Во отстапките е отидено дотаму што само за да ѝ се додворат на Атина, политичарите од власта во заминување наметнаа таква динамика на имплементација на Преспанската спогодба што дури и Атина остана без зборови, а кулминација беа брусењето на шахтите на кои стоеше сонцето од Кутлеш, забраната на употребата на старото државно знаме и забраната на приватни субјекти да го употребуваат името Македонија. Ваквиот опасен потфат, поддржан од одредени тесни интелектуални кругови во земјава, има цел директно да помогне во креирањето нов „северномакедонски“ идентитет оти автентичниот македонски идентитет ѝ беше подарен на Грција. Затоа е и толкава нервозата од страна на грчките власти, но и од првите луѓе во бугарската официјална политика, кои се свесни дека ако се овозможи личното право на самоопределување и на самоидентификација, тогаш паѓа во вода проектот за креирање нов „северномакедонски“ идентитет
Македонија повторно да се врати во фокусот на надворешните работи на МНР
Ниту по три дена не стивнуваат реакциите на чинот на инаугурацијата на новата македонска претседателка Гордана Силјановска-Давкова, кога изговарајќи ги зборовите од свечената заклетва, не ја спомена географската одредница пред името Македонија.
Реагираше Грција, реагираше официјален Брисел, со соопштение се јави и американскиот Стејт департмент, како и пратеници во германскиот Бундестаг, со што станува повеќе од јасно дека грчката дипломатија започнува нова интензивна офанзива во одбрана на Преспанската спогодба, иако актуелната грчка влада продолжува и натаму да тврди дека овој договор е лош за Грција.
Сепак, очигледно работите не се такви, бидејќи ако беше така, ништо не ја спречува владата на Нова демократија со нота да ја извести македонската страна и да го раскине договорот. Но официјална Атина ниту во најоптимистичките прогнози не се надеваше дека ќе добие ваква великодушна спогодба, која ѝ дава секаков можен ексклузивитет на терминот „Македонија“, на историјата, на идентитетот и сѐ друго што произлегува од тоа.
Безрбетна дипломатија на прифаќање сѐ и сешто
Причините за ваквата состојба лежат во исклучително лошата македонска дипломатија во последните седум години, која во најголем дел повеќе работеше да ги задоволи барањата на соседните држави отколку да ги заштити македонските национални интереси.
Во отстапките е отидено дотаму што само за да ѝ се додворат на Атина, политичарите од власта во заминување наметнаа таква динамика на имплементација на Преспанската спогодба што дури и Атина остана без зборови, а кулминација беа брусењето на шахтите на кои стоеше сонцето од Кутлеш, забраната на употребата на старото државно знаме и забраната на приватни субјекти да го употребуваат името Македонија. Ваквиот опасен потфат, поддржан од одредени тесни интелектуални кругови во земјава, има цел директно да помогне во креирањето на нов „северномакедонски“ идентитет оти автентичниот македонски идентитет ѝ беше подарен на Грција. Затоа е и толкава нервозата од страна на грчките власти, но и од првите луѓе во бугарската официјална политика, кои се свесни дека ако се овозможи личното право на самоопределување и на самоидентификација, тогаш паѓа во вода проектот за креирање нов „северномакедонски“ идентитет.
Затоа е жолчно инсистирањето да се употребува географската одредница во секоја пригода, за да може тоа да се одомаќини меѓу луѓето и да стане секојдневие, кое ќе води кон неминовниот идентитетски инженеринг.
Решителен дипломатски одговор кон сите
Сето ова јасно навестува дека македонската дипломатија мора сериозно да се подготви и конечно да почне да го работи она што е нејзина задача, да ги брани интересите на државата и на нејзините граѓани во меѓународни рамки, наместо само да се грижи да не биде повредено егото на Грција или на Бугарија, а не дај боже, пак, на Брисел.
Несомнено, грчката дипломатска мрежа реагирала експресно, лобирајќи за реакции од страна на официјален Брисел, додека македонското МНР наместо да ги објасни македонските позиции, почна да им дели лекции на претседателката на државата и на сите други, со апел за внимателност од сите политички чинители, особено од избраните државни функционери.
– Во текот на изминатите седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, што резултира со повеќекратно зголемување на економската соработка и градење позитивни односи меѓу граѓаните. Апелираме на внимателност од сите политички чинители, особено од избраните државни функционери. Одржувањето на евроатлантскиот курс на земјата е основен стратегиски интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата – велат во соопштението од МНР.
Очигледно е дека македонската дипломатија ја упатува пораката исклучиво до македонските политичари што одбиваат да бидат жртви на идентитетскиот инженеринг, притоа изнесувајќи невистини околу високото ниво на политички дијалог меѓу Грција и Македонија, кој всушност го нема, како и повеќекратната економска соработка, која исто така ја нема, но и на градењето позитивни односи меѓу граѓаните, кои и натаму кога патуваат во Грција се соочуваат со ословувања како „скопјани“ и слично.
МНР, предводено од министерот Османи, во овие неколку години ниту еднаш не реагираше до грчката страна да праша зошто доцни ратификацијата на трите меморандума во грчкото собрание, зошто не се променети информативните табли, зошто на секој протест на грчките земјоделци се блокира исклучиво границата кон Македонија, но не и кон Бугарија и Албанија, зошто не се направи граничниот премин Маркова Нога, но и зошто Грција одбива железнички да се поврзе со земјава.
