изработува неколку портрети на Пол, некои изложени на изложбата. Стотина слики од разни формати и исто толку цртежи поминаа во рацете на Пол Гијом се разбира за мала сума пари, но од таа „зделка“ Амедео некако финансиски се стабилизира.
Единствената изложба што ја има направено Модиљани за време на неговиот живот се случи на 3 декември 1917 година во галеријата „Берни“, но поради неколкуте слики на женски актови се случи скандал и изложбата присилно е затворена. Како утеха на изложбата ја запознава последната своја жена Жан Ебутерн со која ги споделува последните години од животот. Со Жан ја имаат ќерката Жан Модиљани. Со Жан Ебутерн одат на Азурниот Брег, по неколку недели престој во Ница се враќаат во Париз и од незнајни причини Жан Ебутерн привремено се преселува кај своите родители. За тоа време, Амедео повторно се враќа кон алкохолот и дрогата и така еден ден неговите пријатели Морис Утрило и Макс Жакоб кога влегуваат во неговиот стан го наоѓаат како лежи на подот. За Модиљани 1920 година беше пресудна и кобна. Кога Жан Ебутерн дознава за смртта на Амедео се самоубива, фрлајќи се од петтиот кат од нивната куќа.
На едно место од изложбата посветена на Амедео Модљјани пишува: „Сега ние немаме што да зборуваме, отсега нашите дела ќе го прават тоа“.
Коле Манев