Она што е повеќе од јасно, тоа е дека Македонија мора да подготви сериозна дипломатска офанзива доколку сака да ги одбрани националните интереси на меѓународен план, но, што е уште поважно, да го спречи идентитетскиот инженеринг подготвен во некои поголеми центри на моќ.
– Македонската дипломатија во последните седум години е буквално руинирана, нема никаков квалитет, туку во клучни земји се испраќаат луѓе што немаат дипломатски капацитет и затоа земјава на надворешен план ни е доведена на ова дереџе. Внатрешниот отпор кон „северизацијата“ несомнено ќе значи огромен дипломатски притисок на кој сме сведоци во последните неколку дена и тој не само што ќе продолжи туку и дополнително ќе се засилува. Сега ќе притискаат, ќе се закануваат со кратење фондови, вета и слично, но во суштина ако ние го загубиме она малку што ни остана, да бидеме Македонци, тогаш зошто ја правевме државата, за да бидеме нечии безимени слуги? Не, нашата дипломатија мора да се реструктурира и да се реорганизира, да се утврдат прецизни цели во надворешната политика и, што е најважно, да се објаснуваат нашите позиции и да се брани највисокото демократско човеково право, секој од нас, без оглед дали е на функција или не, да може лично да се самоидентификува онака како што сака. Тоа е врвот на човековите слободи, а ако Европа не е подготвена на такво нешто, тогаш веќе не говориме воопшто за Европа што сите ја посакуваат, туку станува збор за некаква уценувачка недемократска асоцијација што ги задоволува интересите само на големите играчи – велат поранешни дипломати.
Според нив, многу нивни колеги, докажани во дипломатската кариера, со години биле маргинализирани и тргнати настрана само колку да се вдомуваат разни партиски војници.
– Треба да се вратат луѓето со дипломатско знаење и капацитет, треба постарите амбасадори да се консултираат за повеќе прашања и како земја да изградиме соодветна стратегија како да ја објасниме нашата позиција и во однос на Преспанската спогодба, но и во однос на Договорот со Бугарија. Тие велат немало да има никакви промени, тоа е тоа, но, впрочем, тоа е нивна работа, да го штитат она што нашиве им го подарија. Дипломатијата мора да биде подготвена, агресивна, бескрупулозна, но и да се растрча наоколу, да регрутира лоби-групи, поддржувачи, да ја објаснува нашата позиција и во поглед на правото слободно да се декларираме дома како Македонци и да си ја нарекуваме државата Македонија. Тоа е наше право. Она што е официјално, тоа си стои во документите и таму е новото име и со тоа нашиот дел од Преспанската спогодба е исполнет. Сега треба да се избориме никој дома да не ни оспорува како ќе си ја викаме државата – порачуваат дипломатите.
Слаба дипломатија, среќни соседи
Понизната надворешна политика резултира со тоа што сите си зедоа слобода да се мешаат во внатрешните македонски работи, да диктираат промена на Уставот, на законите, на историјата, симболите, спомениците и слично.
Таква слобода си зеде и актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис, кој најде за сходно да ѝ кажува на македонската претседателка дека ги прекршила законите и Уставот на сопствената држава.
– Провокативниот избор на новата претседателка на С. Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин што го прекршува Договорот од Преспа и самиот устав на нејзината држава. Но и поткопување на иднината на државата – порача Мицотакис.
Сепак, посоодветно, ако веќе Грција сакаше да реагира, ќе беше доколку го направеше тоа грчката претседателка Катерина Сакеларопулос, инаку судијка и добра познавачка на правото, која и самата е свесна дека индивидуалното човеково право за самоопределување и самоидентификација е неприкосновено и е над сите меѓународни билатерални, мултилатерални или какви било договори.
– Мицотакис може да реагира до македонскиот премиер ако со нешто го прекршил Преспанскиот договор, но тој всушност со реакцијата сакаше да испрати порака до идната влада дека се подготвени на ново вето ако работите не се движат онака како што тие замислиле. Уште помалку е релевантна реакцијата на поранешниот грчки премиер Ципрас и на бившиот македонски премиер Заев, кои немаат никаква функција. Може да си се допишуваат меѓу себе на Фејсбук и да си разменуваат подароци, но генерално тие се нерелевантни, штетата за нас е направена. Наш фокус сега треба да биде европската агенда, како дома да си ги средиме состојбите. Грците, Бугарите, ЕУ нека си викаат, нека реагираат, но сите тие добро знаат дека никој никому не може да му го забрани личното чувство. Што не им забрани Мицотакис на илјадниците Албанци среде Атина да се декларираат како Албанци, да веат албански знамиња, да пеат албански песни? Друга работа ќе беше доколку македонската претседателка веднаш по свечената заклетва ја информираше Грција или Бугарија дека земјава се повлекува од двата договора, па тогаш да реагираат, но да ги креваат цела Европа и Америка само затоа што нашата претседателка ја споменала Македонија како лично чувство, тоа е апсурд над апсурдите – заклучуваат дипломатите со кои се консултиравме.